1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
Некои луѓе, вклучително и членови на новата лабуристичка влада, се прашуваат дали оваа влада е социјалистичка или не. За време на кампањата Кир Стармер се претставуваше како социјалист, додека Рејчел Ривс го отфрлаше таквото именување. Што се однесува до Тони Блер, тој не се „аутираше“ дури ни како социјалдемократ и се однесуваше како да не е тоа плашејќи се да го налути пазарот. Други лабуристички лидери се прогласија себеси за социјалисти за да добијат наклоност на нивната база; но на сите им е повеќе или помалку јасно дека името „социјалист“ е шифра за социјалдемократ и дека тоа нема да предизвика незадоволство кај Господарот на светот. Во ред е да си социјалист под услов не си тоа.
Социјалдемократијата на крајот стана сочувствителна форма на капитализмот. Проблемот со сочувствителниот капитализам, како и со врзувањето појас во кола и со организацијата Save the Children, е што е тешко да се најде некој што е против тоа. Кампањите за гмечење на работната сила или за врзување работници на работно место не поминуват добро во изборното тело. Таткото на англискиот либерализам, Џон Лок, верувал дека тригодишни деца треба да работат во фабрики, но денес тоа би било неприфатливо дури и во Танбриџ Велс. Дури и левичарите би претпочитале сегашниот систем да се однесува колку што е можно похумано додека постои. Ленин ги обвини ултралевичарите, кои не поддржуваат хумани реформи оти тие го зајакнуваат капитализмот, дека страдаат од инфантилно растројство, а очигледно повеќето од нив умреле од тоа. Во оваа смисла, изборот меѓу реформи и револуција е фиктивен. Всушност, социјалдемократијата го започна животот кон крајот на 19 век како струја во рамките на револуционерното социјалистичко движење кое се согласуваше со целите, но веруваше дека тие може да се постигнат преку реформистички средства.
Друг проблем со капитализмот со нежно срце е тоа што нежното срце е скудна стока поради самата природа на системот. Сè на сè, човечката благосостојба веројатно нема шанси наспроти профитот. Да не заборавиме и дека има многу брутални, варварски капиталисти. Социјалдемократија е верувањето дека капитализмот и човековата благосостојба можат да се помират; ако дојде до точка дека треба да се избере меѓу нив, пазарот генерално диктира благосостојбата да се жртвува пред барањата на капиталот.
Зборот „сочувствителен“ во „сочувствителен капитализам“ значи дека нешто ви го нарушува мирниот сон. Но, не следи дека нешто не правиш или нема да го направиш. „Наш прв приоритет е благосостојбата на нашите работници / безбедноста на нашите патници / задоволството на нашите клиенти.“ Тоа е чиста лага. На прво место се вашите акционери и надежта дека овој факт некако може да се помири со благосостојбата, безбедноста и задоволството на другите. Некогаш се случува, а некогаш не, во зависност од економските фактори кои се главно надвор од ваша контрола. Социјалдемократијата е заразена со следниот парадокс: за да се избегнат најсуровите последици од капитализмот, системот мора да пукне од сила. Вистинското прашање не е дали Стармер е социјалдемократ, туку дали капитализмот ќе му дозволи да биде таков со создавање на магичниот ентитет познат како раст. Во оваа смисла, да се биде социјалдемократ не е исто што и да се биде баптист или веган.
Концизна дефиниција за социјалист, наспроти социјалдемократ, е: оној кого Стармер го исфрла од Лабуристичката партија. Ова не треба да доведе до заклучок дека социјалистите и социјалдемократите немаат никаква заедничка основа. И двајцата се противат на општеството каде што некои носат крокодилски чанти од Хермес Биркин од 16.000 фунти, а други пребаруваат по контејнери. И тие се разликуваат по тоа што социјалистите мислат дека таквите нееднаквости се нешто исто толку природно за едно пазарно општество како што се тетоважите за Дејвид Бекам, додека социјалдемократите се надеваат дека нееднаквостите можат да се испеглаат без многу врева. Другиве ја споделуваат оваа надеж со десницата, но се разликуваат од неа по нивното верување во скромна јавна сопственост, во нивниот помалку благ однос кон богатите и во нивниот ентузијазам за јавниот сектор.
