Три сведоштва од акушерска клиника

11.09.2024 23:20
Три сведоштва од акушерска клиника

 

БЛАГОДАРНОСТ

Предвременото одлепување на постелката е многу опасна работа во акушерството. Постелката се одлепува од матката делумно или потполно при што страда родилката од искрвавување а плодот од асфиксија, задушување, пред да се породи. Се случува често и пореметување на коагулацијата на крвта, што го доведува во сериозна опасност животот на родилката.

Неделно, 24-часовно дежурство. Невообичаено затишје во попладневните часови. Пиеме кафе во решо кујничката сместена во предродилната сала. Сме се шегувале многупати дека сите тие кафиња ни излегувале „низ нос”, како што се случи и тогаш. Донесоа од Качаник родилка во многу тешка општа состојба, искрварена, шокирана, во бесвесна состојба. Пулсот ѝ беше едвај опиплив, притисокот не се мереше. Срцеви тонови на плодот не се слушаа. Дијагнозата беше речиси сигурна: предвремено одлепена постелка. Направивме уште неколку дијагностички постапки и кога бевме сигурни во дијагнозата индицирав итен царски рез. За несреќа, нè известија од лабараторијата дека пациентката е со крвна група АБ негатив, што е многу ретка и во нашата болница, имавме само една единица од таа крв. Бегав од помислата дека пациентката може да ја изгубиме за време на операцијата. Нема друг начин за решавање на ваквата состојба освен да се евакуира содржината на матката, а тоа се плодот и крвта. Колегата анестезиолог, многу загрижен, ѝ даваше плазма, крвни заместители и крв со скратена интереакција. Почнавме со операција. Како што очекував од матката извадив мртов машки плод тежок 3800 грама. Матката беше полна со црни коагулуми и течна крв, како што обично се среќава кај такви состојби. Самата матка беше темносина и со крвни подливи. Состојбата на жената уште повеќе се влоши. Сите бевме под силен стрес, животот ѝ висеше на конец.

Моравме веднаш да набавиме уште крв, инсистираше анестезиологот. Технички го привршував царскиот рез но знаев дека нема така лесно да се заврши оваа крајно загрижувачка состојба. По упорно инсистирање добивме само уште една единица крв. Пациентката ја префрливме во одделот за интензивна нега. Дадовме максимални дози на лекови за стегање на матката. И покрај тоа крварењето продолжи. Направивме тампонада на матката. Ни требаше уште крв. После полноќ, немајќи друг излез, телефонирав во болницата во Куманово, откога во Скопје ги исцрпивме сите можности. Немаше таква крв ниту во градска хирургија ниту во воената болница. За среќа од Куманово ни ветија две единици. Го испративме нашиот возач на когу му требаше најмалку еден час да отиде и да се врати. Пациентката полека ја губевме. Целиот персонал беше ангажиран, цела ноќ бдееја над неа. Животот ѝ беше во рацете на анестезиологот-реаниматор кој високо професионално си ја вршеше работата. Некаде пред зори состојбата почна да се подобрува по повеќекратната трансфузија. Животните параметри се поправаа. Крварењето престана и можевме да кажеме само дека пациентката е подобра, но уште во критична состојба.

Утрото персоналот преморен и исцрпен но сепак задоволен се спремаше да замине дома. Уште еден живот беше спасен, уште еднаш победија хуманоста и професионалноста. Се спремав и јас да заминам. Вратата на директорската канцеларија беше отворена, до директорот седеше сопругот на пациентката. Директорот ме повика да влезам. Им ја објаснив целата наша заложба и моето задоволство дека сепак успеавме да ја спасиме жената. Сопругот кој се претстави како учител од Качаник, нервозно тропкаше со прстите по бирото. „Како си смеел бе докторе да даваш крв на жена ми, без да ме прашаш”? Останав без зборови. Неколку пати во мојот професионален живот мислев да го соблечам белиот мантил засекогаш. Ова беше еден таков момент.

