Револуцијата и Хамлет од нашето маало

02.09.2024 11:11
Револуцијата и Хамлет од нашето маало

Хамлет, секако, може да го сметаме за првиот активист кој е посветен на со креативниот активизам, па дури и на артивизам. Страствено, посветено и темелно, тој се обидува да го деконструира полето на моќта, кое е неправедно, користејќи го театарот како алатка за соочување со тогашната политичка неправда. И тоа го прави со огромен успех, храбро, под мотото „Да се биде или не!“, по цена на својот живот. Се спротивставува на политичката измама и се обидува низ разни креативни алатки да ги соочи сите со утопијата дека е потребна промена на монархистичкиот/политичкиот систем, со надеж дека преку својата мала „револуција“ ќе создаде подобра и поблагородна заедница, како што му прилега на еден благороден принц-уметник-активист. Хамлет е најсветлата парадигма на отпорот. Секој во чија сфера на интерес се критичкото дејствување институционалната критика, мора темелно да ги запознае методологиите на дејствување на Хамлет – неговото „лудило со метод“, неговата љубов, страственост и бескомпромисност, со цел правдата да се изведе на виделина, треба да се основна лекција за секој кој го има на ум активизмот, а особено креативниот активизам, и за секој кој смета дека е одговорно да се стреми кон застапување за општествени промени.

Она што се случува во општествените динамики и во создавањето заедници, а кое ги прави вознемирени нашите животи, е создавањето структурно засновани лаги, празнини и пропусти. Ги има насекаде – во нашите интимни и колективни политики, во секој процеп на пројавување на нашите животи, па следствено ги има и во читањата на уметноста и културата во однос на политичкото дејствување, каде што се создаваат таканаречени „револуционерни“ флуксеви.

Биополитичката и постструктуралистичката теорија на револуцијата се обидува да ја проектира револуционерната машина како тројство, надоврзувајќи се на Антонио Негри. Трите поединечни компоненти на револуционерната машина меѓусебно се диференцираат и актуализираат во својот заемен однос, кој се заснова на побуната, отпорот и на конститутивната моќ. И токму ова е многу важно за да се разберат поривите, но и форматите на креативниот активизам. Она што можеби ги разликува креативниот активизам и артивизмот од другите облици на „револуционерната машина“ е отсуството на потребата за себеконституирање во полето на моќта. Повеќе станува збор за укажување на аномалиите на едно поле на моќта кое треба да биде заменето со друго, поблагородно и поправедно, но кое, за жал, нема да го избегне предзнакот на моќ, бидејќи тој е неизбежен. Всушност, преку креативниот активизам и артивизмот се акцентираат најсуптилните потреби за длабокосежен внатрешен пресврт во општествените односи, и тоа преку формати кои нужно не подразбираат немири, толпи, ниту пак становиште на „неред“, туку суптилна интервенција со силна порака и поттекст.

Иритирам значи постојам - тела во постојан отпор

Протестот, отпорот, интервенцијата и реакцијата претставуваат бесконечно движење, апсолутен прелет, но на таков начин што тие црти се поврзуваат со она што реално постои, сега и овде, во борбата за општествената реартикулација.

Според Фуко, отпор има таму каде што има моќ. Токму затоа, отпорот никогаш не постои вон полето на моќта. Отпорот треба да го разбереме како хетероген, како мноштво точки, јазли, жаришта на спротиставување, а не како интервенција на едно место на „големото одбивање“, не како масовна нихилизација која етаблира две темелни спротивставености, не како антагонизам, туку како неправилно распрсната повеќекратност на точките на отпор во еден, исто така, повеќекратен предел на расцепот и границите кои се поместуваат. Фуко ја подразбира моќта како повеќекратност на односи на сили кои организираат една територија. Моќта не е толку нешто што некој го поседува, туку нешто што се развива, не е толку стечена привилегија на владејачката класа, туку повеќе заедничко дејство на нивните стратегиски позиции. Отпорот е замислив само во таквото стратегиско поле на таквите врски на моќ, кои, во ниту една смисла, не се претставени само како линеарно владеење на една група со друга.

Артур Рембо користи еден необичен израз - „логичка побуна“. Тоа, според Рембо, како и според подоцнежните толкувања, значи синергија помеѓу копнежот за промена преку реагирање и побуна – бидејќи вистинската среќа подразбира отпор, побуна против светот ваков каков што е и диктатурата на наметнатите и врежаните мислења – и барањето за рационалност во дејствувањето на поетот, уметникот и на граѓанинот кој има порив за побуна, бидејќи бунтовниот импулс сам по себе не е достаточен за целите кои си ги поставува.

