1011 hPa
46 %
30 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 11:59
Некој еднаш рече дека национализмот е најконтрадикторната политичка идеја. Иако може да води директно во гасни комори, може и да ве ослободи од угнетувачките империјални сили. На секој Франко или Моди доаѓа некој Џорџ Вашингтон или Махатма Ганди. Национализмот може да спаси култури и јазици на кои им се заканува изумирање, но исто така може да нè наведе да си замислиме дека сме подобри од сите останати. Како најуспешно револуционерно движење на модерната доба, национализмот им овозможи на занемарените народи да стапат на светската сцена, но истовремено беше и еден облик на духовна интровертност кој ги заклучи во нивната сопствена психа.
Некои националисти со копнеж гледаат на утопијата од минатото, во времето пред колонијалните освојувачи да се истоварат на нивните брегови. Во 18-от век патриотски настроените ирски научници утврдиле дека во Рајската градина веројатно се зборува на ирски јазик. Меѓутоа, не смееме да дозволиме да нè заведе таквиот архаичен тон. Национализмот е сосема модерна идеологија, која настанала пред повеќе од два и пол века. Дури тогаш Европа ја преплавила новата идеја дека да се биде нација значи да се има сопствена држава. Постоела директна врска помеѓу етничкото и политичкото. Човечките битија (во кои не спаѓале жените) имале право на самоопределување не само како луѓе туку и како народи. Помеѓу зборовите „нација“ и „држава“ била ставена цртичка и така настанала една нова појава.
Овој револуционерен поим содржи неколку проблеми. Од една страна, безмалку сите таканаречени нации биле етнички хибридни - необичен исклучок била само Кина - па тогаш зошто секоја етничка група во нив не би имала своја држава? Од друга страна, нациите од тоа време во голема мера биле дефинирани од империјализмот и колонијализмот. Бидејќи таквите суверени сили играле главна улога во цртањето на државните граници, главно во согласност со сопствените материјални интереси, зарем тогаш револуционерниот национализам не бил едноставно обратна слика на својот противник во огледалото? Без оглед на тоа, според која мистична логика ти што си Тибетанец или Перуанец автоматски ти дава право на сопствена држава? Се разбира, постоеле некои облици на таканаречен граѓански национализам за кои да се биде Перуанец едноставно значело да се биде граѓанин на Перу, без оглед на етничкото потекло, и тоа требало да биде темел на кој ќе никат повеќето нации; но романтичната желба - како народ - да ја потврдиме својата различност, својата единственост и можната супериорност никогаш не исчезнала и неодамна се појави на улиците во Британија.
Историски гледно, немирите летово избија зашто еден дел од британската работничка класа премногу добро ја апсорбираше пропагандата на општествените слоеви кои му се надредени. За светот на империите и династиите да му го отстапи местото на светот на автономните национални држави била неопходна сеизмичка културна трансформација. Луѓето кои себеси претходно се гледале како закупци на феудалниот земјопоседник и, уште поапстрактно, како лојални слуги на монархот, морале да научат да станат, француски, британски или португалски државјани. Нивните идентитети морале да бидат преобликувани и пренасочени. Некои Британци биле богати и моќни, а други сиромашни, но меѓу нив постоела врска - британството - заради која таквите поделби биле неважни. Богатите и сиромашните можеле да ги заборават своите кавги и обединети да застанат наспроти демонизираниот странец. Непотребно е да се каже дека тоа било мошне пријатно за богатите. Сите општествени класи можеле да се здружат против заедничкиот непријател, а во Британија таа улога традиционално им припаѓала на Французите и Ирците. Се покажало дека за чувството за заеднички национален идентитет клучен е и протестантизмот, кој за жал им недостасувал на Франција и Ирска.
Но таквиот моќен национален идентитет, кој некогаш во голема мера им одговарал на потребите на комерцијалниот и индустрискиот капитализам, сè помалку е способен за тоа во сегашните услови. Капитализмот, а со него и пазарот на трудот, сега се глобални појави. Националното единство останува политички и културен императив, но е во сè поголем расчекор со современиот глобален пазар. Културата и економијата веќе не се складен пар.
Секако, за тоа често се виновни нивните различни брзини: промените во културата се случуваат со брзина на полжав, а економијата може да се трансформира за момент. Таквата разлика ја продлабочил преминот од национален на транснационален капитализам. Од работниците, чиј менталитет го обликувале вековите лојалност кон кралот и земјата, сега имплицитно се бара да ја препознаат големата лага на национализмот: факт дека не постои органска врска помеѓу етничката група и одредена територија, дека не постои никаков дефиниран простор кој, според божественото или природното право, им припаѓа на оние кои зборуваат одреден јазик или имаат одредена боја на кожата. Земјата никогаш не била ваша. Имигрантите не го земале од вас она што никогаш порано не било ваше. Не постојат единствени британски вредности кои странците не можат или не сакаат да ги споделуваат. Наседнавте на фантазијата на една национална држава чиј интерес бил да ви ја продаде таа илузија; но таа држава во меѓувреме ја променила својата природа, а вие сте останале исти.