 

ГОРЧЛИВО СЛАТКО

Денот започна како секогаш. Југото запали веднаш иако беше студено. Утринска скопска магла. Луѓето брзаат на работа, доцна есен е, веќе мириса на зима. Пристигнувам во болницата прв од дневната смена. Се пресоблекувам во мојата соба, некој чука на вратата, дежурната сестра од оперативното одделение: „Докторе, вашата пациентка повторно крвари. Цела ноќ крвареше по малку, докторите ѝ дадоа терапија и направија пак инструментална ревизија на матката. Крварењето престана, но сега пак крвари.“ Сестрата беше една од најдобрите, најсовесните во болницата. Цела ноќ бдеела над пациентката која беше од југот на Македонија, ќерка на пријатели на моите родители. По вторпат го исфрла плодот во шести месец на бременоста. Побрзав веднаш да ја видам. Лежеше на столот за интервенции, бледа како крпа, со синило околу очите и устата. Легенот се полнеше со крв која тешко се сосируваше. Пулсот ѝ беше одвај опиплив, притисокот одвај мерлив. Со слаб глас ми шепна: „Докторе, не сум добра, многу ми е тешко, не можам веќе ни да дишам, помагајте, не гледам добро, ми се мати.“ Во тој момент влезе анестезиологот со уште две единици крв, две веќе беше примила. Ми се обрати тивко и службено: „Колега, преземете нешто, пациентката не е добра, може да ја изгубиме.“ Во меѓувреме персоналот на болницата пристигна на работа. Го побарав шефот на оперативниот оддел, примариус, искусен оператор. Дојде веднаш, ја виде пациентката, погледна во листот за интензивна нега и терапија. ѝ го опипа пулсот, погледна во легенот, во пациентката, и ме тргна на страна: „Колега, ќе мора да ја извадиме матката. Направено е сè што треба, друго ништо не ни останува.“

Се собравме стручниот колегиум во директорската канцеларија. Дежурните колеги реферираа за случајот. Родителите и сопругот на пациентката чекале во чекалната цела ноќ. Ги повикав во канцеларијата. Директорот им објасни дека мора да се извади матката за да се спаси жената. Сите други можности се исцрпени. Со таа интервенција жената дефинитивно остануваше без деца. Сите тројца плачеа. „Докторе, само таа да се спаси, спасете ја, ве молам“, гласно плачеше и молеше мајката. „Дете можат и да си посвојат.“ Се спремивме за операција најбргу што можевме, во меѓувреме пациентката примаше крв. Анестезиологот беше за цело време со неа, крварењето не престануваше. Ја направивме операцијата најбргу што можевме. Со големо ангажирање на целиот персонал пациентката беше спасена. Остана уште неколку дена во интензивна нега. По десетина дена се оправи, дојдоа родителите да ја одведат дома. Сопругот не дојде. Носеа тегла покриена со крпа, врзана со ластик: „Еве докторе, мала благодарност за сè што направивте за нашата ќерка. Многу сме ви благодарни, не знаеме како да ви се оддолжиме.“

Кога дојдов дома го одврзав ластикот. Теглата беше полна со слатко од зрели смокви, жолти како килибар. Размислував, колку труд треба да се подготви па уште и да се донесе дури до Скопје со воз. А зошто и по кој повод? Едно болно чувство ми проструи низ главата и осетив горчлив вкус во устата. По две години, пациентката влезе во чекалната. Веднаш ја препознав. Беше многу остарена и здебелена. „Докторе дојдов да ве видам. Споругот ме напушти, останав и без работа и без де...“ Се расплака. Што сега понатаму, кажете ми? Зошто не ме оставивте да умрам?

 

ЏЕМИЛЕ

Џемиле, на македонски Убавка, беше болничарка во нашата болница во Либија. Работеше во одделот за интензивна нега. Сите ја познаваа како добар работник а посебно беше позната по својот хуман однос кон пациентите на кои им пружаше несебична нега и помош. На нејзиниот оддел лежеа најтешко болните на кои им требаше посебна грижа оти повеќето беа во бесвесна положба или неподвижни. Болничарите беа задолжени за транспорт и одржување на хигиената на болните, леглата и просторијата, што спаѓа во редот на најтешките работи во болницата.

