Никола Гелевски: Иднината е трамбулина од пајажина

30.08.2024 16:06
Никола Гелевски: Иднината е трамбулина од пајажина

Во пресрет на деветтото издание на книжевниот фестивал „Друга приказна“, кое ќе се одржи од 30 август до 1 септември, разговаравме со Никола Гелевски – Коља. Главниот уредник на „Маргина“, „Окно“ и „Темплум“, познат како бескомпромисен кога станува збор за искажувањето на своите ставови и човек со екстремно високи естетски критериуми, кој три децении континуирано гради културно наследство.

За фестивалот, за конкурсот на тема „Туѓо тело“ и за гостите што доаѓаат во Скопје викендов, како и за интересот и размислувањата за Палестина и за новата едиција „OK.NO“ – читајте!

Годинава два твои проекти слават јубилеи: 30 години „Маргина“ и 15 години „Окно“. По тој повод, собравме впечатоци од луѓе на кои им значеле списанието и порталот. Како ги доживеа ти нивните сеќавања и впечатоци?

Трогателно беше читањето на сеќавањата и впечатоците за „Маргина“ и „Окно“. И поучно. Повеќето од луѓето што пишуваа за тие два важни јубилеи го истакнаа своето чувство за прикопчаноста за светот, преку „Маргина“ и „Окно“, можноста барем интелектуално и емотивно да излезат од нашиов темен вилает. Сега, за жал, е потемен отколку пред 30 години, кога ни изгледаше дека сме забарикадирани од сите страни, но сепак постоеше некоја конфузна надеж во иднината.

„Маргина“ од пред неколку години и тематски и временски е припоена на фестивалот „Друга приказна“. Годинава темата е Палестина. Колку време и што сè истражуваше за Палестина?

За Палестина почнав да читам повеќе во времето на втората интифада, во почетокот на 2000-ите. И во Маргините тогаш имавме неколку текстови за Палестинското прашање. Но, ова што се случува последнава година ја претвори Палестина во, би рекол, центар на светот, во морална смисла. Апартхејдот што Израел го врши над Палестинците во многу категории го надминува апартхејдот на Јужноафриканската Република спрема црнците. Да потепаш, без никакви скрупули, 40.000 луѓе, од кои повеќето се деца и бебиња, за 300 дена, тоа е ритам на кој можат да позавидат и нацистичките крвници. Убиени се, спротивно на сите воени конвенции, илјадници новинари, здравствени работници, учители, професори, студенти… И не е само убивањето: Газа е срамнета со земја. Проценките се дека само да се расчисти кршот ќе требаат 10 до 15 години. Еколошката штета на злосторот исто така е огромна, тешко проценлива. Затоа Палестина е главното светско политичко-морално прашање, исто како што холокаустот беше главното политичко и општествено и морално прашање низ целиот 20 век. Така што, Наташа, иако читам релативно доста и релативно задоцнето за Палестина, мојата главна животна лектира и светоглед сепак се поврзани со фашизмот и холокаустот. Сто пати имам повеќе прочитано за холокаустот отколку за накба. Дотолку целово прашање е поиронично и парадоксално: како е можно главните жртви на фашизмот да станат предводници на современиот планетарен фашизам?!
Дали и за темата на конкурсот за расказ и песна „Туѓо тело“ ти беше инспирација Палестина?

Не. Главната инспирација за темата „Туѓо тело“ е списанието Маргина, славната реченица на Дерида, која беше некаков слоган за моето списание: „Мора да постои табу на вистината врз чиишто маргини може да се пишува“. Инспирација за насловот „Туѓо тело“ е и современото идентитетско лудило што ја дрма планетава, новите и обновените фашизми, борбите на „нашето чисто“ против „нивното валкано“. Да бидам јасен, Наташа, и да не бидам злоупотребен: Израел денес, и покрај флагрантната геноцидност на неговите политички водачи, сигурно не е побескрупулозен од Иран, Саудиска Арабија или Путинова Русија. Сè се тоа застрашувачки диктатури кои всушност и му го даваат сомнителното право на „Западот“ произволно да арбитрира, па и со методата „оган и меч“. Страшни примери за тоа левтерно и често масовно смртоносно арбитрирање се Либија, Сирија, Ирак, Авганистан, Јемен итн.

А сепак: Палестина е клучната акупунктурна точка на мапата на планетарниот нервен систем. Во таа точка се прекршуваат минатото (колoнијализмот, робовладетелството), иднината (тотален надзор, апсолутна контрола, општа милитаризација) и крвавата сегашност (кафкијанската машина на капитализмот која дроби сè). Газа, западниот воен полигон (за кого еден од фашистичките министри на Нетанјаху предвиде и атомска бомба), е најстрашниот пример дека живееме во добата на неоколонијализмот, а не на постколонијализмот. Над трагедијата на Палестина денес би се запрепастил и Џорџ Орвел кој своето влијателно пророчко дело, романот „1984“, го напиша токму во годината на палестинската накба (катастрофа), 1948, кога беше создадена државата Израел.

