1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
Три момци одлучуваат да формираат бенд, имаат 18, 19 и 20 години, им се допаѓа панк рокот. Групата од Минесота се одлучува за необично име „Hüsker Dü“ што на дански и норвешки (Hūsker Dū?) значи „дали се сеќаваш“. Момците сами додаваат две точки над двете букви „у“, зашто тоа им звучело „металски“ (Blue Öyster Cult, Queensrÿche, Motörhead, the Accüsed, Mötley Crüe).
Момците вежбаат, една година по основањето настапуваат за првпат, а четири години од основањето го снимаат првиот албум „Everything Falls Apart“ (1983), следната година излегува вториот албум. Станува збор за митска плочка, поточно две плочи. Двојниот албум „Zen Arcade“ до денес остана скриено богатство на модерната музика, албум кој може да се фати тешко, како да се менува со секое ново слушање.
Потоа бендот сними уште четири албуми (вкупно шест), а потоа се распадна во 1988 година.
Албумот „Zen Arcade“ ни раскажува приказна за момче кое бега од дома зашто е незадоволно од животот со семејството, но брзо сфаќа дека животот надвор од дома, во големиот свет, е уште полош од грозниот живот со родителите.
Момците сакале да снимат нешто големо и нешто поинакво, но не сакале да прават компромиси. Сакале да снимат албум кој ќе излезе од сите рамки, а пред сè од рамките на рокенролот и сите поджанрови кои настанаа од таквата голема идеја, вклучувајќи го и тоа што го свиреа: хардкор, панк рок, инди... Сакале да излезат од сите рамки, но и да не ги напуштаат маргините. Резултат е двојниот албум (70 минути) кој посветените ќе го слушаат и толкуваат во следните децении.
Бендот вежбал и смислувал песни во поранешна црква, која била претворена во панк куќа, место за концерти и дружење. Кога завршиле со пишувањето песни и вежбањето, не без проблеми и кавги, момците заминале во Калифорнија за сето тоа да го снимат. Снимањето е неверојатно. Само две песни („Something I Learned Today“ и „Newest Industry“) се снимени по неколку обиди, а сè останато (снимени се вкупно 25 песни) е снимено од прва. Сè било готово за само 40 часа. На некои бендови им е потребно толку време само да наместат звук за една песна.
Потоа за вкупно 40 часа целиот албум е измиксан во еден здив. Сè чинело 3 200 долари.
Немало синглови зашто бендот сакал албумот да се слуша и анализира како целина.
Значи, бендот замислил амбициозен албум, концептуално дело, сакале да раскажат приказна преку песните. Сето тоа го напишале и извежбале а потоа во студио поминале вкупно пет работни денови. Зошто не сакале да го „пеглаат“ албумот како и многу други бендови? И што би постигнале со тоа?
Се чини дека не сакале и самиот звук да биде во склад со приказната. Звукот е рефлексија на приказната за пропаста на семејството, како и поединецот кој се обидува да побегне од семејството, но се наоѓа во свет кој исто така пропаѓа. Распадот и илузијата дека таму некаде нештата се поинакви, подобри, не би биле автентично прикажани доколку сè било спакувано во поп продукција, доколку се повторувало до бесвест за да се добие совршена снимка. „Hüsker Dü“ не можеле поинаку да бидат автентични освен таквата приказна да ја раскажат на еден, два, три...
Резултатот е неверојатен. Бендот успеал да создаде нешто чудесно, албум кој може да се слуша одново и одново. На снимањето се случило нешто, песните звучат панкерски, сурово, евтино снимено (особено од денешна перспектива), но истовремено се мошне софистицирани. Песните, онака како што се направени, се некако недофатливи, небаре нешто ви даваат, само за да ве заинтригираат, да ве наведат да влезете внатре, а потоа сè се извлекува, како сè да било илузија, фатаморгана. Со секое ново слушање одите понатаму и понатау, но никогаш не можете да дојдете до крајот. „Hüsker Dü“ ни оставија чудесен албум кој допрва треба да го анализираме и толкуваме.
Некои од важните албуми на другите бендови кои се појавија по завршувањето на кратката кариера на „Hüsker Dü“ (вкупно девет години, од кои за пет години снимиле шест албуми), се настанати така што авторите се обидувале да ја разберат буката кои ја создаваа „Hüsker Dü“.
Токму таа бука е уметност. Но таквата уметност мора да ја пронајде слушателот, тоа е уметност која постои само во главите на слушателите. „Zen Arcade“ продолжува да „свири“ во вашата глава и кога сите уреди ќе стивнат. Ако дозволите буката да ви се вовлече во умот, нема да можете да се ослободите од неа, ќе ве следи како дух каде и да одите и ќе ве клука со чудни мисли. Веројатно веќе ништо друго не ви треба од уметноста.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://lavalab.rs/