1009 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 12:59
На првиот ден на деветтиот книжевен фестивал Друга приказна се случија три настани: за јубилеите 30 години Маргина и 15 години Окно со главниот уредник на списанието и порталот, Никола Гелевски, разговараше Александра Бубевска.
Вториот настан беше одбележувањето на излегувањето на четири нови книжулиња во новата Темплум едиција, OK.NO. За идејата на целата нова едиција во која годинава излегоа 25 џебни книги зборуваше Никола Гелевски.
На крајот на вечерта, во присуство на околу сто луѓе, во претесниот простор на кафето Станица, се одржа традиционалниот книжевен натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“. Темата беше „Туѓо тело“. Со свои песни и кратки раскази настапија 12 учесни(ч)ки: Анета Попова, Арлинд Фаризи, Ѓурѓица Чилиќ, Калина Малеска, Љубица Шопова, Марија Ангеловска, Маријана Чанак, Саша Станишиќ, Стефан Алијевиќ, Томислав Марковиќ, Филипа Попова, Хана Корнети и Добрин Коцев.
После првиот круг најдобро оценети настапи од публиката имаа Саша Станишиќ, Хана Корнети, Ѓурѓица Чилиќ и Анета Попова. После полуфиналната и финалната „борба“ наградата (сто евра и вечна слава) ја освои гостинката од Загреб, Ѓурѓица Чилиќ. Второто место го освои Саша Станишиќ од Скопје. Мошне ексцентричен водител на забавниот настан беше Владимир Лукаш.
Денес се одржува вториот ден од фестивалот во кој главната награда ќе му биде доделена на писателот Семездин Мехмединовиќ од Сараево.
Фотографии: Наташа Гелева