1006 hPa
94 %
17 °C
Скопје - Вто, 10.09.2024 19:59
Модната индустрија многу долго ја занемаруваше достапната мода за лицата со инвалидитет и многу прилагодливи предмети од облеката повеќе беа безоблични отколку елегантни. Меѓутоа, денес сè повеќе брендови прифаќаат да креираат прилагодлива облека и лицата со инвалидитет можат да ги следат најновите трендови и истовремено да носат облека и обувки со прилагодлив и функционален дизајн.
Што е тоа прилагодлива облека?
Прилагодливата облека прави облекувањето и функционирањето во неа да им биде достапно на луѓето со најразлични потреби. Заедницата на лицата со инвалидитет е разновидна, така што дизајнерите прифаќаат различни стилови прилагодлива облека за да креираат иновативни парчиња кои им го олеснуваат животот на лицата што ги носат. На пример, непрофитната организација Runway of Dreams која соработува со разни брендови за создавање иднина со инклузија, прифаќање и можности во модната индустрија за лицата со инвалидитет, која ја основала Минди Шаер откако нејзиниот син, кој живее со последици од мускулна дистрофија, посакал да носи фармерки но не можел да најде модел без предизвикувачките копчиња или патенти. Го искористила своето искуство за да креира неколку адаптивни фармерки за него и забележала дека неговата самодоверба по некое време нагло се зголемила. Токму затоа Минди Шаер ја нагласува важноста на соработката на дизајнерите со лицата со инвалидитет при креирање прилагодлива облека, зашто таа е многу повеќе од комоција.
Примери за прилагодлива облека се: панталони, кошули, фустани или здолништа кои се отвораат отстрана со помош на магнетни прицврстувачи наместо копчиња; чевли што можат да се обујат без напор; панталони со повисок струк кои се поудобни за корисниците на инвалидски колички; облека со пристапни точки за медицинска опрема, елементи на сензорна облека, едноделна облека...
Сè уште е долг патот до моментот кога целата модна индустрија ќе биде инклузивна и ќе произведува инклузивна облека, но можете да купувате брендови кои уште сега имаат тренди опции. Текстилната лабораторија The Good Housekeeping Institute анализирала многу брендови за да ги најде најдобрите прилагодливи решенија за облека која нуди низа опции кои му одговараат на широкиот спектар преференции и потреби. Ова се некои од нивните избори:
Tommy Hilfiger Adaptive креираше машка кошула која има традиционално шиени копчиња и е идентична со класичниот изглед на брендот, но постојат скриени магнетни копчиња зад преклопот за полесно облекување и соблекување.
Тексасот и лежерната облека на Seven7 Adaptive и фармерките за корисници на инвалидска количка имаат понизок струк однапред но повисок одзади за поласкав изгед и поудобно чувство.
Најдобрата прилагодлива облека во трендот на IZ Adaptive е посебно дизајнирана за корисниците на инвалидски колички и нуди модерни стилови познати по одличниот изглед и долговечноста. Особено се популарни панталоните и фармерките во сеопфатната табела со величини и беспрекорен дизајн одзади и без задни џебови.
Прилагодливата облека за постари лица Buck and Buck нуди парчиња кои се дизајнирани така што ќе бидат достапни и за лицето кое ги носи но и за негувателите. Слоганот на брендот е го олеснуваме облекувањето.
Најдобри прилагодливи патики се оние на Billy Footwear кои основачот ги дизајнирал во потрага по атрактивни достапни патики откако останал парализиран. Патиките се отвораат целосно однапред, така што можете да го ставите стапалото без потреба да ги навлекувате. Брендот има низа бои и стилови за мажи, жени и деца.
Најдобра детска облека прилагодена на сетилата е онаа на Sense-ational You која е дизајнирана за деца од аутистичниот спектар. Sense-ational You има модерна детска облека со иновативен дизајн како што е вградениот резервоар за компресија и рамните рабови за минимализирање на иритацијата.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.goodhousekeeping.com/