Џемиле си ја вршеше работата беспрекорно повеќе од четири години, што значи веднаш со доаѓањето на нашата прва медицинска екипа во Либија. Во секое време ќе се најдеше таму каде што треба. Помагаше и во комуникацијата со семејствата на болните на многу соодветен начин, знаејќи точно до каде и што смее да направи и каже, што ја олеснуваше работата на медицинскиот персонал. За тие четири години беше научила да зборува прилично добро македонски, а разбираше речиси сè. Долгите деноноќни дежурства со нашиот персонал, особено со медицинските сестри, ѝ го овозможија тоа. Им помагаше на семејствата околу сместувањето, ги упатуваше каде да купат соодветна храна, нивното дружење беше од обострана полза. Беше секогаш ведра, полна со животна радост. Имаше околу 25 години, убаво градена, со прекрасна бујна црна коса, секогаш пристојно прибрана и со неверојатно црни, живи очи чиј поглед просто ги милуваше болните. За време на плдневниот одмор ручаше заедно со нашите сестри, пробувајќи од специјалитетите што ги подготвиле дома и разменувајќи со нив рецепти.

Сите бевме соживеани со неа и таа со нас. Беше составен дел на хирушката екипа, сите ја сакаа и почитуваа. Во долгите деноноќија, за време на честите дежурства поминати заедно, си откриваа тајни, интимности, се радуваа и оплакуваа меѓу себе. Таа беше љубопитна, се распрашуваше за животот кај нас, за обичаите, навиките, посебно за бракот, предбрачните врски, љубовта, и прашуваше што е тоа развод. Џемиле се чудеше како е можно жени да одат сами во ресторани, на кино, на игранки. Како е можно љубовници да се шетаат фатени за рака низ градот, дури и да се бакнуваат. Сето тоа ѝ изгледаше невозможно, невистинито а прекрасно. Кај нив тоа беше незамисливо. Жените одеа со фереџиња или покриени со наметки како чаршафи, замотани дури и преку лицето, така што можеа да гледаат само со едното око. Не можеа да одат никаде сами штом ќе се стемни. Секој имаше право да ожени, односно да купи до четири жени. Предбрачните и вонбрачните врски беа со закон забранети. Контрацепција не знаеја што е. Раѓаа како што дал господ. Абортусот беше апсолутно забранет. Не знаеа што е игранка, забава, танц. Беа богати а лишени од многу нешта и со сиромашен духовен живот. На жените им забрануваа да гледаат телевизија. На училиште одеа во многу мал број. Од друга страна, возрасни мажи не можеа да се оженат ако немаа доволно пари да си купат жена. По мое мислење, овдешниот живот на жените не беше воопшто среќен.

Во тие години Џемиле се запозна со еден за неа нов свет.Почна да размислува и расудува поинаку од луѓето во таа средина. Доби други сознанија за бракот, љубовта, родителството и воопшто за животот. Во неа се чувствуваше желба да помогне таму, на тие луѓе на кои највеќе им требаше помош. За неа тоа претставуваше единствена среќа во животот споена со огромна сила и желба за саможртвување.

На хирушкото одделение секојдневно доаѓаше и официјалниот преведувач во болницата, Шахад, кој престојувал во нашата земја една година за да го учи јазикот. Беше многу иинтелигентно и убаво момче. Забележавме како тој и Џемиле скришно си разменуваат погледи. Таа ќе се вцрвеше и ќе продолжеше со работа или ќе побегнеше од просторијата. Се беше доверила на една сестра дека Шахад многу ѝ се допаѓа. Животот и“ се насмевнуваше, но понекогаш во судбината има насмевки потешки и од солзите.