Не сфаќате дека транснационалниот капитализам не се грижи за културата, бојата на кожата или јазикот што се зборува во Рајската градина сè додека има од кого да го цеди профитот. Неговата политичка коректност не е нималку помала од будноста на уредништвото на Гардијан. Тоа е беспрекорно либерален систем и со задоволство сака да ги види Малезијците во Данска и Данците во Малезија, ако тоа им одговара на неговите економски цели. Ниеден начин на производство не бил во толкава мера слеп за културата. За разлика од некои со кои владее, тој главно е рамнодушен за прашањата на идентитетот, особено националниот или етничкиот, зашто идентитетот е лудачка кошула која го попречува движењето или прилагодувањето. Само тинејџерите опсесивно се занимаваат со прашањето кои се и што се. Веќе нема староседелци; сега сите се иселеници, но некои сè уште ја прифаќаат фатаморганата за монокултурна земја и ја нарекуваат дом, иако таа земја исчезнала пред повеќе децении.
Во модерниот капитализам отсекогаш постоел конфликт помеѓу неговата желба за политичко единство и неговиот економски плуралитет. Како што истакнува Маркс во Комунистичкиот манифест, тоа е најхибридниот, најмешовит облик на живот, кој постојано ги преминува границите, спојува сосема различни појави, ги меша спротивностите и ги превртува хиерархиите. Но таквата разновидност на ниво на пазарите мора да ја дополнува единството на државно ниво. Ако сме анархисти во трговски центар, мораме да бидеме одговорни граѓани во црква и училница, на гласачкото место или во семејниот дом. Сегашниот систем не е во состојба да ја разреши таквата противречност, како што не може ни да ја помири потребата за внатрешна културна кохезија со плимата на миграциите од странство.
Марксизмот на работниците им понуди алтернатива за шовинизмот, која ја нарече интернационализам. Всушност, тоа значи дека возачот на камион во Шефилд има повеќе заедничко со келнерот во Сеул отколку со милионерот во чија компанија работи. Таквите меѓународни идентитети не се илузија - сетете се на католиците - но потешко е да се одржат од локалните идентитети зашто луѓето се телесни битија поврзани со одредено место. Мала е веројатноста дека повеќе од грст фанатици ќе се фрлаат на барикади извикувајќи „Да живее Европската унија!“, а уште помалку се оние кои би извикувале „Сакаме светска влада!“ Како да се развијат форми на свест кои му одговараат на глобализираниот свет? Ова не е проблем на ниво на популарната култура, каде што Тејлор Свифт е универзална како парите, но има и постари облици на таа култура, кои се поврзани со националната гордост, горчината и стравот од Другиот и кои нема лесно да се сложат со космополитизмот. Колку некои граѓани се чувствуваат поудобно во ВИП салоните на аеродромите, толку некои други подефанзивно ќе се покриваат со националното знаме.
Некои од оние кои неодамна ја гаѓаа полицијата со цигли ги покажаа фрустрираноста и бесот на запоставените ниски класи, додека други едноставно ги мразеа странците и сакаа да ги истепаат. Гротескната иронија на однесувањето на првите е очигледна: кога напаѓате ако сте сиромашни, понижени, исклучени и лишени од иднина? Единствената општествена група која е уште посиромашна, поисклучена и попонижена од вас се бегалците. Во таа смисла се исплатеше вековното негување на патриотизмот и лојалноста кон империјата меѓу обичните луѓе. Империјата е изградена, меѓу другото, на уверувањето дека луѓето од одредена култура и боја на кожата се помалку вредни од Британците; таквото уверување, всадено кај милиони обични Британци, ја задоволи нивната потреба да се чувствуваат супериорни над некого. Не е необично што некои од нивните потомци негуваат слични емоции кон Авганистанците и Сиријците, особено кон оние кои не останале мирно во своите далечни земји, туку биле доволно дрски да им тропнат на врата.
Нашите политичари навистина се ужасуваат од палењето хотели и полициските пендреци, но секако чувствуваат и олеснување што таквиот излив на гнев не е насочен кон нив. Зашто токму тие, на крајот на краиштата, управуваат со системот кој на големи маси луѓе им порачува дека се неважни. Секако, тоа не е изговор за обидот за палење мигранти. Можете да се чувствувате отфрлено, а сепак да не се здружите со насилник каков што е Томи Робинсон. Власта, медиумите и правосудниот систем не се осудуваат да признаат дека таквото чувство на отфрленост е сосема оправдано - и дека, ако не се справат со него, повторно ќе избијат нереди.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Nikki Rosato
Извор: https://unherd.com