Демократијата, феудализмот и медиумите

09.09.2024 04:21
Демократијата, феудализмот и медиумите

Сè тргна низбрдо кога беше укината државата на благосостојбата која по Втората светска војна ја воспостави британскиот премиер Клеменс Атли. Социјалната држава е уништена, општеството е убиено („No such thing as society“ - Маргарет Тачер). Победи законот на пазарот. Законот на неконтролираниот пазар, чиј бог е маркетингот.

Потоа некако беше логично дека со текот на времето одредени области ќе се феудализираат. Тезата на некогашниот министер за финансии Јанис Варуфакис гласи дека тоа се случува во големи размери. Тој објаснува дека дигиталните компании изглегле од капитализмот, зашто капитализмот подразбира конкуренција, а тоа ги турнало во феудализам. Зашто кога нема конкуренција, нема ни капитализам. Тоа е феудализам, поентира Варуфакис. Гугл практично нема конкуренти, сите се купени или уништени или толку се мали и на маргините што гигантите не ги ни интересираат. Гугл е на феудална, а не на капиталистичка позиција. Иста е приказната и со Мета (Фејсбук, Инстаграм) и неколку мега компании кои меѓусебно ги поделија областите и пленот, како вистински феудални владејачи.

Бидејќи не мораат да се борат со конкуренцијата, овие компании сè претворија во чист маркетинг. Со други зборови, во создавање реалност. Нова реалност. А се покажува дека сè може да се постигне со многу пари. За сè да биде полошо и тоа им донесува уште повеќе пари. Реалноста ни е маркетиншка. Заради околностите дојде од виртуелниот свет, но е последица на укинувањето на општеството, читај правилата, рамките, грижата за незаштитените... Од историскиот феудализам ги разликува само уште отсуството на правила ius primae noctis.

Бидејќи монополистите веќе не мораа да се огласуваат и рекламираат, зашто се единствени, тие претворија сè во маркетинг.

Денес е тешко да се пронајдат текстови на пребарувачот Гугл кои не се направени со маркетиншки техники. А сето тоа започна како најголема база на знаења во светот. Од знаењето остана многу малку. Сè стана маркетинг.

Не може да се објави слика која не е правилно маркетиншки обликувана. Ако не го направите тоа можете да се насочите кон самоизолација или да се убиете. Зашто, ако не се продадам во светот во кој се продава сè, тогаш не вредам ништо.

Пазарот и маркетингот, односно капитализмот, со себе во амбис ја повлекоа и либералната демократија. Што е вистинска штета. Засега нема добра алтернатива за тој систем. Нема ни за капитализмот, но ќе мора да се осмисли. Секако, ако не планираме сите да скокнеме во тој маркетиншки врел казан. Ако преживееме сè останато, еколошката катастрофа нема да ја преживееме, а со ваков капитализам патот кон пеколот е загарантиран.

Френсис Фукујама објаснува зошто либералната демократија сè уште е последниот збор на политичката технологија:

-Последнава деценија глобалната политика ја обликуваа моќните држави чии водачи не се ограничени со закон и устав. Моќната авторитарна власт е промовирана како алтернатива на либералната демократија. Русија и Кина се предводнички на новиот политички бран, а клучната критика на сметка на „стариот систем“ се однесуваше на тоа дека во демократските системи постојано се дискутираат, се колебаат и не се исполнуваат ветувањата. Во авторитарните системи нема такви вишоци.

Кина и Русија станаа авангарда на глобалната политика. По тој пат се движат и други држави: од Мјанмар и Тунис до Унгарија, Полска и Ел Салвадор.

Фукујама вели дека авторитарните режими ги мачат две слабости:

-Прво, концентрацијата на моќта во рацете на еден водач на врвот гарантира неквалитетно донесување одлуки, а со текот на времето ќе доведе до катастрофални последици. Второ, отсуството на јавна дискусија и дебата во „моќните“ држави, како и отсуството на каква било одговорност, како последица има плитка поддршка за лидерот која може да еродира во секој момент.

Поентата на целата приказна е дека, меѓу другото, либералната демократија издржа разни притисоци и крахови зашто алтернативите се многу лоши. Луѓето не сакаат да живеат во диктатура, тие ја ценат сопствената слобода. Тоа нема да се промени. Како крунски доказ за таа теза Фукујама го наведува фактот дека милиони луѓе кои бегаат од војна и/или глад не итаат кон Русија, Кина или Иран. Луѓето сакаат слобода, отсекогаш ја сакале. Дури и кога се опортунисти и конформисти, дури и тогаш ја сакаат слободата. Тоа нема да се промени.

Таквата комбинација на капитализам и либерална демократија е мошне спорна. Во Русија и опашките (Унгарија, Србија) имаме, ако ништо друго барем нелиберална демократија, а всушност автократија. И повторно капитализам.

Заклучокот е дека мораме да работиме на одржување на либералната демократија и трансформација на капитализмот кој во некои области премина во феудализам.

Првиот чекор би бил да се запре феудализацијата. Интернет гигантите треба да се стават во прифатливи рамки. Засега, Европската унија најмногу работи на тоа, значи либералната демократија против феудализмот. Кон средината на 2024 година стапува на сила Актот за дигиталните пазари со кои Епл, Амазон, Гугл, Фејсбук и Мајкрософт ќе бидат ограничени во многу федуални бизниси. Казните се десет проценти од глобалниот приход на компаниите, а до дваесет проценти ако вторпат се прекрши истото правило.

Она што сè уште изостанува е влијанието на поединци на голем број луѓе, пред сè на социјалните мрежи. Ова е толку спорно што целото општество се витка и превиткува само затоа што неколку будали, често и лудаци, добиле неограничен медиумски простор. Практично, тие се сопственици, уредници и новинари во медиуми кои можат да се „основаат“ за неколку минути, а потоа да ги водат без никаква одговорност.

Така се уништени многу животи, додека општеството се претвора во голема каллива бара. Всушност, решението е едноставно. Сите европски земји, а верувам и оние надвор од Европа, но не познавам толку за да тврдам, имаат многу добри медиумски закони. Тоа е особено важна информација за земјите во кои се применуваат овие закони, но, за жал, ние не сме на тој список.

Медиумите имаат уредници, правници, одговорност... Меѓутоа, медиумите пред сè се сочинети од луѓе кои ги слушаат, читаат и гледаат. Телевизија без гледачи и не е телевизија. Да го промениме аголот на перцепцијата: лицето или лицата кои некаде, каде било, го следат одреден број луѓе можат без поголеми законски проблеми да се сметаат за сопственици на медиуми. Ако, да речеме, некој профил на Фејсбук го следат 5 000 луѓе, тој станува медиум. Со самото тоа важат законите за медиуми. И ете го решението. Кога следен пат ќе објави нешто што не е во согласност со законот, ќе биде казнета личноста која стои зад него, како што, впрочем, би била казнета и секоја телевизија ако објави снимка со насилство над малолетници...

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Ethan Murrow

Извор: https://lavalab.rs/

ОкоБоли главаВицФото