Томислав Марковиќ: Не смееме да престанеме во чудовиштето да гледаме чудовиште

30.08.2024 14:45
Томислав Марковиќ: Не смееме да престанеме во чудовиштето да гледаме чудовиште

Денеска почнува фестивалот „Друга приказна“. На списокот на гости надвор од земјава имаше и писатели чии имиња не ми беа познати, па почнав да чепкам и читам и еден од нив што особено ме заинтересира е Томислав Марковиќ. На Окно има објавено неколку негови песни и текстови, а на Гугл можат да се најдат стотици колумни кои во изминативе години со неверојатно пишувачко темпо ги објавува во српските, а и регионалните медиуми.

Се радувам што во рамки на фестивалот уште вечер ќе имаме можност да го видиме и слушнеме Томислав Марковиќ во живо, во Скопје, а во пресрет на таа средба – ова интервју, како едно меѓузапознавање со него, со неговите книжевни интереси и со неговата лектира (за жедните – референци безброј!).

За Вас како автор дознав кога Окно.мк почна да објавува Ваши текстови во пресрет на фестивалот „Друга приказна“ и изминативе денови се изначитав Ваши колумни. Се чини дека од пишувањето поезија се имате „префрлено“ на колумништвото?

Отсекогаш пишував различни форми, книжевни, сатирични, публицистички, и во секој период некоја доминираше. Последниве години тоа се колумните, поезијата е на чекање, како и некои други почнати ракописи. Две книги ми се напишани до пола, од кои едната е студија за книжевното дело на Предраг Чудиќ, поет, прозен писател, есеист и сатиричар од постарата генерација, кој неправедно е занемарен во српската критичарска јавност. Вториот ракопис е сатирично-теориски (ако такво нешто воопшто постои) под работен наслов „Речник на паракнижевни термини“, во кој, во лексиконска форма, обработив некои новоисковани книжевно-теориски термини кои ги имаат смислено угледните српски критичари, универзитетските професори, писателите и членовите на жири-комисиите на најважните книжевни награди. Тука врие од несмасни хумористични поими, како што се: прастари почетоци на темнината, гласот на исконското, книга на вселенското музичко средиште, национална загуба, слушање на народот, поетско ајдуштво, тапкање над празнината или светлосно просјајување на полифониското соочување со битието (не сум сигурен дали многу од нив се преводливи на македонски или на кој било друг јазик, а и на српски звучат бесмислено). Под влијание на околностите, колумните доминираат последниве години, затоа што тоа ми е основна професионална дејност, но тоа не ме загрижува; книжевноста е трпелива, ќе си го дочека своето време.

Според Гугл, од 2005 година немате објавено нова книга. Дали тоа значи дека помалку пишувате книжевни текстови, помалку се фокусирате на објавување (во форма на книга) или помалку верувате во моќта на поезијата/книжевноста денес?

Не треба на Гугл да му се верува на збор. Всушност, најважните книги ги имам објавено по 2005 година. Збирката сатирична поезија и алтернативните книжевни форми „Време за смрт и разонода“ излезе во 2009 година, книгата песни „Човекот зева по војната“ во 2014 година, избраните и нови песни „Напред во зло“ се објавени во 2017 година во издание на цетињскиот Отворен културен форум, книгата со сатирична проза прошарана со поезија „Голема Србија за мали луѓе“ во 2018 година, во сараевската „Бајбук“. Наскоро би требало да се појави и книга на избрани публицистички текстови за воено-злосторничкото наследство, под работен наслов „Едначење на злосторството по звучност“, во издание на мостарскиот центар за критичко мислење. Подготвувам и книга есеи на книжевни теми, главно за поезијата, односот на литературата и идеологијата. Тоа се текстови кои се веќе објавувани во медиумите, шверцувани под формата на колумната, иако всушност, жанровски, се нешто друго. Колумната е згодна форма, затоа што е растеглива, неодредена, сè живо може да помине под колумна: сатирична проза, есеј, критика, сатирична песна, па дури и анализа на стихови кои се пишувани по повод некоја значајна слика (т.н. екфразис), како што е „Пејзажот со падот на Икар“ на Бројгел.

Всушност, денес повеќе верувам во моќта на поезијата од порано. Денес највистинито ми звучат зборовите на Растко Петровиќ: „Постои само еден начин да се живее, а тоа е со помош на силите што ни ги дала природата. Поезијата е една од таквите сили“. Или она што го има напишано Јосиф Бродски во есејот „Поклонете се на сенката“: „Ако поетот има некаква обврска пред општеството, тоа е да пишува добро. Бидејќи е малцинство, тој нема друг избор. Ако не го исполни тој долг, ќе пропадне во заборав. Општеството, од друга страна, нема никакви обврски кон поетот. Повеќето луѓе сосем природно мислат дека има и друга работа освен да се читаат песни, без разлика колку добро и да се напишани. Ако не чита поезија, општеството се спушта на такво ниво на говор што лесно станува плен на демагози или тирани“.

