1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
Фијо-тан-бл, 1957
Движење по рабовите на уметноста (воковизуел, проектизам, идеограми, тактизон)
Во белградскиот Музеј на современата уметност (МСУБ), изминативе шест месеци беше поставена ретроспективната изложба „Пред времето и понатаму“ („Испред времена и изван“) на трансмедијалниот уметник и композитор Владан Радовановиќ (1932–2023) кој творел во областа на музиката, сликарството, литературата, новите медиуми и мултимедијалната синтеза. Неговата поливалентна творечка личност се развива паралелно со модернистичките текови на уметноста, дивергирајќи од општото кон иновативното, движејќи се по граничните линии „кон“ или „од“ уметноста, или како што самиот ги дефинира овие траектории: артифугално и артипетално. Доста рано во втората половина на минатиот век, тој се појавува на југословенската ликовна сцена како пионер на трансмедијалните практики конципирајќи автентични творечки дискурси развиени низ ликовна пракса и теориски записи. Во контекст на авангардните и неоавангардните тенденции од повоениот период, Радовановиќ ќе остане запаметен по специфичните концепции: воковизуел, тактилизам и проектизам како посебна форма на умствена уметност.
Девојката која старее, 1956
Неговото творештво во доменот на сликарството, музиката и литературата започнува меѓу 1947 и 1949, со пресврт кон спиритуализмот [духотворство] во 1953 и записи на соништата како форма на мултимедијална синтеза. Записот на соништата како поетика произлегува од потребата за спас од заборавот, меморирање на чудесното и недофатливото, на мултидимензионалното, на веќе-виденото, на искуството – недостижно во будната состојба, она што го искусува „другиот“ во него. Од 1954 истражува во протоконцептуалистички, умствен проектизам, близок до хепенингот и перформансот, а од 1956 ги развива првите дела со тело – тактизон, истата година кога формира систем на идеограми – афоничен воковизуел, сличен на визуелната поезија. Од 1957 творечките чекори се развиваат низ полимедиуми, конципирани како асемантички пол на синтеза во уметноста во која се вбројуваат вербо-гестуалните дела. Воковизуел е конвергирачки концепт на испишани и изговорени зборови (вербо-воко-визуел), семантички организиран полимедиум кој опфаќа визуелни појави и поетики. Практиката на проектизам, сродна со подоцнежната концептуална уметност како умствен спиритуализам во своето средиште ја става идејата. Дискурзивноста на проектизмот се остварува преку лингвистички модел и употреба на јазикот на некнижевен начин.
Ноќ, сон, 1979
Во седумдесеттите години, Радовановиќ промислува околу изложбениот простор и неговите можни функции, низ концептите: изложбениот простор како објект, изложбениот простор во контакт со надворешниот свет, и неинтервенција во изложбениот простор како изложбен. Идеограмите ги разработува од 1957 година, а прв пат се изложени на првата изложба на групата Медијала во 1958 година. Централната преокупација на идеограмите е изразниот облик без зборови, визуелен контекст на резимирани елементарни облици кои означуваат доживување, состојба или смисла. Идеограмите не се директни преносители на смислата, туку метафоричен пренос кој овозможува непосредно поврзување на изразната компонента со смислата. Системската организација на идеограмите е еден чекор понатаму кон поетската функција. Комуникабилноста на системот на идеограми функционира преку претходно познавање на знаците, а неговата отвореност кореспондира со логиката на взаемни односи со други идеограми. Читањето на идеограмите е неконвенционало, без кореспонденција со внатрешниот говор или неговата граматичка правилност. Смислата се воведува преку паметење на артикулирани целини, но крајното читање не посега по истата артикуларна целовитост.
Премостување на просторот, 1977
Тие се медиумски условени/предиспонирани, така што нивните модалитети водат кон откривање на резонанци помеѓу различните смисловни проекции. Идеограмите кои се засновани на иконични предлошки се разликуваат од вербалните идеограми, со предвидена читливост од лево кон десно, читање на наративот низ визуелната променливост, приближно до моделот на стрип. Вербо-воко-графовизуелните дела се конституирани од испишани и исцртани букви и фигури, како трага на личниот ракопис со функција на преобразба во фигурална проекција. Одвоени од контекстот на зборовите, буквите добиваат засебно постоење, сопствено значење, различно од значењето кое го стекнале како соучесници во зборовната целина/структура. Тактилизам или тактизон е вид на тактилна уметност која го третира тактилното како привидна аморфна маса наменета за остварување на контакт, на допир. Како и претходните уметнички практики, и тактизонот претпоставува вклученост на публиката, партиципативност, телесно дејствие, допир и движење. Големиот звучен тактизон од 1957 е наменет за набљудувачот-учесник кој поминува, или се движи низ објектот.
Привидно огледување, 1977
Синтезата на зборови, звук и слика во тродимензионален простор е реализирана преку конструкција на вербо-воко-стерео-типовизуелни објекти како хексаедар, полиедар, топка, каде карактеристиките на дводимензионалното се ставени во функција на набљудувањето, на неможноста за истовремено читање на текстовите, и условеноста од обликот во продукција на повеќе-насочни читања на оддалечни и вкрстени текстови. Ваквата концепција говори за осмислена постапка на „просторна експанзија“ и за проширување на иманентната димензионалност на предметите, на облиците сами по себе. Текстот се појавува како преклопувач и префрлувач на проекцијата од плошна конфигурација кон просторна мрежа. Дел од творбите се организирани кон остварување на впечатокот произлезен од движењето на читателот, а тактичкото и семантичкото се остваруваат или преку нивната раздалеченост и одвоеност или преку асоцијативност. Дел од творбите како Фијотанбл и Дланки, формираат/обликуваат идиоми со истовремена моделација и на зборови и на движења. Идејата не е претходник на овој концепт, туку таа произлегува како медијанта на две одливки.
Ракување со експонати, 1979
Нивната взаемност е непоказлива, останува само меѓуидејата како посредник. Даденоста подлежи на визуелно преобразување, на превод на првосоздаденото. Делата со тело се само привидно слични со телесната уметност, според делумната трансформација на субјектот во објект. Трансформацијата од субјект во објект, не е наменета за други, не е нужно уметнички предмет, и покрај тоа што функцијата на набљудувачот не може да се поништи, да се изостави. Сопственото тело повторно се конституира, но не во облик на скулптура, туку следејќи ја раководеноста од чувството за повторно себе-создавање. Радовановиќ е коосновач на групата Медијала (1958), еден од уредниците на авангардното списание Рок (1969) и иницијатор за основање на Електронското студио на Радио Белград. Својата експериментална пракса ја развива во повеќе студија во Варшава, Париз, Утрехт и Будимпешта. Во СКС, Белград во 1975 е прикажано неговото дело Глас од звучникот (7"), конципирано како концептуален текст произлезен од снимен глас, магнетска лента како медиум и репродукција на снимка преку звучник. Автор е на првото компјутерски-реализирано дело Компјуторија, 1976 (8'13"), прикажано во 1977 во Утрехт. Хронографски, оваа ретроспектива резимира и евидентира творечка пракса развиена преку категориите: воковизуел и проектизам (1954), тактилна уметност (1956), полимедија (подоцна синтеза уметност), дела со телото (1957), музика за касета (1960), електронска музика (1966), компјутерска музика (1976), компјутерска графика (1988).
Топка, 1971-1974
Музеј на современата уметност, Белград – МСУБ (28.03 – 10.09.2024)