Алис Џејмс: Колку некој треба да биде здрав за да биде болен!

11.09.2024 09:52
Алис Џејмс: колку некој треба да биде здрав за да биде болен!

Алис Џејмс, околу 1873 година

Неврастенијата, вообичаена болест која беснеела во деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, денес повеќе не постои во официјалните дијагнози. Терминот неврастенија ги вклучувал речиси сите видови психосоматски болести.

Болеста станала препознатлива за пошироката јавност благодарение на д-р Џорџ Милер Берд, кој објаснува дека луѓето имаат одредена количина на нервна сила која може да се сочува или потроши... а како резултат на прекумерното трошење, настанува т.н. нервен банкрот.

Растот на нервозата се припишувал на развојот на следните пет ставки: парната машина, периодичните списанија, телеграфот, науката и – менталните активности кај жените. Неврастенијата лесно ги погодувала оние кои повеќе претпочитале да се занимаваат со ментални отколку со физички активности.

А жените биле (и останаa) склони кон разболување - затоа што ние сме, едноставно, жени. Слабоста е женска карактеристика, а растот на женското учество во интелектуалните и образовните активности придонесува за развој на (фантомски) болести.

Кај Алис Џејмс, неврастенијата била дијагностицирана по нервниот слом што го доживеала уште на деветнаесетгодишна возраст. Речиси половина век по нејзината смрт, објавен е Дневникот на Алис Џејмс, во кој со детални увиди е опишан животот со неврастенија, болеста што (постепено) ја доведува Алис до инвалидитет.

За Алис, попреченоста е јадрото на самоизградба и средиште на идентитетот. Таа го користи медицинскиот дискурс за да го илустрира сопствениот свет во внатрешноста на култура која инаку инсистира на женска потчинетост, покорност, пасивност, неподвижност, инвалидност.

Во своите дневнички записи, Алис поставува предизвици на ставовите за жените со попреченост, го нарушува воспоставеното разбирање за попреченоста како онеспособувачки фактор и нуди единствен одговор на традиционалниот поглед на жените со попреченост.

Алис Џејмс, на единаесетгодишна возраст, во 1857 година

Болеста како работна задача

Попреченоста како метафора, побуна или отпор кон женската улога, перформанс или професија? Делумно, состојбата во која Алис се (про)нашла била вообичаена за жените од викторијанското доба. Нејзиниот (славен) брат, Хенри Џејмс, вели дека трагичното здравје всушност било единственото решение за практичниот животен проблем на Алис.

Нејзината нервна болест е тесно поврзана со наметнатата женска улога, како и со нејзиниот отпор кон смртната досада и наметната бескорисност, задушувањето на нејзината активна природа, нејзините фрустрирани надежи – неминовности за една жена од средината на деветнаесеттиот век во Нова Англија.

Во случајот на Алис Џејмс, попреченоста добива својства на кариера, а умирањето е нејзино животна професија. (Можеби не само нејзина. Со начинот на живот сите сами си ја бираме сопствената смрт, само кај Алис тоа е очигледно.) Целата нејзина интелигенција и енергија се вложени во комплексната професија да се биде болен/на.

Алис била горда на фактот што била способна да толерира толку многу болка. За неа попреченоста претставувала континуирана работа, начин на живеење низ болка и во болка, во надминување на нелагодноста и безбројните секојдневни препреки кои не се само тешкотии, туку и прилики за страдање.

И работата и болката бараат вложување напор, што доведува до исцрпеност (особено во случаи на хронична болка). Она на што е неизбежно да се работи е намалувањето на (интензитетот) на болката и нејзино одржување во размери на контролирана нелагодност.

Со други зборови: Стравот од болка, исто така, се изразува или изместува како страв од луѓето кои боледуваат, што често ги изолира луѓето со болни инвалидитети - како што објаснува Сузан Вендел, потврдувајќи го искуството на својата претходничка. Таа прекумерна фокусираност на справувањето со болката најдобро се открива во зборовите на Алис: Колку треба да биде некој здрав за да биде болен!

Непосредно пред нејзината смрт, Алис ја опишува физичката болка како привремена и ограничена на нејзиното тело. На физичката болка може да се заборави, за разлика од ужасот на нервните болки и сломови што ги доживеала.

На извесен начин, тоа останува втиснато во нејзината душа (како метафора за текстот што го испишува). Алис сфаќа дека читателите на Дневникот нема да ја искусат нејзината физичка болка, но верува дека ќе ги разберат нервните ужаси низ кои поминала.

Алис Џејмс и Кетрин Пибоди Лоринг во болничката соба на Алис

Испишување на себството/женството

Совладувањето и управувањето со болката е напорна работа. Традиционално, позицијата на активен и продуктивен/на граѓанин/ка им припаѓа на лицата без попреченост.