Копнежот за побуна, всушност, претпоставува копнеж за промена, пред сѐ во востановените мислечки матрици, како колективни, така и индивидуални, што подразбира промена во поимањето за праведно општество. Тоа значи да се мисли вон вообичаените шеми. Сепак, вистинската побуна и вистинскиот отпор не се некоја апстрактна вежба. Отсекогаш клучно било да се застане наспроти неправдите, наспроти бедата во која се наоѓа светот и човековиот живот. За да бидеме среќни, треба да го менуваме светот, да тежнееме кон еманципација на општествените контексти, кон постојана промена на полињата на моќта.

Но како да се промени светот? Се соочуваме со три клучни збора: „свет“ - именка, „менува“ - глагол и прашален предлог „како“. Станува збор за сложена граматичка синтагма која секогаш го носи товарот на потпрашањето: Каков е тој свет кој сака да го промени таа побуна? Некои теоретичари прашуваат колку проценти од населението претставуваат оние кои протестираат, кои ги покренуваат прашањата што ја поттикнуваат потребата за побуна. Кога е тоа 1 насто, дали станува збор за политички привид, каков што е демократијата, во која мала група богати и моќни ги контролира животите на милиони други? Но, можеби не станува толку збор за менување на светот, колку за активно сведочење.

Можеби она што сега го нарекуваме побуна, особено креативна побуна, е побитно од значајните масовни побуни низ историјата, бидејќи во новото време во кое се наоѓаме е важно бележењето, архивирањето, давањето до знаење, сведочењето преку некаква артикулација, порака, метанаратив произведен во јавен простор, кој нема да се занимава со статистиките на присутноста, туку со долгорочното паметење и втемелувачкото критичко влијание. Прашањето на сведокот е од исклучително значење и токму во сведокот е содржана парадигмата за промена. Сведочење и маркирање на нешто што е погрешно во нашето колективно постоење.

Она што ни преостана е да бидеме добри, посветени и внимателни сведоци, да следиме, да согледуваме, да не игнорираме од позиција на апатичниот комфор, да паметиме и да донесеме заклучоци за некое идно политичко, стратегиско манифестно дејствување. Џорџо Агамбен, опишувајќи го искуството на преживеаните во Аушвиц, вели дека единствениот мотив да се преживее холокаустот е преземањето на улогата на активен сведок, што е мисија која ја редефинира силната потреба да се замине во смрт, да се опстои непокорно, со крената глава, пред искуството на болката и стравот. Да се биде одговорен сведок на понижувањето, на насилието и на голиот живот, не е чекор кон злопаметење и реваншизам, туку чекор кон градење конструктивна битка со она што Вирџинија Вулф го нарекува „тиранија на заплетот“. Бидејќи ние се наоѓаме токму во таква тиранија, која има предвидлив заплет, но непредвидлив расплет.

Затоа, наша задача е да бидеме автори, уметници и создавачи не само на расплети, туку и на заплети. Да не дозволиме некој друг да ни ја создава тиранијата на заплетот. Да бидеме творечки, авторски, концептуален чекор понапред од „тиранинот“.

Потенцијалното количество страдања, беда и неправди би требало да предизвика гнев со десетпати посилен интензитет од оној во 1917 година, особено доколку ги имаме предвид многу подобрите прилики на информирање оттогаш до денес. Сепак, огорченоста веќе не покажува некоја „светска идеја“ за промена.

Непоколобливо „меката“ средина го претвора секого во хибрид. И во оваа пригода да потсетиме на анархистичкиот восклик: „Иритирам значи постојам!“. Важноста на темата доаѓа на пиедестал кога иритацијата, која е резултат на критичките капацитети за промислување на светот и барањето можности за негово менување, одеднаш ќе се претвори во институција, со постојани соработници, со служба за корисници, со извештаи на експерти. Критичкиот агон заради рефлексивната иритација го задушува гневот и му го остава приматот на билбордот, како место на кое се рекламира промената на светот.

Кога еден отпор, еден протест ќе го „жртвува“ гневот во име на билбордот, во име на „брендот“, тогаш, се разбира, не можеме да говориме за стратегија и за тактика која темелно ќе го промени светот, туку само за миг на егзалтација која, секако, може да направи мали исчекори, но нема да отиде подалеку од милениумски познатите матрици на однесување на човештвото.

И токму тоа треба да биде нашиот основен фокус – никакво очекување дека ќе го промениме светот. Напротив, важно е да го промениме просторот во нашата улица, да промениме една мала, но значајна реченица која ќе придонесе кон создавање на критичната маса.

