1022 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Чет, 23.01.2025 09:59
(Кон претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, фестивалска премиера на Дубровничките летни игри во режија на Вито Тауфер. Главни улоги: Лука Перош, Адријан Пездирц, Фрањо Дијак, Ружица Маурус, Филип Шоваговиќ)
Последната пиеса на големиот драматичар Вилијам Шекспир не би можеле да ја одредиме ни како комедија, ниту како трагедија, така што тоа е дело чија жанровска амбивалентност предивикува големо интересирање и кај режисерите, но и кај актерите. „Бура“ се случува на остров каде што напуштениот и онеправдан Просперо го наоѓа своето засолниште и каде што неговото владение не е со војска и народ, туку со етеричните суштества и секако со хировите на неговата ќерка Миранда. Вака структуираната бајка во која на две нивоа се случуваат и другите приказни: оние на бродоломниците, блиските кралски роднини на Просперо кои ги доведува Ариел, воздушниот дух кого Просперо го спасил од лошата вештерка Сикоракс и кој е сега во негово владение, а во негово владение е и нејзиниот син, грдото човеколико чудовиште Калибан, кого испијанетите приземни суштества Стефано и Тринкуло успрваат да го насамарат.
Вито Тауфер се осврнал кон другата страна на оваа комплексна приказна на Шексапир, а тоа е на страната на моќниците и нивната безусловна конвергенција и успеал со својот препознатлив режисерски ракопис да го осовремени ова тестаментарно Шекспирово дело навлегувајќи во просторот на Ариел и Калибан каде што се заглавуваат властодршците како во жива песок. Она што е релевантно во овој концепт е премерувањето на доминацијата која мудриот Просперо на Тауфер успева да ја определи не по своето убедување, туку по крајните консеквенци на неговата лична историја зашто како што вели Ариел: „Пеколот е празен, зашто сите ѓаволи се овде!“ Тауфер, разбудувајќи ги тие ѓаволи прави динамична и остра претстава чија конкретност и егзактност ги изнедруваат најболните канцери на денешните моќници. Споредувајќи ја интактноста на Миранда со нејзината сировост, тој лукавоста и препреденоста на заринкатана кралска фамилија ја остава да се претвори во фарсично повторување на историјата која во поттекстите на Ариел ја преведуваме како déjà vu. На оваа споредбеност, Тауфер ѝ дозволува да се спротивстави чистата љубов, но и слободата која за првпат ја чувствуваат и Миранда и Фердинанд, но и Ариел и Калибан.
Сите си заминуваат во своите засолништа, а се чини дека и ние, како гледачи се потсетуваме на тоа дека современиот свет сепак има свои авторитарни личности и дека политиката сепак потонува во водите од каде што одвај се извлекол бродот којшто го искршила бурата на надоразбирањето. Тауфер со својот режисерски концепт нè потсетува дека музичката облога на ова видување е една Брехтовска опстојност која на целата претстава ѝ дава постдрамска вредност што се чини дека е еден од најдрагоцените слоеви.
