1008 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 13:59
Стране: Ѓурѓице, „Нови крај“ излезе минатата година. Оваа фрагментирана проза се потпира на „Фафарикул“. Каде е почетокот, а каде крајот помеѓу овие две книги?
Ѓурѓица Чилиќ: Тие се слични по стилот и по формата, зашто немам изверзирана или ни магионичарска рака кога пишувам, по тоа тие две книги се, во некоја мера, бесшевни. По интонацијата, меѓутоа, се различни. „Фафарикул“ е жовијален, палав, малку дрзок, а „Нови крај“ е попригушен и поинтимен, речиси камерен. Така ми се чини, но јас сум авторката, па немам поим.
Стране: Сеќавањето, макар и недовршено, е константен мотив во вашата проза. Колку е тоа кревко?
Ѓ. Ч.: Кревко е токму зашто е недовршено, а недовршено е зашто нашите спомени ги третираме различно во зависност од контекстот во кој ги повикуваме и зависно од моменталната состојба на оние и на она што е содржано во тие сеќавања. Затоа мојата книга се вика „Нови крај“ („Новиот крај“). Од перспектива на крајот го толкуваме она што му претходело, а краевите можеме да ги менуваме. За тоа, меѓу другото, служи книжевноста.
Стране: Во смисла на копнежот и желбата за изгубениот дом, место и време, дали вашата проза е носталгична?
Ѓ. Ч.: Мојата проза е сентиментална и тоа го покажува на секој начин. Кога во книгата зборувам за градината со рози на улицата „Ѓуро Салај“ во гратчето на моето детство, јас велам дека во носталгијата, исто како на фотографиите, нема трње. Тоа е кокетен и не особено суптилен автопоетски гест со кој порачувам: во мојата проза не се случува ништо грубо и насилно, па дури и кога пишувам за разделбите и тагата што следува, настојувам да не заборавам дека тагуваме само за она што било убаво и сум благодарна за тоа искуство на убавото.
Стране: Постојат ли моменти на длабока самокритичност кон сопствениот текст?
Ѓ. Ч.: Можеби не длабока, ама некоја здрава и другарска, тоа да!
Стране: Родена сте во Ливно, порасната во Витез, сте студирале и сте се населиле во Загреб. Што имаат заедничко овие топоними?
Ѓ. Ч.: Ливно едвај го познавам, Витез каков што го знаев одамна не постои, а во Загреб живеам, па не го гледам добро. Подраг ми е откако има нова власт, која не е ни популистичка ни националистичка.
Откако и Витез, и Ливно, и Загреб долго беа градови во кои живееја луѓе од различни националности, згора на тоа – луѓе на кои националната припадност главно не им беше идентитетска работа, следеа деведесеттите, во кои беше вложен крвав труд да станат еднонационални. И сите всушност претрпеа голема штета. И оние што мораа да заминат, и оние што останаа, но нема да признаат.
Стране: Преведувате и поезија од полски. Колку бара преведувањето во однос на пишувањето?
Ѓ. Ч.: Поважно ми е преведувањето зашто во него сум соавторка, значи имам многу поголеми ограничувања и одговорност отколку кога пишувам авторски текстови. Преведувањето ми е и подраго зашто преведувам многу подобри текстови од оние што самата можам да ги напишам.
Стране: Каква е позицијата на авторките во однос на авторите кога е во прашање регионалниот книжевен простор?
Ѓ. Ч.: Сведоци сме на непотребното форсирање авторки, така што се случува на фестивали да се канат или со награди да се честат авторки зашто се жени и зашто пишуваат за актуелни општествени и политички теми, а не зошто се подобри од своите машки колеги. Подраго би ми било да славиме една одлична одошто десет просечни писателки. Жените, ми се чини, почесто посегаат по темите за угнетените, отфрлените, премолчените, презрените, па некогаш не сум сигурна дали е тоа од интимна писателска потреба или од мода.
Стране: На кои писатели и книги им се враќате?
Ѓ. Ч.: Во моментов ги читам Андриќевите „Знаци крај патот“, секое утро „Крлежа“ од Ченгиќ, со доручекот, и се подготвувам да го читам новиот роман на Олга Токарчук, „Емпузион“.
Стране: Со оглед на поврзаноста на „Нови крај“ и „Фафарикул“, може ли да очекуваме и трета книга, како заклучок на трилогијата?
Ѓ. Ч.: Се надевам дека нема да имам потреба од тоа. Ништо не ја заситува авторката толку брзо како кога се има себеси за главна хероина.
Разговорот го водеше Срѓан Гавриловиќ
Превод: Љупка Евроска
Извор за текстот: https://strane.ba