Резултати од книжевниот конкурс на тема „Туѓо тело“

26.08.2024 16:14
Резултати од книжевниот конкурс на тема „Туѓо тело“

 

На конкурсот за микро приказна (до две страници) или песна (до шеесетина редови) на тема Туѓо тело стигнаа околу 150 творби од 62 автор(к)и.

Наместо три или пет награди, заради воедначеноста на трудовите, решивме да доделиме 10 рамноправни награди во вкупна вредност од 10.000 денари, на следниве автор(к)и): Ана Мрак, Анета Попова, Билјана Ѓонеска, Будимка Поповска, Габриела Стојаноска-Станоеска, Добрин Коцев, Евдокија Заркова Иванова, Филипа Попова, Стефан Алијевиќ и Иван Шопов.

Автор(к)ите книгите во вредност од 1000 денари можат да ги подигнат на фестивалот Друга приказна, во кафето Станица, викендов, од 30 август до 1 септември.

Со оглед дека добивме мошне квалитетни дела решивме да направиме мала антологија на темата Туѓо тело, која ќе ја промовираме на фестивалот Друга приказна во петок на 30 август во кафето Станица. Освен наградените, во малата книга ќе бидат застапени следниве автор(к)и: Амаре, Весна Ацевска, Љубица Шопова, Марина Икономова Шокева, Моника Колева, Јулијана Младеновска-Тешија, Милена Сиљаноска, Марио Стојаноски, Ѓорѓи Крстевски, Тони Попов, Анастасија Марковска, Емилија Матаничкова, Виктор Алексовски, Зоран Радически, Трајко Јотов, Наташа Трајковска, Бјанка Станковиќ и Саша Станишиќ.

Еве ги и имињата на другите автор(к)и кои ги испратија своите раскази и песни на конкурсот. Барем десетина од нив заслужија да влезат во малата антологија, но од технички причини, за жал, овојпат не влегоа:

Ана Чушкова, Анета Велкоска, Билјана Дејановска, Васја Мицковски, Владо Поповски, Габриела Станоевска, Дејан Крстески, Елена Соколоска, Елена Петрова, Емилија Гиноска, Емануела Ковачевска Китановска, Иван Русјаков, ИП, Јордан Николов, Кирил Зарински, Кристијан Фидановски, Маја Мојсова, Марија Светозаревиќ, Миле Митев, Милена Неделковска, Моника Стојановска, Надица Тренчева, Наташа Брезовска-Богоевска, Наташа Трајковска, Мена Месечева, Славица Милева, Станка Бајлозова-Барламова, Стефан Котевски, Тања Јовевска, Фросина Соколоска, Фанија Макешоска и Vian Gray.

На сите автори искрено им благодариме на учеството. Навистина направија настан од овој конкурс, за кој скромно мислевме дека ќе добиеме педесетина дела од дваесетина автор(к)и. Нашите очекувања трикратно беа надминати, по заслуга на вредните и талентирани писател(к)и. Квалитативното ниво на делата исто така е на високо рамниште зашто речиси две третини од делата заслужуваат објавување.

 

За крај, за уживање, еве три од најдобро оценетите десет творби:

 

Анета Попова

Пејзаж

Едно од најубавите нешта што некогаш сум ги прочитала
е онаа изјава на А.Варда:
„Ако ги отвориме луѓето, внатре ќе најдеме пејзажи“,
па сега непрестајно те отворам и затворам
само за да видам како се полни месечината.
Понекогаш не те ни затворам целосно,
па од таму со денови капе вода и морам да пливам.

***

Ана Мрак

Кататонија

Поглед закован.
Невидлива точка
виси во воздухот.
Мермерно тело, нем ум
црно-бел филм без тон.

Оваа човеколика лушпа
станува неудобна.
Наместо ребра имам оревокршачка.

***

Евдокија Заркова Иванова

Река

Не дека ми беше нешто посебно жешко. Повеќе ми беше мачно додека ја чувствував реата на мочка што во налети се ширеше од речиси пресушената река.
Гумени кукли, со дупки место очи, зјапаа во мене. Откорнати раце и нозе пливаа наоколу, а во далечината се слушаше аплауз.
Со јазикот ги истуркав расклатените заби од устата и ги исплукав во реката.

Слики: Владимир Лукаш

Слични содржини

Општество / Активизам / Книжевност
Книжевност / Култура / Уметност
Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото