1008 hPa
41 %
31 °C
Скопје - Пон, 09.09.2024 13:59
Во среда (4 септември), со почеток во 19 часот, во кафе-книжарницата „Буква”, ќе се одржи промоција на книгата насловена „Му” од Перица Ѓеоргиев. Книгата се состои од зен-раскази, предавања за будизмот, зен, медитација и самосвест, избор од предавањата на Перица Ѓеоргиев.
„Во најавата за претстојната промоција стои:
Смислата на зборовите е тишината.
Ако тишината биде пропуштена, смислата е изгубена.
Оваа книга не нуди информации, ново учење, доктрина или идеологија.
Таа е манифестација на тишината изразена преку зборови.
Ако ја додадеме кон знаењето со кое се полни умовите - можноста е пропуштена.
Ако се отвориме кон неа, таа може да го испразни умот, да го избистри погледот и да ги прочисти заблудите.
Се појавува ново разбирање. Разбирање што го носи свежиот мирис на невиноста. Мирисот на сегашниот момент - парфемот на вечноста!
Дали ќе дозволиме да се случи тоа?
Му!”
Перица Георгиев е македонски уметник роден во 1957 година, во Скопје. Израснал во семејство коешто ја поддржувало неговата индивидуалност насочена кон светот на боите, звуците, вибрациите – „невидливата“ суштина на надворешното, видливото и негова репродукција на хартија. Затоа е природен патот на неговото насочено образование, прво во Средното уметничко училиште, а потоа и на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Инаку, во 1984 година сосема природни се неговите први настапи со уметничката група „Зеро“, во која учествуваат повеќе уметници и музичари. Заедно излагаат во полето на колажот, инсталацијата, анимацијата, видеото, музичките и мултимедијални хепенинзи. Со веќе стекнато лично, креативно искуство, во 1987 година Перица Георгиев-Пепси дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Конечно, за него особено е значајно што остави белег во македонската уметност како еден од творците во групата „Зеро“, која беше активна во 1980-тите и влијаеше врз генерации македонски уметници. Оваа дружина на јаки индивидуалци и самосвојни автори се појави како своевиден андерграунд одговор на тогашната уметничка сцена, воспоставена во социјалистичкиот режим на СФРЈ и во Македонија како една од тогашните нејзини републики.