Не сум ни осамен во таа верба, и покрај тоа што живееме во наизглед некнижевна, антидуховна доба. Неодамна рускиот писател Михаил Шишкин велеше дека „светската книжевност е оружје за подготовка на главната револуција на човечкиот род: преод од племенската кон индивидуалната свест“, надоврзувајќи се на една белешка што Марина Цветаева ја оставила за својата поема „Ловец на стаорци“, која е обработка на позната легенда. Цветаева кажува дека стаорците и градоначалникот се симбол на земскиот живот, симбол на нашите пороци, симбол на неразбирањето на вистинските вредности на постоењето. „Ловец на стаорци“ е метафора за поезијата. Пораката на поемата е: Животот не го одржува зборот што ѝ го дал на Поезијата, Поезијата се одмаздува. Шишкин се надоврзува со химна на пишувањето поезија: „Поимањето на ‘Поезијата’ на Цветаева е она што човекот го прави личност. Кметовите раѓаат диктатура, а диктатурата раѓа кметови – од овој маѓепсан круг постои само еден излез – преку просветлувањето, преку цветаевската ‘Поезија’“. Вистинските вредности на постоењето се во Поезијата со големо „П“, а сè друго е болна заблуда, порок, лажен живот кој во крајна линија води кон диктатура, ропство, насилство, убиство, војна, геноцид, уништување и самоуништување.

Секако, на повеќето луѓе денес ваквите зборови им личат како будалаштина, жив хаос, халуцинирање на бескорисниот ум. Меѓутоа, сурова вистина е дека повеќето луѓе живеат во магла на самоизмама, во хаоси и химери, главите исто така им се исполнети со поезија, само со лоша, составена од идеолошки флоскули, од општи места, стереотипи, затоа што ние луѓето, како што Шекспир одамна напишал, сме составени од истиот материјал како и соништата. Впрочем, пред една недела папата Фрањо објави енциклика за незаменливата улога што книжевноста ја има во формирањето на свештениците, верниците, но и на секој човек. „Читајќи книжевен текст, се ставаме во позиција ‘да гледаме со очите на другите’, стекнувајќи ширина на перспективата што ја проширува нашата човечност. Така, во нас се активира емпатичката моќ на имагинацијата, која е темелен носител на таа способност за поистоветување со гледиштето, состојбата и чувствата на другите“, вели папата. А кои сме ние да му противречиме на поглаварот на најголемата верска заедница на светот, која брои 1,3 милијарди верници?

Да се вратиме на колумните. Се чини дека неколку теми се клучни во Вашето пишување: националистичката политика, црковната политика и културата во општеството. Кој Ви е најголемиот „драјв“ за пишувањето на колумните?

Тука би ги додал и воените злосторства, соочувањето со минатото, улогата на книжевноста и културата во создавањето на идеолошките основи за војните, руското малигно влијание. Основен поттик ми е сознанието што го изразил уште апостолот Јован, дека „целиот свет лежи во зло“. Растев во време кога се водеа војни, кога Србија ги напаѓаше соседите, кога дивееше националистичкото лудило кое се нема смирено до ден-денес. Со свои очи гледав како обичните, нормални луѓе стануваат крволочни, како преку ноќ луѓето се преобразуваат во демони, запоседнати од злите идеолошки идеи и приказни. Таа антрополошка катастрофа ме определи и како човечко битие, и како автор на разни текстови, книжевни, поетски, новинарски.

Живееме во наопачки свет, каде што сè е главечки испревртено, каде што сите вредности се исмејувани, плукани, фрлани во кал. Злото завладеа и нема намера да се симне од тронот, а во тоа го поддржува тивкото мнозинство граѓани. Колумните се глас на протест против таквата состојба на нештата, против мрачниот поредок на светот, што би рекла Цветаева, „гласот на правдата небеска против правдата земска“. Доволно е да наведам еден пример. За Белград Милан Младеновиќ пееше „ovaj grad je nekada bacao svetla daleko“, а денес тоа е град во кој се наоѓа масовна гробница во која се пронајдени џамлии, цуцли, домашни задачи. И никаде нема обележје дека тука, во Батаница, се наоѓала масовна гробница во која биле фрлени цивили од Косово. И речиси сите молчат за тоа, речиси никого не го интересира еден таков инфернален факт. Тоа е неподносливата стварност со којашто е невозможно да се стапи во сојуз, да се заживее, да стане навика, не можеме да се навикнеме на живот со чудовиште, не смееме да престанеме во чудовиштето да гледаме чудовиште, не смееме да го преиначиме во нешто нормално, вообичаено, секојдневно, домашно. Во колумните се обидувам првин себеси да си објаснам што ни се има случено и зошто, а потоа и на другите. И да го зачувам здравиот разум и ова малку душа, да се послужам со насловот на филмот на Адемир Кеновиќ.

