Ајде да го скршиме терариумот!

04.09.2024 11:43
Ајде да го скршиме терариумот!

 

„Кога зборувам за поезијата, не размислувам за неа како за жанр. Поезијата е свест за светот, посебен однос кон реалноста. Така поезија станува филозофија што го води човекот низ животот.“
Андреј Тарковски

 

Дебитантската поетска книга „Скршен терариум“ е силна потврда на ставот на Тарковски за поезијата. Филипа Сара Попова потпивнува од својот немир додека ги брои вдишувањата на самракот, ни се насмевнува од зад слоговите, ја буди заспаната совест со избрани зборови, поставува прашања во стиховите и меѓу редовите, ни ја глочка свеста како зрнца песок заглавени на дното на самотијата. Во неа има „жед за песна“, во нејзиното поетско битие клокотат зборови, се раѓаат здивови и извици што сакаат да го поплават и потоа одново да го изградат овој наш стар и уморен свет. Некогаш таа отворено нѐ повикува: „Ајде да сонуваме / како се уништува уништувањето / и како изумрените видови /се враќаат во својот дом.“ („Беда“). А другпат, кога реалноста премногу стежнува врз нејаките плеќи, и самото „земање длабок здив кон небото“, па дури и само кревањето среден прст, е доволно „како бунт против молкот и стравот“.

...молчам – ме научија да бидам молк
се ѕверам – ме научија да бидам ѕвер
ѕвер во кој тлеат илјадници празнини
огледала едни во други вперени
мисли одиграни наместо кажани.
(„Видеоигра“)

Во овие стихови гледаме и став против конзервативното, патријархално воспитување и живеење. Во молкот го насетуваме и пословичното македонско „наведнатата глава сабја не ја сече“, но поетскиот исказ ненадејно се свртува во сосем друга насока: „се ѕверам – ме научија да бидам ѕвер“. Можеби затоа што станувањето ѕвер во современиот оѕверен и обезбожен свет е единствениот начин да се возврати, да се зачува самобитноста, да се преживее.

Со својот бескомпромисен поетски израз, Филипа Сара Попова смело ги кажува работите со нивните вистински имиња. Отворено и искрено, без затскривање зад метафори и алузии, таа е сеизмограф на своето време. „Стопена во својот пејзаж / како тетоважи ги лепам на себе / сите сигнали од космосот“, вели во песната „Привиденија“. Одбивајќи да сонува со отворени очи, будно ги следи сите потреси на секојдневието, сите навреди на суштинското во човекот, сите рани по телото на земјата. Но притоа не е само обичен забележувач на случувањата, туку има активен однос кон нашиот завојуван свет и кон ова наше време. Време омеѓено, полно со граници и пречки за слободно растење и извишување. Време на површни вредности озаглавено од еден погрешен, материјалистички бог. Наместо прогонетиот Бог, современиот ненаситен консумеристички човек се самопрогласува за семоќен господар на таквиот свет и верува дека сѐ му припаѓа, па безмерно и неразумно ги троши земните богатства. Од друга страна, „вечно заградена, парчосана и прогласена за нечија“, веќе „прегазена и уморна од нас“, како наша голема, заедничка мајка, земјата „сака да клекнеш до неа, да ѝ ги слушнеш страдањата, / да ги признаеш своите, да ја погалиш и побараш прошка. / Тогаш ќе ти дозволи да ја наречеш сечија, / а таа тебе своја.“

Сѐ што е гнило на светот, сите земјотреси на секојдневието, сомнежите и недовербата што нѐ отуѓуваат, удавените соништа, прашокот во туѓа чашка, силуваните деца, лажната моралност, пискотот на изгорените шуми, маргинализираните луѓе... – „сето ова ќе трае и трае и трае / додека не речеш љубов, / не речеш солзи, каење, допир / или среден прст“ („Има нешто гнило во сето ова“). Токму така! На другиот крај од вечно незаситениот глад со кој се пополнува духовната празнотија, од гнилоста и лицемерието не може да стои ништо друго туку токму љубовта како основа на човечноста, на способноста за покајување и прошка и за подавање рака кон другиот и другоста. Таа е нужност во овој „свет што се раѓа и распаѓа“, во кој секој човек е издвоена единка, еден терариум во кој буи животот омеѓен од границите на стаклениот свод. Но нашиот свет е „моносвет“, тој ја казнува многустраната љубов, ограничен е и нѐ ограничува на едност: „еден бог, еден партнер, / една држава и една нарав... / монотеизам, моногамија, монопол на чувства...“. „Мораш сѐ што си да збереш во Една“, вели огорчено Филипа Сара Попова. Оттука, илузорно и апсурдно е да се зборува за некаква слобода. Авторката тоа го забележува на многу места: „Слободната љубов не е слободна“, „Ти не си слободна“, „никој не е слободен“, „борец за права пука во нечија слобода“, „заробување на слободата“... И токму затоа, еден ден терариумот мора да се скрши за да се излезе од заробеноста, затвореноста и едноста, да се протегнат рацете и да се стане дел од другоста, од заедништвото и од мноштвото. И макар со нозе вкоренети во почвата, мора очите да се вперат кон високото, мора да се гледа нагоре, кон небото, заедно со другите кон кои сме природно упатени.