Оваа „Бура“ има сјајни актерски остварувања во кои предничи сјајниот Ариел на младиот актер Адријан Пездирц, лик чија етеричност овој талентиран актер ја претворил во брутална пластичност која заедно со неговата музичка обоеност овој лик го доближува до современата почва, вдахнувајќи му живот кој кореспондира со тактилноста на денешното живеење. Ова секако не го прави овој Ариел помалку дух, туку талентиранот Адријан Пездирц од него направил фино, а во исто време опасно андрогино суштество кое во своите раце ги има сите магии на овој свет, освен онаа што ја има неговиот господар Просперо. Одлична актерска креација која нејзината музичка обоеност ја прави парадигматична. Просперо на Лука Перош е точно одреден лик, чиј персоналитет е задушен во онеправданоста. Неговата здржана актерска игра, неговиот здржан израз нè потсетува на тоа дека неговата доминација е сега подарена на природата, дека неговата мудрост е единствената алатка што ја има, а неговата љубов е целата предадена на неговата ќерка Миранда. Лука Перош гради лик чија тишина боли најмногу од сè на островот, чие страдање е бескрајно, па затоа суптилноста и емотивноста на овој актер се вистинските формули за одлично одиграниот лик, додека целиот негов бес е само спомен за нешто што никогаш нема да се врати, но дека надежта е сепак онаа што ќе го покаже вистинскиот пат. Иако ненаметлив, овој Просперо на Лука Перош е исклучително иновативен и досега невиден во различните видувања на „Бура.“
Кога сме веќе кај различноста во толкувањето, Миранда на Ружица Маурус е токму таква: убава, сирова и по малку неспретна. Оваа симпатија во нејзината интерпретација ни ја доведува чистата љубов и нè наведува на тоа да помислиме колку чини наивноста и колку стравот е инспиративен. Контрастна, но со голема животна радост, Миранда на оваа млада актерка е нешто сосема друго од резонирачки расположена млада девојка каква што можеби би била на прв поглед. Не, оваа Миранда е полна со искри, диманична и смела, наивна и правична, но и сензуална и заводлива. Со многу валери, Миранда на Ружица Маурус е лик кој донесе многу свежина во ова видувањње на ова Шекспирово дело. Овде мораме да се навратиме и на еден многу интересн лик, а тоа е дивиот Калибан на Фрањо Дијак. Калибан е еден од оние ликови на Шекспир кои не се ниту човек, ниту чудовиште. Вештерски син, Калибан е другата страна на Миранда: наивен, но насилен, динамичен, но глупав, добар, но сокриен во тоа. Фрањо Дијак создава лик кој својата проминентност ја наоѓа токму во тоа: во контрастите што ги донесува добрината и природата што му ја дала неговата мајка, вештерката Сикоракс. Одлично спакуван во својата бајковитост, овој Калибан не е потонат во својата грдост, туку е оплеменет со една наивност која Фрањо Дијак ја одигрува доста умешно. Она што импонира во оваа претстава е и сјајниот лик на Гонзало, кого извонредно го одигрува Филип Шоваговиќ, доајенот на хрватското глумиште. Чесниот стар советник, којшто е една мека варијанта на Ришелје, човек чија манипулативност е засекогаш изгубена во морските бранови по бродоломот којшто го доведува на островот, Филип Шоваговиќ го одигрува маестрално, создавајќи лик кој чмае во својата неодреденост, лик кој полека и резигнирано го чека своето исчезнување. Неговиот Гонзало е епизода која е една од најсјајните мигови во претставата.
„Бура“ се одигрува токму на остров, на Локрум на којшто се доаѓа со брод, токму како и бродоломниците кај Шекспир и целата таа уметнички многу функционално оформена атмосфера која е сценографско решение на Андреа Рондовиќ е визуелниот јазик на претставата потхранет од одличните костими на Ален Хранитељ чија колоритност, а во некоја рака и осовременетост ја одредуваат и концептуалната поместеност кон осовременувањето на приказната за Просперо и неговото страдање. Не можеме, а да не се осврнеме и на музиката на Дамир Мартиновиќ Мрле и Иванка Мазуркиевиќ која се изведува на сцена, што е уште еден индикатор за тоа колку денешниот аспект на оваа комплексна приказна може да биде актуелен. Како точка на „и“, функционалната и суптилна кореографија Лео Мујиќ нè потсетува на тоа дека сите бајки имаат корен во реализмот, па така и оваа.
Шекспировата мудрост е далекусежна, а „Бура“ е веројатно пресврт во неговите дела кој, за жал не се случил заради неговата прерана смрт, но неговите пораки говорат за бесмртноста на автократијата и манипулативноста. Оваа „Бура“ е дијамтрално различна од другите инсценирани верзии на ова драмско дело. Вткаена во современите милјеа на омразата и деструктивноста, приказната на Шекспир во оваа сјајна претстава зазвучува многу блиску до нас, со сите свои погубности и надежи. Да, Вито Тауфер ни вели дека сепак има надеж, но дека тоа најмногу зависи од запирањето на политичката вртоглавица. И дека човекот е сепак човек, колку и да се предава на утописките прерогативи на своите очекувања.
Фото: Марко Ерцеговиќ