Како помина конкурсот? Дали идејата за „туѓо тело“ беше провокативна?

О, да. Конкурсот помина неочекувано добро: на темата добивме околу 150 кратки раскази и песни од 60 автор(к)и од нашата земја. Најдобрите раскази и песни ќе ги објавиме на Окно и во книже од новата едиција OK.NO. Дел од нив, се надевам, ќе настапат и на книжевниот фестивал Друга приказна што ќе се одржи деновиве, од 30 август до 1 септември.

На фестивалот најмногу гости доаѓаат од Србија. Од што се раководеше при доделувањето на главната награда на фестивалот на босанскиот писател Семездин Мехмединовиќ, и при составувањето на листата на гостите?

Најмногу гости имаме од Србија зашто нив не им треба авион за доаѓање. „Друга приказна“ никогаш немала добар буџет, иако речиси секогаш сме имале достоинствен буџет, за никој да не се осети експлоатирано и за да имаме елементарно пристојна програма.

Семездин Мехмединовиќ е еден од најдобрите писатели во регионов, иако е релативно непознат зашто речиси 25 години живееше во САД. Пред неколку години се врати во Сараево. Друга приказна е книжевен фестивал за алтернативните и експерименталните книжевни форми, а Семездин е токму таков неконвенционален писател, стилски и жанровски мошне разновиден. На пример, во неколку негови книги се преплетуваат неговите цртежи и неговиот текст, ликовноста е важен дел од неговиот книжевен израз.

 

На фестивалот ќе бидат промовирани и првите пет томови (или томчиња?) од новата едиција со прекул наслов: ОК.NO. На што кажуваш OK, а на што NO во овие книгички?

Секој том или томче е составен од по пет книжулиња. Тие се посвета на почетоците на „Темплум“, пред повеќе од 30 години, кога издававме слични самиздати, А6 формат, печатени на фотокопир и сито печат. Посветени се и на 15-те години од порталот „Окно“. Досега излегоа 25 мали книги во пет тома. Првото томче, во пет дела, е избор од најдобрите вицови на Окно. Во вториот том се застапени поетите Васко Попа, Данијел Драгојевиќ, Маргарет Атвуд, Тони Хоглунд и петте македонски поетеси: Весна Ацевска, Лидија Димковска, Магдалена Хорват, Будимка Поповска и Николина Андова Шопова. Третиот том е посветен на фашизмот; застапени се Умберто Еко, Бертолт Брехт, Вилхелм Рајх, Теодор Адорно и Енцо Траверсо. Палестина е главна тема на четвртиот том со Славој Жижек, Наоми Клајн, Јанис Варуфакис, Гидеон Леви и Омар Ал Абдалат. Петтиот том е фестивалски, поврзан со Друга приказна, спремивме мали книги од Ѓурѓица Чилиќ, Семездин Мехмединовиќ, Томислав Марковиќ и една компилација со 25 најдобри раскази или песни на конкурсот на тема „Туѓо тело“. Спремивме и една мала антологија на југословенски поети.

„Друга приказна“ доби солидна и солидарна поддршка преку краудфондинг-кампањата што ја почнавте пред околу еден месец. Ако пријателот на дело се познава, се чини дека фестивалот има одлични пријатели. Ќе има ли и одлична публика?

Годинава прв пат се обидовме да собереме 2.000 евра со краудфандинг кампања. И успеавме. Другите 2.000 евра ни ги даде мрежата Традуки, а имавме и значајна помош за печатењето на неколку фестивалски книги од Илија Илоски, поддржувач на „Темплум“ и на „Друга приказна“ речиси од почетоците на фестивалот.

За крај, има ли во нашево книжевно-културно опкружување нешто што ти мами насмевка под мустаќ и што те прави да гледаш на иднината (макар и) со трошка оптимизам?

Ме радуваат и поттикнуваат разни луѓе, дела, настани, секако. Дури и во нашето опустошено опкружување има чудесни енергии и сплетови. Светот во значајна мера е прекрасен.

Во романот Мèмед, црвена бандана и снегулка на Семездин Мехмединовиќ се вели: Постојат NOWS, вели Џулиан Барбур, постојат различни „сега“, и сите тие „сега“ егзистираат истовремено, како разни можности. Тоа е сè. Никој и ништо не патува од едно „сега“ во следното „сега“. Ние минуваме, времето не. Животот е како врабец што влетал во куќата на еден прозорец, а излетал низ друг.

А иднината? Таа е трамбулина од пајажина.

Фото: Лени вон Гелева

Извор: https://blen.mk

ОкоБоли главаВицФото