Младата Шитал Деви го воодушеви светот со својата техника во стрелаштво

05.09.2024 15:10
Младата Шитал Деви го воодушеви светот со својата техника во стрелаштво

Крајот на Олимписките игри не значи дефинитивно гаснење на олимпискиот оган, бидејќи после главните возбудувања во Париз, традицијата вели дека настаните продолжуваат со параолимписките турнири.

Француската престолнина во овој период ги пречека сите натпреварувачи/ки за Параолимписките игри, а од сите настани кои досега се понудија на програмата, најголемо внимание привлече една млада Индијка.

Шитал Деви е позната хероина во својата родна земја поради фактот што постигнува извонредни резултати во стрелаштво иако нема горни екстремитети. Резултатот кој го забележа на Параолимписките игри сега ѝ донесе планетарна популарност. Деви стигна до 1/8 елиминациска рунда на отвореното натпреварување во поединечна конкуренција за жени. Клип од моментот објавен за време на викендот беше прегледан повеќе од шеесет милиони пати пред да биде симнат поради авторски права.

Деви е родена со фокомелија, ретко вродено нарушување што доведува до неразвиени екстремитети и што резултирало со тоа што нејзините раце не се формирале целосно. Таа била „атлетски надарена“ уште од детството,  и обожавала да се качува по дрвја, што ѝ помагало и да развие силен горен дел од телото. Нејзиниот талент бил откриен на некој младински настан на индиската армија.

Шитал Деви во двојка со сонародникот Ракеш Кумар го освоија бронзениот медал во стрелаштво на Параолимписките игри во Париз.

„Нивниот заеднички успех е инспиративен пример за посветеност и координирани напори. И двајцата се инспиративни спортисти од кои нашата младина може многу да научи“, објави индискиот претседател Друпади Мурму на социјалните мрежи.

Покрај освојувањето на бронзениот медал во мешани тимови Деви воодушеви со начинот на кој успева да демонстрира прецизност, бидејќи техниката која ја употребува е досега невидена. Седумнаесетгодишната Индијка го држи лакот со својата десна нога и стрелите ги исфрла со помош на устата. Нејзината неверојатната прецизност и фокусираност направија да стане вирален хит, но истовремено и олимписки медалист.

Уште пред да замине во Париз, Деви веќе се прослави на светската сцена. Таа го освои среброто на Светскиот парашампионат во стрелаштво во 2023 година, со што стана првата жена стрелец без раце која некогаш освоила медал на турнирот. Исто така, освои и два златни медали и еден сребрен на минатогодишните Азиски пара игри. Шитал Деви беше прогласена за најдобра жена стрелец на годината во 2023 година од страна на World Archery.

Вештината која ја прикажа Деви ги воодушеви сите медиуми кои известуваат за Параолимписките игри во Париз, а голем впечаток остава и нејзината изјава.

„Сакам да им испратам порака на родителите кои имаат деца со попреченост. Ве молам поддржете ги своите деца, тие се способни да постигнат многу важни нешта во својот живот, некои од нив сигурно можат да освојат и медали. Јас сум пример за тоа“, вели младата Шитал Деви.

Извор: https://www.huffpost.com