Алис ги користи заедничките места на дискурсот за неврастенија – енергија, сила, трошење, губење – за да им се спротивстави на воспоставените начини на кои доминантната култура ги класифицира жените со попреченост, позиционирајќи се себеси како способна за живот, во секоја смисла.

Во првиот дневнички запис, Алис ја дефинира смислата на водење дневник: да изгонам барем дел од тоа чувство на осаменост и пустош што престојува во мене.

Таа пишува за својот емотивен напор, гејзер од емоции, сензации, шпекулации и рефлексии, главоболки, стомачни тегоби, несвестици, телесни болки - таа пишува за оптовареноста со сите овие проблеми во нејзиниот дневник.

Во контекст на самиот дневник, Алис на некој начин се позиционира како типична неврастеничка - деликатна, пречувствителна, исцрпена, а дискурсот на неврастенијата го користи за сопствените емоционални реакции и болни телесни сензации.

На други места, таа го поткопува тој дискурс за да ја нагласи субјективноста и да ја постави попреченоста како централно место на својот идентитет.

Користејќи метафори на економијата – банкарскиот концепт на телото – Алис конструира економија на себството карактеризирана со тешкотиите на живеењето со попреченост, каде што пишувањето и способноста да се справи со емотивните напори и телесната болка се водечки вредности.

Во дневникот Алис се сеќава на нејзиниот прв нервен слом, проследен со жесток напад на хистерија. Додека ја опишува комплексната мешавина на ментален немир и физичка болка што ги искусила, таа ги изразува тешкотиите на живот со наметнати ограничувања - што неврастенијата само ги додава на веќе постоечките ограничувања за една жена од деветнаесеттиот век.

Алис открива дека помеѓу нејзиното тело и ум се одвива еден вид војна, истакнувајќи дека неврастенијата го препушта моралот на крајностите: личноста може да страда од морална лабилност или пак, од морална пречувствителност.

Неумерената нервна чувствителност може да доведе до недостаток на морални обѕири, што кај Алис се манифестира како желба да го убие својот татко. Таа не го прави тоа, но не затоа што не е луда. Сите ужаси и страдања на лудилото се во неа, како што самата вели.

Бидејќи крајно безуспешно била лекувана во медицински установи, таа продолжува да биде самата свој лекар, медицинска сестра и сопствена лудачка кошула. Алис открива дека моралната пречуствителност (пожелна женска карактеристика) е потенцијална причина за нервоза.

Исто така, нагласува дека отпорот кон неврастенијата ја принудува да води војна против сопственото тело (удоволувајќи ѝ на културата која има тенденција да имобилизира сѐ што е женско).

Алис Џејмс во 1891 година

Вајање на магла: Самоизградба

Алис препознава дека во Америка од 19 век, на попреченоста се гледало како на спектакл, куриозитет или дури и фрик шоу. Во тоа време, лицата со попреченост биле третирани како објекти во очите на научниците и медицинските специјалисти, а во пошироката заедница биле изложувани како примери на изобличени или ненормални тела, за да воодушеват и забавуваат.

Алис во својот дневник забележува дека ја посетуваат само еднаш и никогаш повеќе не се појавуваат, ситуација што иронично ја опишува како личен неуспех да ја забавува сопствената публика. Истовремено, таа одбива да ја одигра таа очекувана улога градејќи се себеси / себството / активниот субјект.

Во овој процес на самоизградба, Алис често се споредува себеси со другите и се потпира на ограничената перспектива што ѝ е достапна. Покрај тоа, се обидува да најде објаснување за она што на другите им се чини како претерано емотивно однесување.

„Денеска излегов надвор и се однесував како лудачка, липајќи низ целиот имот и ливада, покрај некои дрвја и врани кои гракаат ”.

„Негователката вели дека долу има некои луѓе кои се возат насекаде, а не се восхитуваат на ништо. Колку сум благодарна што навистина гледам, во сопствената свест, четвртина инч на кој ми застанува погледот, бидејќи субјектот е сè што е важно”.

Иако гледала многу малку, таа гледала многу повеќе од луѓето околу неа. Обично Алис е предмет на набљудување, но сега е обратно. Возраќајќи на погледот, таа го извртува воспоставениот однос меѓу лицата со и без попреченост. Со тоа на самата себеси си го враќа статусот на некој кој конечно е значаен.

Една недела пред нејзината смрт, чувствувајќи ја близината на крајот, Алис размислува за залудноста на жалењето:

„Колку е мачно и вознемирувачко за нервите постојаното плачење, чудењето и желбата да се сменат работите што се случиле, како да не исчезнува сета лична грижа додека „слученото” се кристализира во историјата. Зарем е важно дали болката или задоволството ја обликувале и ја втиснале пулпата во внатрешноста, ако на крајот, помирени, ги набљудуваме контурите и трасите додека линиите се шират кон вечноста”.

 Алис Џејмс на цртеж од Хенри Џејмс, 1872 година

Извор: https://portaloinvalidnosti.net