Не сме сами

27.08.2024 17:55
Не сме сами

Еден од најдобрите раскази на конкурсот на тема Туѓо тело.

 

Беше ноќ, како во секоја приказна за неочекувана морничава трансформација, кога првпат забележав дека прстите почнале да ми исчезнуваат. Најпрво умот одби да ги обработи сензациите на окото, па наместо да застанам и почнам да врескам, продолжив да размислувам за истите глупави работи за кои размислував цело лето:

1. Дали да си ги ишмирглам петиците или конечно, после 30 години, да закажам педикир?

2. Зошто не можам длабоко да се поврзам со друга личност? Зошто ми е тоа важно и дали другите луѓе исто така не можат, но не признаваат?

3. Зошто го генерализирам целото човештво со кованицата „другите луѓе“? Од каде ми е потребата да се поставам сам наспроти светот?

4. Дали е ова на некој начин поврзано со моите цврсти неишмирглани петици? Дали, можеби, изолацијата која намерно ја одбирам ми ја здебелува и отежнува кожата?

Можните одговори летаа низ воздухот, а умот ги шмукаше од таму како жеден квази-маченик кој на пола аџилак сфатил дека духовноста не е за него, а ни организирањето долги патувања оти не пресметал колку вода навистина ќе му биде потребна на Патот. А потоа, како што маченикот се заплеткува во своите маки - а и квази-маченикот - умот ги заплеткуваше одговорите со нови прашања и тешки воздивнувања, јадејќи гo слаткото од „благосостојбата“. И така тоа траеше и траеше, речиси цело лето, сè додека ноќта на дваесет и први август конечно умот не прифати дека прстите почнале исчезнуваат, веќе неколку дена.

Како и секој ум, тој (бидејќи во Македонија е маж) се обиде да ги пронајде (или смисли?) разните објаснувања за овој несекојдневен феномен. Недоволна хидрираност? Пречеста консумација на хемиски непроверени супстанци? Најпосле, его-трип?! Шизофренија!? Или месечината во Водолија симболично ми посочува дека е време да се откажам од старите непотребни нешта, на пример, прстите??? ААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААААА

Како што рационализациите стануваа сè поирационални, почнав да врескам и да трчам. Брзав со длабоко верување дека трчајќи ќе го престигнам времето и ќе го спречам исчезнувањето. Во состојба на страв и лудост, се приклонив и кон митолошките објаснувања за светот и застанав под една зелена тенда која ме криеше од месечината во случај таа да е виновна за трансформацијата. Собирајќи си го здивот под тендата, забележав дека ми ги нема ни дланките. А познавајќи си го бедниов бавен ум, сигурно исчезнале и порано, можеби пред воопшто да излезам од дома.

Сега, денес, немам ни раце.

5. Како го пишувам сведоштвово? Со нозе. Не се шегувам. Пишувам со нозе, туѓи, да ги наречеме протетички.

6. Која е причината за исчезнувањето на речиси целото мое тело? Не знам.

Само знам (ама, познавајќи ми го умот, колку вистински можеме да сме сигурни?) дека ја запознав Зорка три часа откако ми исчезнаа рацете. Нејзе ѝ исчезнуваше главата. На Пјотр торзото, на Седвик внатрешните органи, на Гризелда срцето, а на Георги нозете. Се најдовме и соединивме, разврескани и преплашени, во еден ќорсокак, на полноќ, за време на полна месечина.

Денес јас сум само глава, односно една од неколкуте глави кои ја сочинуваат Големата Глава на еден огромен искасапен, испозалепен организам. Хибрид од сечии остатоци. Високи сме 243 цм. Имаме четири скелети и слоеви кожа, сите речиси цели, три пара нозе и четири пара раце. Името ни е „Ние“. Но не сме постојано сплотени. На пример, едвај ги убедив нозете на Пјотр да седнат пред лаптопот и да го напишат ова сведоштво. Другите, односно Ние, сега спиеме.

7. Кои сме вистински? Не знам, важно не сме сами.

Слики: Scott G Brooks

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото