Изгубеното лето на популистите

29.08.2024 00:19
Изгубеното лето на популистите

Сетете се на крајот на јуни и почетокот на јули. Француската радикална десница беше фаворит за победа на вонредните парламентарни избори. Судиите наклонети кон Трамп во САД соодветно ги решаваа правните неволји на поранешниот претседател, кој изгледаше дека е на сигурен пат кон победата по катастрофалниот настап на претседателот Џо Бајден на дебатата. И додека во Британија власта ја преземаше Лабуристичката партија, новата антиимиграциска партија која ја предводи главниот заговорник на Брегзитот, Најџел Фараж, остваруваше невидени успеси. Соочени со сите овие настани аналитичарите предупредуваа дека бранот на популистичкиот „бес против естаблишментот“ ги преплавува демократиите ширум светот.

Во меѓувреме мрачниот поглед на коментаријатот беше ублажен со нови извори на политичка надеж. Не само што нема многу докази за „популистичкиот бран“ - што е метафора која евоцира слики на партии од екстремната десница кои неминовно ја преземаат власта во многу земји - туку неодамнешните искуства сугерираат изводливи стратегии за сузбивање на таквите сили.

Лекцијата од изминативе месеци би можела да звучи како труизам: сите партии кои ја ценат демократијата мораат да се обединат за да одговорат на антидемократската закана. Тоа се случи во Франција, на изненадување на многу аналитичари. Партиите од левицата формираа Нов народен фронт, евоцирајќи сеќавање на борбата против фашизмот од триесеттите години на минатиот век, кога социјалистичкиот лидер Леон Блум поведе коалиција комунисти, социјалисти и либерали во одбрана на републиката.

По изненадната одлука на претседателот Емануел Макрон да го распушти парламентот, левицата прибегна кон креативни решенија, додека радикално десниот Национален фронт на Марин Ле Пен остана затекнат. Но, што е уште поважно, Новиот народен фронт не се потпираше само на апстрактни демократски вредности; постојано укажуваше на про-бизнис плановите на радикалната десница, јасно ставајќи до знаење дека Национален фронт не е партија која како што тврди се залага за работниците.

Втората лекција доаѓа од Соединетите држави, каде малкумина можеа да ги предвидат ентузијазмот и изливите на радост со објавувањето на новата изборна листа на демократите. Потпретседателката Камала Харис, како актуелна функционерка, вешто се претстави како претставничка за промени, за разлика од поранешниот претседател Доналд Трамп и актуелниот претседател Бајден. За свој потпретседател го избра гувернерот на Минесота, Тим Валс, кој воодушеви многумина со својот опис на листата на републиканците, особено кандидатот за потпретседател Џ. Д. Венс, кој го опиша како „чуден“. Најпосле, како што изгледа, демократите заиграа тврда реторичка игра каква што отсекогаш игра десницата.

Секако, самонаречените центристи кои проповедаат цивилизиран дискурс не се баш задоволни и ги потсетуваат демократите дека коментарите за „бедниците“ ја прогонуваа Хилари Клинтон во целата кампања во 2016-та година. Сепак, осудата на изразот „чуден“ како детинеста навреда ја промашува поентата. Во борбата против популизмот на радикалната десница, овој епитет би можел да биде особено ефикасен.

Најпосле, кога тврдат дека зборуваат во името на „вистинскиот народ“ или „тивкото мнозинство“ популистите од радикалната десница се прикажуваат како претставници на нормалноста. Во Германија, еден од слоганите на радикалната десничарска Алтернатива за Германија гласи: Deutschland, aber normal (Германија, но нормална). Наводната база на популистите отсекогаш се претставува како „обичен народ“ кого го загрозуваат подлите елити и заканувачките Други. Така популистите го поттикнуваат стравот од веќе загрозените малцинства, било да се бегалци или трансродови лица.

Паметните антипопулисти треба да го насочат својот реторички оган кон лидерите на популистите, а не кон нивните следбеници. Венс е „чуден“ зашто е опседнат со контролата на женските тела и казнување на оние што немаат деца и зашто делува наклонето кон монархистите и разните јунаци на алт десницата. Републиканската партија сега зазема многу позиции кои се далеку од традицијата на американската политика; отвореното дивеење на автократите е очигледен пример. Сето тоа може да се истакне, а притоа да не се сугерира дека гласачите на републиканците се чудни. Поентата е да се оспори приказната за нормалноста на лидерите кои се сè само не тоа.

Популистите од радикалната десница кои тврдат дека зборуваат во името на тивкото мнозинство всушност го претставуваат гласното малцинство. Тоа самото по себе не е проблем; многу прогресивни движења започнале на ист начин. Но движењата кои се преправаат дека зборуваат во име на мнозинството, додека ги оцрнуваат сите останати, претставуваат закана за демократијата. Не е случајно што популистите кои губат на изборите често прибегнуваат кон обвинувања за измама. Бидејќи тие наводно го претставуваат тивкото мнозинство, изборниот пораз може да ѝ се припише само на нечесната игра, главно на „либералните елити“ кои наводно некако го замолчиле мнозинството.

Антипопулистите треба да знаат дека мнозинството не ги поддржува радикалните десничарски сили. Првите неколку недели од новата лабуристичка влада го потврдија ова лековито согледување. Британија неодамна доживеа најголеми нереди во изминатата деценија, додека дезинформациите го поттикнаа расистичкото насилство. Иако внимаваше да изрази отворена поддршка за насилството, Фараж наговести дека насилниците имаат легитимни поплаки заедно со тивкото мнозинство. Меѓутоа, анкетите зборуваат дека само еден од тројца Британци ги поддржува антиимиграциските протести, додека доминантното мнозинство се противи на нередите.

Навистина, аргументот „Ние сме повеќе!“ - слоган кој го смислија антипопулистичките демонстранти во Германија - има ограничена сила. Иако радикалната десница лажно тврди дека има монопол над нормалноста, вистина е дека радикалните десничарски партии се нормализираат така што сè повеќе политичари од десниот центар ја копираат нивната реторика или со нив влегуваат во коалиција. Позицијата фокусирана на одбрана на демократијата е неопходна, но не и доволна за да се спротивстави на овој тренд; мора да се понуди и позитивна визија. Тоа е она што летово го направија француската левица и британските популисти.

Оние кои на терен агитираат за Камала Харис граѓаните ќе ги прашаат за што таа навистина ќе се залага, освен што е алтернатива на Трамп-Венсовата „чудност“. Тоа е легитимно прашање на кое антипопулистите ќе мораат да имаат солиден одговор.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Andrew Tseng

Извор: https://www.project-syndicate.org/