Креативниот активизам почива врз дисензус и врз афекти. Афект е она што се лепи и она што ја одржува или чува врската помеѓу идеите, вредностите и објектите. Креативниот активизам би требало да претставува акумулација на позитивна афективна вредност. Не постои ништо што би можеле да го определиме како издвоена или автономна афективна вредност што би одговарала на некој објект во светот. Наместо тоа, станува збор за динамика на телата внатре световите и за „драма“ на неизвесноста, односно за тоа како нѐ допира она што ни е во близина. Незаобиколно е да се напомене дека креативниот активизам се заснова и се однесува на иста премиса како и среќата – неизвесноста. Зборот среќа потекнува од средновековниот англиски збор hap – настан, случај кој навестува одредена прилика и чиј исход не се знае однапред. А среќата, пак, освен што зависи од надворешните случувања, зависи и од тоа како ги толкуваме тие случувања и колку посветено им приоѓаме.

Кај креативниот активизам, слично како и кај среќата, станува збор за лична подготовка, за состојба која треба, пред сѐ лично, но над сѐ во заедницата, да се негува и да се штити.

Поимањето на заедницата - клучно за креативниот отпор

Најзначајното и најтегобното сведоштво на модерниот свет, она во кое се збрани можеби сите сведоштва со кои таа епоха, по којзнае каков налог и којзнае каква нужност, е принудена да се соочи, е сведоштвото на распадот, на изместувањето или превирањето на заедницата, нејзиното значење и нејзината иднина. Сведочиме на шепотот на еден непоколеблив отпор, кој се бори со немоќта предизвикана од очигледноста на урушувањето на општествената стварност.

Се чини дека промислувањето на заедницата е прво на дневен ред и дека најмногу го побарува и најавува ситуацијата која во еден единствен епохален јазол ги поврзува пропаста на сите комунитаристички концепти со бедата на новите индивидуализми. Сепак, за жал, на повидок нема ништо помалку од мислењето на заедницата. Таа е предмет на академски дебати, конференции, публикации. Но, сепак, кога ќе го погледнеме светот, преку сите страдања предизвикани од мигрантските кризи, од пандемијата со COVID 19, со сета еколошка неодговорност и човекова безочност, неминовно ќе се запрашаме дали навистина ја мислиме заедницата, дали во реално време и простор го сфаќаме нејзиното политичко значење и дали го артикулираме светот врз основа на принципите на солидарност, заедничко добро, рамноправност, право на култура и право на природни добра, врз кои треба да почива секоја заедница. Се чини дека нема ништо подалечно, попотиснато, полажно, поодложено „за некое време“ кое допрво треба да дојде, за некој оддалечен и неодгатлив хоризонт. Не е до тоа дека недостигаат филозофии и идеологии, кои се дури и директно свртени кон промислувањето на заедницата. Напротив, се чини дека таквите филозофии дури и го дизајнираат виолинскиот клуч на доминантниот тоналитет. Меѓутоа, не само што се чини дека тие забраздиле во немисливоста на заедницата, туку го конституираат и нејзиниот најсимптоматичен израз. Всушност, заедницата или многу ретко или погрешно или никогаш не била предводничка во филозофско-политичкото артикулирање на реалноста, освен во предводењето на едно неподносливо искривување на нејзиното значење. Парадоксално, филозофско-политичкиот дискурс ја потчинува заедницата на еден појмовен јазик, кој ја изобличува во истиот миг во кој се обидува да ја именува. Прашањето на поединецот и тоталитетот, на посебноста, на изворот и целта – тоа се оние прашања кои ја востановуваат заедницата.

Потребно е да се мисли заедницата во својство на една поширока субјективност. Заедницата е својство на субјектите за кои заедничкото е некаков атрибут, одреденост, подмет кој ги квалификува како припадници на една иста целина или како супстанца која го произведува нивното обединување. Во секој случај, заедницата се квалификува како квалитет кој се додава на природата на нивниот субјект, правејќи ги субјекти на заедницата. Треба да се разбере дека станува збор за поголем, подобар и поквалитетен субјект од оној што го поседува индивидуалниот идентитет, но од кој субјектите потекнуваат и го пронаоѓаат сопствениот одраз. Заедницата е полност на општетственото тело или целина, која создава чувство на припаѓање во однос на заедничките вредности, утопии. Заедницата е добро, вредност што може да се создаде, да се изгуби и одново да се пронајде како припаѓање за кое се тажи или како исходиште кое треба да го навестиме. Во секој случај – заедницата е нешто што ни е најмногу својствено.

Всушност, изразот заедница треба да значи општествен однос ако и доколку ориентацијата на општественото дејствување почива на субјективното чувство на учесниците да припаѓаат едни на други.

И токму затоа, да се разбере заедницата во нејзината срцевина значи да се обезбеди простор за функционален креативен активизам. Без тоа разбирање, можеме само да го гледаме зомбифицираното постоење на креативниот активизам или неговото проектно мобилизирање, но извесно е дека на повидок ќе се појави неговото тивко умирање.

Слики: Pejac

Слични содржини

Општество / Став
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Став
Активизам / Став
Активизам / Фотографија
Активизам / Култура / Око
Активизам / Став

ОкоБоли главаВицФото