Едно утро брзав на работа, веќе доцнев за утринската визита. Пред одделот за интензивна нега стоеја повеќе луѓе, многу од нив беа од болничкиот персонал. Во лекарската соба немаше никогу. Чистачката ми кажа дека се сите во просторијата за интензивна нега. Се упатив таму. Во аголот беа поставени паравани околу болничкиот кревет. Сиот персонал од хирушкото одделение беше таму. Сите молчеа. Се слушаше само гласот на шефот на хирушката екипа кој тивко даваше инструкции на главната медицинска сестра и ординираше терапија. Кога заврши излезе од просторијата. Го следевме на вообичаената секојдневна визита. Беше сиот смркнат, потемнет, визитата ја водеше необично сериозен но конфузен. Го познавав одамна. Беше одличен хирург и прекрасен човек. Кога беа во прашање и најтешки хирушки случаеви, со голема доза на оптимизам, дури и шегување, успеваше или барем се обидувашеда им даде волја на болните и на хирушката екипа да истрајат. Често ја поминуваше ноќта во интензивна нега, прилегнувајќи понекогаш и на леглото до некој тежок болен. Сите го сакавме и ценевме. Од него многу учевме. Учевме хирургија, печалевме опит и човештина. Често ни велеше: „Занаетот не се дава, занаетот се краде. Гледајте ме во рацете, тоа во книгите не го пишува. Хирургот треба да согорува под рефлекторот а не како касап што сече сланина. Секоја минута, секоја капка крв е важна за пациентот, пазете да не ја изгуби.” Тој, нашиот шеф, тоа утро не беше истиот, неговото лице беше без вообичаениот благороден и пријатен израз. Колегите беа необично тивки и претпазливи. Јас, бидејќи малку задоцнив, не знаев што се случува. Кога завршивме со визитата го прашав мојот близок колега и пријател во што е работата? Ме повлече лесно за ракавот и се упативме кон амбулантата. „Џемиле се запалила“, рече тој. „Татко ѝ ја продал на некој богат старец, кој веќе имал три жени, за многу пари. Ја одвеле во неговата куќа со измама. Кога разбрала за што се работи, се полеала со бензин од кантичка за палење запалки и се запалила. Не можев и не сакав да верувам во тоа што го слушав. Веднаш прашав колку тешки се изгорениците. Не се длабоки, ја изгасиле веднаш, но сè е зафатено освен вратот и главата; готова е кутрата“, заврши колегата.

Врвев по ходникот не знаејќи каде да се упатам. Не сакав да ја видам. Подобро да ја оставиме малку да поделуваат лековите, да ги смират болката и страдањето. Се упатив кон оперативниот блок. Таму владееше истата мрачна атмосфера, Го гледав распоредот за операции испишан со креда на црна табла. Бев на третата операција да му асистирам на шефот. Тој тукушто влезе во салата. Кога ме виде подзастана. Го гледав со прашален поглед. Ми ја стави раката на рамо и рече: „Ване ќе ја изгубиме Џемиле, никој не може да ѝ помогне. Ниту во најголемите центри во светот специјализирани за изгореници не можат да ја спасат. Кожата ѝ е потполно изгорена. Прашање е само колку дена ќе преживее. Роднините, колегите, вработените, сите гледат во мене, бараат спас. Го кријам погледот, бегам од нив, што да им кажам, немоќен сум.” Се насолзи. Иако стар опитен оператор кој во животот видел сè и сешто, неговата племенита душа не издржа, попушти, се отвори. Со својата работа и стручност, хирушката екипа беше стекнала високо реноме кај персоналот и народот. Но не веруваа дека ништо не може да се стори.

Следната седмица, Џемиле почина. Ги затвори очите засекогаш, на лицето ѝ остана благородната насмевка.

Велат на погребот дошле невидено многу луѓе, целиот град. Во воздухот се чувствувал револт заради судбината на овој племенит предвреме згаснат живот.

Ако еден ден патот ме одведе натаму, ќе го посетам нејзиниот вечен дом и со положен цвет ќе ја изразам мојата почит и восхит кон таа божествена и незаборавна душа, жртва на човечките догми.

Слики: Sonia Alins

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Живот
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото