Судбината на градот

04.03.2011 15:16
Судбината на градот

Во почетокот на 1800 година на планетата немало ниеден милионски град. Најголем град бил Лондон со 960.000 жители. Сто години подоцна на земјата имало девет урбани центри со повеќе од милион жители. Но, во 2000 година растот е фрапантен: веќе тогаш на Земјата постоеле 21 агломерации со повеќе од 10 милиони жители и 300 градови со повеќе од милион жители (2000 градови на планетава имаат над 500.000 жители). Само во Кина денес, во 2011 година, постојат 120 милионски градови!

Во блиската 1970 година 70% од светското население живееле на село. Во 2011 година односот е речиси превртен: приближно 60% од целокупното светско население денес живее во градовите. Процесот на урбанизација кој во Европа траеше 200 години, во Азија и Африка завршува за три децении. Повеќе цивилизациски промени се случиле во последните 20 отколку во последните 200 години.

Лагос, главниот град на Нигерија, е пример за град што расте диво, како малигно заболување; во 1955 година Лагос имал 470.000 жители; денес има десет милиони. Сличен пример е и индискиот град Мумбаи во кој денес живеат околу 20 милиони жители. Во поголемиот дел на Мумбаи нема канализација, не е организирано пренесувањето на сметот, водовод нема половина од населението коешто живее во илегални засолништа. Секој ден двајца луѓе гинат додека заминуваат на работа во претрупаните превозни средства. Слична е ситуацијата и во Каиро со своите 20 милиони жители. Во Каиро секој ден само на работа доаѓаат и 4 милиони луѓе од другите делови на Египет.

Трендот, значи, во целиот свет е тој: неконтролирана урбанизација. И веќе не станува битно дали може да се сопре прирастот на населението во градовите (не може), туку дали е можно во градовите да се одржат или создадат колку-толку подносливи услови за живот. Притоа, важно е да се нагласи, проблемот на елементарното функционирање не е проблем само на мегалополисите (или монструм-градовите), туку и помалите градови страдаат од неможноста функционално да се развиваат.

Денес како одново да се обновува старата идеја на Доксијадес за огромен град, Екуменополис, кој ќе претставува планетарна мрежа од споени мегалополиси. Иако футурологијата на Доксијадес била исмевана и поврзувана со мрачните сценарија за тотална светска контрола над населението заробено по градовите, денес се реални трендовите на создавање мега-мегалополиси кои во економска и културна смисла ги голтаат во себе некогашните просторно развлечени држави. Огромните градови Лондон, Париз, Њујорк, Токио, Шангај итн. претставуваат светови за себе и економски често се посилни дури и од најразвиените држави.

„Не е неопходно да се потсетува на тоа дека современиот голем град е нежна конструкција и лабилен организам. Доволно е да се прескокнат една или две редовни технички инјекции, па неговиот метаболизам да дојде до работ на катастрофата“, вели Богдан Богдановиќ, големиот архитект кој дел од својот вреден опус го оствари и во Македонија. „Иако денес не е потребно посебно да се нагласува дека дијалогот град/природа во голема мерка е нарушен, ако под природа може да се нарече она што, во потесен или поширок обем, ги опкружува големите градови. Паралелно со тоа, однатре, социјалната и културната раслоеност го отежнува меѓучовечкото разбирање, понекогаш буквално доближувајќи го до библиската Вавилонска кула. Па сепак, градот е град, најдоброто и најскапоценото што ни се нуди. Најсилната закана за него е онаа што во прашање ја доведува самата идеја за градот, градот-идеја, идејата-слика, системот на метафори и тропи кој, како градските порти некогаш, мора да се премине за навистина да се влезе во градот.“

Богдановиќ вели дека Балканскиот простор, т.е. античка Грција, е родното место на градот. Но, низ историјата Балканот главно го губел својот урбанитет. Кога Словените завладеале со просторот тие ги уништиле грчко-римските градови на ова тло. Затоа во јужнословенските митологии, според Богдановиќ, останале само легенди за градовите: Леџен, Невид-Град, Мрчај-Град, Скадар на Бојана, сето тоа се митски претстави, нешто што некогаш можеби постоело во некакви планини.

Балканските држави биле единствените држави без градови, ако го исклучиме медитеранскиот простор. Често забораваме, вели Богдановиќ, дека токму Турците, или исламот, одново го донесле градот на Балканот. Рашка и Србија, на пример, во петте векови постоење имале седум-осум престолнини, но немале ниту еден град. Престолнините биле привремени боравишта на патувачките витези. Секогаш кога балканските градови доаѓале на прагот на некаков урбан идентитет, тие почнувале да се саморазоруваат.

Саморазорување денес му се случува и на Скопје. Но, лоши урбанистички политики и’ се случуваат на целата наша држава, сведена на три-четири одржливи градски центри (Скопје, Струмица, Охрид, можеби Битола) и на десетици други градови и гратчиња во изумирање. Таквите трендови од Скопје прават град монструм кој сè потешко може да ги задоволува дури и елементарните потреби на своите жители. Заради тоа постојано повторуваме дека на градот и државава им требаат разумни, одржливи урбанистички политики, а не мегаломански споменици и триумфални капии за залажување на деградираните граѓани. На Скопје му требаат канализации, патишта, трамвај, крупни и пред сè рационални инфраструктурни решенија... Го губиме скапоценото време и ги трошиме ресурсите што ги немаме (ги трошиме од следните генерации!), додека градовите ни пропаѓаат.

слики: Shaun Kardinal

„Глобус“, 01.03.11.

Ова „беж“ сликиве... аман...

Ова „беж“ сликиве... аман... СФРЈ пуста да остане...

Изродба, човече!!!

Изродба, човече!!!

Иначе овој Гелевски е

Иначе овој Гелевски е СРЕДНИСТ, а колумни пишува... и после им се смее на оние што ДПМНЕ ги вработиле тазе од факултет со диплома... Бетер од изродбениците е уствари... Народски кажано: Кај шуто па и боде! :D

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото