1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
Таа година на Истокот избувнала жестока војна, војна која повеќето негови жители ги претворила во бегалци од сопствената земја. За време на војната сите лица со црвена коса се сметале за нелегални жители. Овие луѓе се сметале за аутсајдери едноставно затоа што живееле во земјата во која биле родени и каде што биле закопани нивните предци. Вестите за војната продирале во секоја дискусија, вовлекувајќи се дури и во тишината и во погледите што луѓето меѓусебно си ги разменувале, бидејќи имале очајна потреба од солидарност, особено откако ударите на источниот отпор стигнале до самиот град од кули.
Причината за оваа војна била истовремено неверојатна и вистинита. Некогаш одамна Истокот и Западот биле една земја, а реката што сега ги дели тогаш се нарекувала со едно име. Многу одамна, некој крал со црна коса, кој не правел разлика помеѓу Истокот и Западот, знаел да каже дека како што неговата земја има крајбрежна и планинска област, на исток живеат луѓе со црвена коса, а на запад со црна. Сè додека еден ден неговата кралица, која исто така имала црна коса, не родила дете со црвена коса.
Сите биле вчудовидени, особено откако се открило дека кралицата му признала на кралот оти татковци на сите нивни деца биле други мажи и оти таа не е ќерка на човекот за кого кралот верувал дека ѝ е татко. Сепак, таа го уверувала дека никогаш не била со маж со црвена коса. Кралот бил многу збунет и по неколку дена, откако ги преиспитал своите одлуки, ѝ се извинил на својата кралица што се оженил со неа без вистински да ја познава и без да ја слушне нејзината приказна.
Кралицата му простила на кралот откако ја објаснила својата измислена теорија, според која желбите на жената се пропорционални со нејзината убавина, а ако жената не ги негува своите желби според својата убавина, тогаш убавината избледува и се губи. Така, таа продолжила да води грижа и ја зачувала и својата убавина за себеси, за него и за царството кое ќе остане убаво сѐ додека неговата кралица е убава. Кралот сметал дека зборовите на кралицата се навистина убедливи и се согласил со неа дека детето со црвена коса е порака од духовите на неговите кралски предци, што укажува на тоа дека и тој не бил нивни син.
Кога меѓу народот се дознало оти кралот решил да го стави црвенокосото дете во кошница и да го пушти по реката за да се врати кај своите кралски предци, еден човек од Истокот, со коса подолга од две раце, го посетил кралот и го известил дека причината за црвената коса на детето не била порака од неговите кралски предци, туку човекот кој имал односи со кралицата за време на една од нејзините посети на Истокот имал црвена коса. Кралот ги отфрлил зборовите на долгокосиот црвенокос и, по кратка расправија, го избркал од својата палата, останувајќи одлучен да го испрати детето во кошница по реката кај неговите кралски предци.
На кобниот ден на извршувањето на одлуката, кралот и неговата придружба пристигнале од западната страна на реката, додека долгокосиот црвенокос и неговите придружници пристигнале од исток. Таму дошло до крвава пресметка во која црвенокосото дете било убиено со копје што му го проболо срцето, кралот бил убиен од мечот на долгокосиот црвенокос човек, а самиот долгокос и црвенокос бил убиен од стрелите на кралската придружба. Така, земјата била поделена на два дела, а реката добила две имиња. Избувнала војна која траела додека кралицата не остарела и не ја изгубила сета убавина, но не и својот копнеж.
Оваа војна се случила во древно време, пред околу сто години, откако луѓето научиле да јаваат животни – и покрај поминатото време и изумот механички луѓе да ги заменат животните, двете страни продолжиле да им ја пренесуваат приказната за оваа војна на своите деца. Сите историчари се согласуваат дека тоа е потеклото на таа војна и на сите последователни војни до денес.
Слики: James Mortimer
Превод од англиски: Елена Митреска
Од книгата „Проколнатиот Едвард“, од Адел Фаисал Ал-Зоaби, издадена од Дар Ал-Фараби, Бејрут, Либан, страници 113–116.
Адел Зоаби е палестински и арапски писател и поет. Неговите дела опфаќаат различни жанрови, вклучувајќи фикција, критички есеи и поезија. Активен е во поддршката на локалната писателска сцена во Тел Авив и Назарет, од каде што потекнува.
Неговиот роман „Едвард Проколнатиот“ од 2015 година го отсликува неговиот ангажман преку комплексните културни теми. Во овој роман авторот навлегува во животот на главниот лик, Едвард, кој се справува со низа лични и социјални предизвици. Романот кај критичарите е препознаен како значајно дело кое го подобрува разбирањето на модерната арапска литература и фрла светлина врз човечките и општествените прашања.
„Никој“ е фикционален роман на кој авторот работи последниве шест години. Дејството се одвива во задгробен живот каде душите мора да се соочат со своите минати гревови и нанесени неправди пред да се преселат во нивното последно почивалиште. Поединците на кои им е сторена неправда во текот на животот мораат да добијат искрено извинување од оние што им згрешиле за да најдат мир и премин во следната фаза на постоење.