Тероризмот се врати

03.09.2024 00:20
Тероризмот се врати

Изненадување, изненадување. Насилниот отпор на Палестинците на Западниот брег ја покажа главата. Човечките чудовишта се разбудија и почнаа да се разнесуваат со експлозиви. Терористите самоубијци се вратија во нашите животи, а армија израелски аналитичари имаат научно објаснување за тоа: се работи за ирански пари. Без нив Западниот брег би бил мирен, луѓето се подготвени да се убијат за да добијат пари. Тоа е ирански октопод.

Колку е лесно сè да му се натовари на Иран. Израелците го сакаат тоа. Постои ѓавол што се нарекува Иран, заради кој и се случува сето ова. Можеби има ирански пари, можеби и не - но интензивирањето на палестинскиот бунт е најочекуваната и најразумна последица на сè што се случува на Западниот брег последниве месеци од војната во Газа. Единствено изненадување е што до тоа не дојде порано.

Во овие 11 месеци војна во Газа, Израел го преврте Западниот брег наопаку, како што сега ги превртува патиштата кон Тулкарм и Џенин, од кои не остана ништо. Ова е најтешкиот напад на Палестинците на Западниот брег од воената операција Хомат Маген во 2002 година, а дури и ја надминува оваа операција зашто се случува под закрила на вториот, поварварски напад во Газа. За разлика од операцијата Хомат Магем1, за сегашниот напад не постои ниту причина ниту оправдување. Израел ја искористи војната во Газа за да интервенира на Западниот брег. Реакцијата на жителите задоцни, но сега е тука.

Овојпат нападот на Палестинците доаѓа од две страни: од една страна се војската, Шабак и Магав (погранична полиција), а од друга насилната милиција на доселениците. Координирани се така што не си пречат едни на други. Понекогаш одат и заедно, па дивјаците од доселеничките станици облекуваат униформи и се претвораат во „приправни единици“2 што им дава оправдување да спроведуваат погром. Војската внимава да не се меша. Во овој контекст неверојатно делува изјавата на високиот воен претставник кој кон крајот на неделата предупреди дека насилството кое го спроведуваат доселениците е незамисливо (Харец, 29.08.2024). „Еврејскиот тероризам ѝ нанесува голема штета на безбедноста на Западниот брег“, рече изворот чии сили можеле и морале да го запрат тероризмот уште одамна. Сè уште не се случил погром во кој војниците не стоеле на страна. Понекогаш дури и учествуваат, а високиот офицер се осудува да се жали.

Седми октомври не е само ден на нашата катастрофа, туку и на палестинската. Не постојат зборови со кои би се искажало како Израел се изживува над Газа. Но тој не ги стави рацете на Западниот брег без охрабрување на каханистичките министри и молчењето на премиерот, останатите министри и јавноста. Последниве недели ги посетив Џенин, Тулкарм, Калкили, Рамала и Хеброн. Таму веќе ништо не потсетува на реалноста до 6-ти октомври, иако Западниот брег не учествуваше во октомврискиот напад. На 8-ми октомври три милиони Палестинци се разбудија во нова реалност, што не значи дека претходната беше похумана и полегитимна. Во копнежот да ја искористи можноста за освета, израелската чизма немилосрдно го гази Западниот брег.

Десетици илјади дулуми од земјата се присвоени, запалени и срамнети во последниве месеци и едвај и да постои рид на Западниот брег кој нема израелско знаме или доселеничка испостава која некогаш ќе стане град. И блокадите се вратија во полна сила, невозможно е да се патува од едно место до друго а да не заглавите на блокада и да трпите понижување со часови3. Невозможно е да се планира што било, во реалност во која најмалку 150 000 луѓе ги изгубија приходите откако им беше забрането да работат во Израел. Сите се казнети заради 7-ми октомври. Останаа без приходи 11 месеци, што мислевте дека ќе се случи?

Во соседството пристигна нов играч: беспилотното летало. Во темнината на војната која се одвива во Газа, воздухопловството почна да користи снајпери на преполниот Западен брег. Според податоците на Обединетите нации на Западниот брег се убиени 630 Палестинци од почетокот на војната, 140 од нив во околу педесетина воздушни напади. Она што е дозволено во Газа, дозволено е и на Западниот брег. Војниците го прифатија тоа и соодветно го прилагодија својот став кон Палестинците. Ако веќе не сме во Газа, барем ќе се однесуваме како да сме таму. Прашајте го секој Палестинец низ што поминал. Безнадежноста на Западниот брег никогаш не изгледала толку сигурно.

И после сè очекуваме да нема тероризам?

____________________

1. Операцијата следеше по застрашувачкиот број напади на израелски цивили во март и април 2002 година од страна на Исламскиот Џихад, Хамас и Бригадите на маченикот Ал Акса. Ужасот на овие напади беше и во тоа што повеќето од нив беа извршени од бомбаши самоубијци кои разнесуваа на места каде што се собираше голем број луѓе.

2. „Китот ХаКоненут“ се мали единици во населбите кои служат како брз одговор на безбедносните инциденти, а ги сочинуваат жители кои поминале обука. Нивните активности последниве години замреа, но повторно станаа актуелни по нападот на Хамас на југот од земјата. Доселениците ја користат ситуацијата за дополнително да се вооружат и под закрила на државата да ги малтретираат Палестинците.

3. Харец известува и за сексуалното вознемирување на Палестинките од страна на израелските војници на блокадите. Непрописното допирање, барањата да се прошетаат и да се завртат се дел од она низ што поминуваат за да стигнат го местото каде што тргнале.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Said Khatib

Извор: https://www.haaretz.co.il

ОкоБоли главаВицФото