Има и друг начин да се каже: десничарите веруваат во хроники, а левичарите во наративи. Хроника е извештај во кој предметите се поставени еден до друг и не се претпоставува дека се меѓусебно поврзани („Кралицата умре, а потоа умре кралот“), додека наративот ги истражува причинско-последичните врски („Кралот умре зашто умре кралицата“ ). Кога велиме дека има богати и сиромашни, тоа е хроника, но кога велиме дека богатите постојат (во целина, општо земено) зашто има сиромашни, и обратно, тоа е наратив. Десничарите имаат тенденција да веруваат дека питачите и милијардерите постојат како што постојат дијабетичари и недијабетичари, а не како што постојат убијци и убиени.
Социјалдемократите сметаат дека работите во основа се движат во вистинска насока. Има проблеми, се разбира, дури и доста големи, но ако сме доволно одлучни, можеме да се справиме со нив. Постојат острови на ужас и нечовечност во инаку задоволителниот социјален пејзаж. Од друга страна, социјалистите се прашуваат дали луѓето кои размислуваат така се без памет или едноставно не читаат весници. Социјалистите не се нихилисти или дефетисти; напротив, тие веруваат дека менувањето на светот е реален предлог. Но, тие мислат дека промената на подобро мора да оди рака под рака со постојниот свет бидејќи тоа не е во прилог на тоа; модерното време сигурно видело некои чудесни промени во човечките вредности, но во моментов тие постојат заедно со геноцид, тешка сиромаштија, ширење авторитаризмот, подем на екстремната десница, закана од нуклеарно уништување и сè поголема можност за клима тскакатастрофа.
Затоа не фантазираат некои наивни анархисти и глупави утописти, туку луѓе во деловни одела кои мислат дека радикалните промени се или непотребни или надвор од нашите овластувања, иако површен поглед на историјата јасно покажува дека тоа не е вистина. Особено фантазираат сонувачите кои мислат дека светот, кој се грче во агонија, може да се реформира со мало зголемување на данокот на богатство или со национализација на лажиче. Германскиот филозоф Валтер Бенјамин рече дека револуцијата не е воз што дивее излезен од контрола, туку повлекување на сопирачките во случај на опасност. Клучната дебата денес е меѓу оние кои веруваат дека климатската катастрофа може да се ограничи без промена на постојните имотни односи и оние кои веруваат дека таквиот став е потенцијално смртоносна форма на носталгија. Како што вели Наоми Клајн во книгата Doppelganger, алтернативата за ослободување од оние кои го ставаат својот профит над опстанокот на човештвото е „одлуката да се запалат и поплават континентите населени со „пониски раси“, бидејќи во спротивно... протокот на неограничената акумулација ќе биде прекинат“. Би се рекло дека социјалдемократијата е на погрешна страна во овој важен судир на гледишта.
Како студент, летниот одмор го поминавав работејќи во магацин на филијала на M&S. На ѕидот од мензата имаше голем графикон со линии во разни бои. Еднаш го прашав колегата Анри што значи тоа. Тој ми објасни дека различните линии го претставуваат месечниот промет на нашата продавница во споредба со другите продавници на M&S и дека поентата е да се поттикне пријателска конкуренција меѓу различни групи работници. Сите што работеа во нашата продавница беа свесни дека духот на заедницата не ги штити од можноста да бидат отпуштени во секој момент или да им се намали платата, а повеќето исто така разбираа дека главната поента на пријателскиот натпревар е да се создаде психолошка клима за да може да се извлече уште поголем профит од нив. Од нив се очекуваше да се идентификуваат со компанија која, како што добро знаеја, во никој случај не е нивна. Јас и Анри молчејќи се загледавме во табелата некое време, а потоа тој рече: „Сето тоа е лажно, нели?“
Слики: Wayne White
Извор за текстот: UnHerd, 08.07.2024.
Превод: Н. Г.