Обидувајќи се да ја пофатам честотата со која пишувате во медиумите, сфатив дека тоа е повеќе од една колумна на два дена. А со оглед на тоа што Вашите текстови се исцрпни и добро и надолго аргументирани, се прашувам, при толку пишување – кога, колку и што читате?

Читам помалку отколку што би сакал, не толку поради времето неопходно за пишување, туку поради секојдневната контаминација со празнина, ништавило, бесмисла на политичкиот и општествениот живот кај нас, кој всушност и не е живот, туку некое мртвило, неуспешно симулирање на животот. Потребно е време за деконтаминација од таквите содржини, но сепак, има време и за читање. Читам сешто, нови работи, непрочитани класици, многу книги и текстови ги читам одново, нешто дури е употребливо и за пишувањето колумни, затоа што современите настани подобро се гледаат во светло на големите дела од традицијата. Токму сега ја читам автобиографијата на Нина Берберова „Курзивот е мој“, неодамна го прочитав првиот роман на Сергеј Лебедев „Границата на заборавот“, кој се обидува да се соочи со наследството на Гулагот, со злосторничкото минато кое и денес е живо во Русија. Ја читам поезијата на Вислава Шимборска, Збигњев Херберт, Тадеуш Ружевич, Адам Загаевски, Марина Цветаева, Ана Ахматова, Фернандо Песоа… Есеите на Чеслав Милош, Јосиф Бродски, на споменатата Цветаева, студијата за политичката теологија на апостол Павле која ја напишал Јакоб Таубес, промислувањата за логорското искуство на Жан Амери и одбраната на Шарл Бовари од истиот автор, „Гностики“ и „Луѓе опиени од бога“ на Жак Лакаријер, романите на Набоков „Подарок“ и „Погледни, Арлекине!“, документаристичката проза на Светлана Алексиевич, философијата на антифилософот Лав Шестов, мистичките текстови на Симон Веј, им се навраќам на расказите на Кортасар и на параболите на Борхес, на Џојс и Пруст, Кафка, Толстој и Достоевски…

Ги читам и нашите автори, старите и современите: Станислав Винавер, Растко Петровиќ, Момчило Настасијевиќ, Оскар Давичо, Душан Матиќ, Марко Ристиќ, Радомир Константиновиќ, Богдан Богдановиќ, семејниот циклус и „крлежијаната“ на Бора Ќосиќ, поезијата на Предраг Чудиќ, Миодраг Станисављевиќ, Милан Милишиќ и Ибрахим Хаџиќ, книгата епитафи „Глаголив гроб“ на Слободан Благојевиќ, поезијата и прозата на Драгољуб Станковиќ, драмите на Марија Караклајиќ (од неодамна достапни и на македонски), есеите на полихисторот Петар Јевремовиќ, книжевните студии на Предраг Бребановиќ, философските текстови на Бранко Ромичевиќ… Што би рекол мојот професор по книжевност од гимназија, кога го прашав зошто престанал да пишува поезија: „И читањето е порок“. За жал, не сум во можност на тој порок да му се оддадам во задоволителна мера, ама давам сè од себе да бидам што попорочен.

Доаѓате на фестивалот „Друга приказна“ во петок. Ќе учествувате во книжевниот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“ на тема „Туѓо тело“. Какви Ви се очекувањата?

Очекувам да чујам многу интересни текстови, а некои веќе ги видов на Окно.мк – многу впечатливи и оригинални. И да не се почувствувам како страно тело меѓу учесниците.

Темата на фестивалот е Палестина. Па, што е денес Палестина за сите нас?

Истото што е и катастрофата во Судан, прогонот и збришувањето на Ујгурите во Кина, колежот во Украина, страдањето на Језидите, сотирањето на Курдите, репресијата врз Рохињите, протерувањето на над милион христијани од Ирак… Можеби и нешто полошо, за што сведочат авторите на кои, по природата на нештата, би требало да им се дари доверба, а се прогласени за предавници на сопствените држави, изроди и отпадници од своите политички и верски заедници, од Египет, Алжир, Либан, Јемен, Иран…

 

Извор: https://blen.mk

Слични содржини

Општество / Активизам / Книжевност
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Фотографија / Книжевност / Око
Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото