Пророчки циклус [циркус]

30.08.2024 15:49
Пророчки циклус [циркус]

Секој шести ден пијам по едно кафе со Пророчицата. Таа редовно се каснува за јазикот и не ги изговара визиите што не сум подготвена да ги чујам. Денес ми побара дозвола, можеби зашто пиевме ирско кафе. – Смеам да кажам? – прашува. Смееш! – се радувам од длабочината на љубопитноста. – Ќе имаш повеќе среќа со следниот – вели. Истовремено осеќам олеснување и тага. Како кога ќе те известат за датумот на смртта на пациент болен со децении: жал ти е што заминува, а воедно знаеш дека веќе одамна не е тука. – Можеше порано да ми кажеш, да не се јадосувам! – ѝ велам. – Ти требаше да се јадосуваш! – одговара. – Уште колку ни преостанува? Не рече ништо. Се враќам дома во празниот стан во кој четворица живееме во три соби. Спијам на неговaта половина на креветот. Наскоро обете ќе бидат негови.

* * *

Пророчицата ме испрати во визија на самодоволноста, таму каде што ми е подеднакво добро со и без него. – Твојата љубов доаѓа од странство – рече и јас помислив на Шведска. Зашто таму се еманципирани, руси и крупни, викиншко племе. Единствено се ежам од помислата на нордиското студенило, но рече дека тој доаѓа, јас не морам никаде! – А како ќе зборуваме на туѓ јазик? – се грижам и за малку да запишам напреден курс по англиски. Не стигнав, пророштвото беше побрзо и се случи токму како што рече. Дојде. Крупен, синоок и просед. Ми кажува стихови место зборови, ја разбирам секоја трета метафора. Само една работа ме збунува. Ѝ се јавувам на Пророчицата. – Што не ти е јасно!? – вресна. – Босна ти е денес странство!

* * *

Која е таа ороспија во тебе? Зрела си за егзорцизам! – ми вели. – Без благодарност и почит кон мажите нема да стигнеш никаде! Колку и да те силувале во минатото! Овој ти ја дава слободата со која не знаеш што да правиш!

Какво пророштво е ова? – се чудам. – Звучиш ко мојата покојна баба – ѝ велам. – Добар е чоекот, ниту еднаш ме нема удрено! – така зборуваше.

Паметно зборувала баба ти! – одговори Пророчицата. – А ти гледај од бабата на баба ти наваму ништо да не се смени! Ништо! Најмалку помеѓу жената и мажот! Секоја друга е тепана од сопругот! Дури и тие твоите гастарбајтери од Шведска само чекаат да ја преминат границата, па удри! Овој твојов не е таков, а ти не го почитуваш тоа! Неблагодарна си, лесно се навикнуваш на добро!

Стварно – помислувам – јас сум секоја прва и воопшто не го ценам тоа. Што е со мене? Ќе закажам егзорцизам.

* * *

Ќе ја прашам за работата, ништо друго не ме интересира! Одамна не сум била поодлучна, а Пророчицата ме пресече уште на првата неизговорена реченица. – Не, не и не! – вели. – Ништо од тоа не треба да прифатиш! А, да не мислеше да се селиш? – прашува. – Па... не – велам неуверливо, зашто пред Пророчицата не само што се сомневам во сè што помислувам, туку и во она што не ми паднува на памет. – Ни случајно! – продолжува таа. – Сега не ти е време за тоа! Ни за раскинување! Како и да ти изгледа сега, тој маж е важен за тебе! Кога веќе го спомна тоа, покајнички ѝ ги признавам своите сомнежи. – Не се разбираме баш најдобро, ни во разговор, ни во кревет – велам, а таа ги начули ушите, како и обично кога ќе се спомне креветот. – Еве, на пример, синоќа... Читам пред спиење, а тој целиот згрозен ми вели: – Тоа е книга од библиотека, како можеш да ја читаш в кревет? Којзнае во чии сè кревети била! Отпрвин не знам дали се шегува или е бесен, а потоа се радувам: – Аха, ти би сакал да правиме нешто друго во кревет! Ја оставам книгата. Тој го гаси светлото и... веднаш за’ркува. Ти велам, не се разбираме! Пророчицата мирно ме гледа и останува при своето: – Ако раскинеш сега, со него си заминува и дел од твојата среќа. А тоа не можеш да си го дозволиш! Не сега! Се разбира дека не можам, немам среќа за расфрлање. Но, не можам да не се запрашам: уште кој дел од среќата може да замине, кога од креветот ми исчезнаа и книгите и милувањата...? Што остана?



***

Плачам три дена, едвај го дочекувам шестиот. Пророчицата ме гледа преку масата: – Што не чини сега?Можно ли е двајца луѓе да останат заедно, а никако да не се бакнуваат? – прашувам на раб на очај. – Како не! – вели. – Доаѓа таков период... – Ова не е период – ја прекинувам – вака ни е од почетокот.А, така ли? – се заинтересира. – По првиот, секој бакнеж јас го изнудив! Тој се брани, се измолкнува, ја врти главата, го подметнува образот, небаре е задлабочен во некои мисли, отсутен, кога му приоѓам... Ко да сум заразна! Па самата се воздржувам: не приоѓај му! Подобро да се плеснам по уста отколку да го трпам тоа од него. Ма, што е ова, кажи? Не се бакнуваат во уста само курви! Еве, пак ќе се расплачам...

Ќе се расплачеш оти треба да добиеш, па затоа си раздразлива – заклучува Пророчицата. – Чекај да видам што со него. А, гледам, гледам... – вели сета радосна. – Не сфаќај го сериозно, мажот ти е малку чистотник, опседнат е со хигиена. Тоа нема никаква врска со тебе! Ниедна не бакнувал досега, секоја му е курва!


Слики: Kaye Blegvad - BABY'S IN BLACK

Превод: Љупка Евроска

Извор: https://strane.ba

ОкоБоли главаВицФото