Другоста и нејзиното прифаќање соодветствува со размислувањата на поетесата за телесноста. И тоа не нужно другоста во другиот, туку и во самите нас, и не нужно женската туку воопшто човековата телесност. Телото во сооднос со просторот што го зазема, врз кој врши и од кој трпи влијанија, како и во заемната зависност со другите тела со кои го дели истиот простор, го дише истиот воздух. И она што значи да се биде човечко суштество вкалапено во тело кое е вкоренето и осудено на таквата телесна заробеност што може да ја надмине само со извишување на духот и негово растење. „Повторно ја свлеков кожата“, вели поетесата во песната „Екокожа“, „ќе има ли нова овој пат?“

Оваа поетска книга е полна со почва и билки, со јаглен и јад, со сомнежи и преиспитувања, но и со пркос и храброст. Таа е сведоштво за нештата што се случуваат во нас и околу нас, за реалноста што како натрапник навлегува во нашиот мал, затворен и затоа колку-толку безбеден свет. Но исто толку е и повик за себеподобрување, за облагородување на опкружувањето, на земјата на која живееме, парчето време што го трошиме. Зашто иако секој од нас живее во својот терариум, не сме издвоени единки независни од другите, од времето и од случувањата во него. Свесно или несвесно, и самите вршиме влијание во светот и со своите мисли и постапки предизвикуваме одредени процеси и случувања. Затоа што сѐ во овој универзум е поврзано и меѓузависно и секоја причина предизвикува своја последица.

Претпоследната песна во книгата, насловена како „Краток совет“ и составена од само 5 стиха, но концизна и јадровита, за мене е програмска песна на Филипа Сара Попова. Во неа можат да се видат речиси сите нејзини тематски преокупации, стилот и нејзината пркосна поетика.

Краток совет

Будно спиј и мирно трепери,
прегрни ја разноликоста на твојот дух,
а кога е мачно и кисело, плукни високо,
нека твојот отров стане пролетен дожд
;;;;;;;;

„Краток совет“ може да се чита како начин за вистинско живеење, а од друга страна, и како состојба потребна за чувствување на светот и вибрирање со него. Творецот треба да е постојано во состојба на блага вознемиреност за да може да ги согледува и најмалите трепети во природата и во светот. Секој посветеник на уметноста носи една разноликост во себе што го издвојува од просечноста. Но тој и треба да е различен за да може од поинаков агол да ги согледува работите, да проникнува во нив и да ги искаже исфилтрирани низ своето чувствување и поимање на светот. Истовремено, тој и во себе носи своевидна двојност, тој е двострано разнолик. И не само што мора да се помири со различноста на другите, туку мора да ја прегрне и сопствената разноликост и да му даде израз на својот непомирлив став и пркос кон животот. Уметноста, во нашиот случај поезијата, навистина може да го менува светот, исплуканиот отров да го претвори во пролетен дожд кој ја прочистува атмосферата и носи свежина.

Со своето поетско битие, Филипа Сара Попова е свесна за моќта на поезијата да ги менува работите и да нѐ преобразува – и нас лично како нејзини творци, и светот во кој ја пуштаме да живее. Проткаена со горчина и критика кон современоста, но и со љубов кон човекот и човечноста, кон земјата и универзумот, нејзината поетска книга дише со верба во еден посветол и подостоинствен живот, во утрото што сепак се буди и во кое „птиците пак одлучиле да пеат“. Нека трае певот, нека никогаш не згасне жедта за песна!

Слики: Jedediah Corwyn Voltz