1012 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 07:59
Во настојувањата антимиграциските ставови и заговорот за поригорозни гранични режими да ги лишат од трагите расизам и ксенофобија, политичарите, идеолозите, креаторите на јавното мислење и пореномираните креатори на содржини на десницата, но и пошироко на политичкиот спектар, посегнуваат по разни аргументациски методи. Нивоата на софистицираност на овие методи варираат, а за оваа прилика ќе ги издвоиме двете со најизразени амбиции за задоволување на условите на жанрот на политичкиот реализам. Двата се засноваат на претпоставката според која пошироко сфатената (либерална) левица на проблемот со миграциите му пристапува наивно и идеалистички и намерно ги заобиколува реалните проблеми за чие постоење исклучиво ја обвинува десницата.
Првиот метод се однесува на наводното лицемерие или двојните аршини. Веројатно од десницата повеќепати сте го слушнале обвинувањето според кое левите активисти и политичарите без никакво двоумење или критериум им помагаат на бегалците со различна боја на кожата кои се во неволја, а целосно го занемаруваат помагањето на сонародниците со полоша имотна состојба кои имаат разни проблеми. Таквото обвинување има цел да покаже дека современата левица во себе негува класен презир и е интегрален дел од елитата која не знае да комуницира со обичниот народ, а искажаната добредојденост кон бегалците им служи исклучиво за да се претстават како „попрогресивни“ од истиот тој народ. Со оглед на политичките приоритети на левицата и нејзиниот класен состав последниве четириесетина години, ваквото обвинување не е сосема измислено. Но, не се работи за некаква пресметана политика туку повеќе за наследените сентименти и политичкото неснаоѓање. За почеток, не станува збор за игра на нулта сума: сосема е можно политички и социјално да си помагаат едни на други. Како што е сосема можно, во случајот на десницата, да не им се помага ни на едните ни на другите. Обвинувањето цели на недостатокот на класна димензија на политиката на современата левица и тоа обвинување е легитимно, но не може да се побие со мирно гледање како бегалците се дават во реки. Ако доказите за автентичноста на некаква политика зависат од хиерархизацијата на луѓето, тогаш тешко можеме да не зборуваме за расизам и ксенофобија и да ги криеме зад левото занемарување на класите.
Постои уште една димензија на овој метод која исто така се заснова на разоткривање на наводното лицемерие. Таа вели дека левицата одбива соработка со обичниот домашен народ заради неговиот традиционализам и конзервативноста, а не се води според истите критериуми во третманот на бегалците, на пример, од арапските земји, иако нивните политички ставови исто така се конзервативни и традиционални, веројатно и уште „потврди“. Покрај тоа што во основата на ваквото разоткривање стои расистичката предрасуда според која еден цел дел од светот е лишен од каква било политичка разновидност, од видот се губи и една пресудна разлика. Политичкото спротивставување на конзервативизмот и традиционализмот во домашна варијанта е спротивставување на политичките идеи, а одбраната на правата на бегалците е одбрана на нивното право на политичко граѓанство и политички идеи. Станува збор за одбрана на антирасистичкиот став според кој политичките идеи не произлегуваат од нечија боја на кожата или религиската припадност.
Вториот метод се потпира на дијагнозата според која левицата живее во имагинарен свет и не може да ја согледа сета реална комплексност на миграциските и граничните политики. Овој метод е поприсутен кај оние општествени групи кои се нарекуваат пост-левичари или традиционални социјалдемократи. Најсофистицирано име меѓу нив е германскиот социолог Волфганг Стрик, своевиден интелектуален ментор на Сара Вагенкнехт. Иако номинално се залага за рамноправност и интеграција на мигрантите, Стрик во последното интервју, по повод неодамнешниот успех на партијата на Сара Вагенкнехт на изборите во источните германски сојузни држави, тврдеше дека националните држави се рамка на политичкото дејствување, дека преку нив се реализирани граѓанските и социјалните права, и тука фактички е во право, и дека не можеме да се однесуваме како да не постојат и да имагинираме некаков универзалистички свет. Додаде и дека мигрантите треба да им се проилагодат на „традициите и обичаите“ во националните држави во кои доаѓаат и дека мораат да ги почитуваат вредностите на тоа општество.
Ако првиот метод системски ја занемаруваше политичката разновидност на земјите од истокот, позицијата на Стрик системски ја занемарува политичката разновидност во земјите во кои доаѓаат бегалците и мигрантите. Стрик е во право кога ги критикува оние делови од левицата кои замислуваат дека процесите за интеграција ќе се одвиваат успешно така што сите ќе станеме подобри луѓе или кога ги критикува партиите од естаблишментот кои системски ги занемаруваат потребите на домашното население, но промашува цела топка кога прашањата за „традицијата и обичаите“ ги евакуира од сферата на политиката во сферата на некаква вечна култура. Сето она што го нарекуваме „традиција и обичаи“ е исход на некакви социјални и политички препирки и конфликти во кои некој победил привремено. И во „традицијата и обичаите“ постојат односи на моќ и хиерархија меѓу луѓето кои се прикажуваат како културно наследство, а не како политички однос кој се репродуцира активно. А кога станува збор за општествените вредности, веројатно тоа се законите кои ги штитат.
Од десницата ширум Европа често може да се слушне дека полицијата и судството многу ноншалантно ги третираат луѓето со поинаква боја на кожата за наводно да не се дознае вистината за високиот степен на криминал кон што наводно се наклонети. Имајќи го предвид бројот на убиени луѓе кои се обиделе да стигнат до Европа, а и искуствата со полицијата на оние кои успеале во тоа, обвинувањето звучи налудничаво. Но дури и ако земеме предвид и дека е делумно точно во смисла дека се колеба со изнесувањето податоци за некој од овие општествени групи кој сторил некакво казнено дело, колебањето не доаѓа од некаков скриен пакт помеѓу елитите и малцинствата, туку од простата причина што десницата расистички го затру јавниот простор изедначувајќи одредени раси и криминални тенденции. Главен проблем на миграциите е расизмот на десницата, а не наивноста на левицата.
Превод: Алек Кузмановски
Фотографии: Alejandro Cegarra
Извор: https://www.bilten.org/