Господин човек

08.09.2024 14:21

Договорот со германската фирма за литиумски батерии го потпишал сдсмовецот Битиќи во септември минатата година, а еве, овој септември му падна честа на вмровецот Мицкоски да го стави камен-темелникот. При што, Мицкоски рече: „Фатмир Битиќи кажа тој е тој којшто ја донел, па еве јас од мое име да му се заблагодарам затоа што процесот го водел до каде што го водел, жалам што не успеал да го заврши до крај“. И, наместо да заврши тука, продолжи: „Претпоставувам не успеал да ги убеди граѓаните како што еве ги убедувал неговите сопартијци на осми мај, па доживеа дебакл каков што доживеа“.

Е што благодарност беше тоа? Толку ли Мицкоски не може да се издигне над ситуацијата, па мораше и благодарноста за една инвестиција да ја претвори во потсмев? Од каде му извира потребата постојано да го повторува тоа дека победил? Уште ли не може да си поверува дека е премиер?

Па ако е за честитање, честитај. Ако е за благодарност, заблагодари се, не се потсмевај. Биди господин. Ако е за фалење, пофали. Така ќе оставиш простор утре и тебе да те пофалат. Господин човек.

Горан Михајловски, СДК, 06.09.24.