Лицата со инвалидитет под фашистичка власт

13.09.2024 00:22
Лицата со инвалидитет под фашистичка власт

Од 1933 до 1945 година во Германија владееше Националсоцијалистичката партија која ја предводеше Адолф Хитлер. Од 1922 до 1945 година Италија беше под фашистичка власт која ја предводеше Бенито Мусолини. Како овие два режими, секој од нив варијанта на фашизмот, се однесувале кон лицата со инвалидитет?

Нацистичка Германија

Клучна карактеристика на нацистичката идеологија беше гледиштето дека достојни за постоење се сметаат само луѓето кои му одговараат на идеалот за етничка припадност и физичка и ментална состојба. Оние што не ги сметале за достојни биле жртвени јагниња заради проблемите во општеството и биле подложени на сè поголема исклученост. Чекор по чекор, исклучувањето се претворило во прогон и истребување.

Лицата со инвалидитет ги сметале за недостојни и штетни за чистината на ариевската класа. Од 1939 до 1945 година за време на таканаречената акција Т4 во Германија и на окупираните територии биле елиминирани помеѓу 200 000 и 300 000 лица со инвалидитет.

Речиси континуираната економска криза од триесеттите години на минатиот век довела до ригидни мерки за штедење и намалување на буџетите за нега на хронично болните луѓе. Лицата со инвалидитет сè повеќе ги жигосувале како антисоцијални и како товар. Во 1932-та година психијатарот Кин објавил влијателен труд за еутаназијата и искоренувањето на непожелните наследни склоности и елиминација на луѓето со пониска вредност. Во јули 1933-та година е воведен Законот за спречување новородени деца со наследни болести и е легализирана принудната стерилизација. Целта била луѓето кои не му одговараат на националсоцијалистичкиот идеал да се спречат да раѓаат потомство. Помеѓу 350 000 и 400 000 лица со психосоцијални, физички или ментални оштетувања биле стерилизирани присилно.

Овој плакат вели: „Ова лице кое има наследна болест ја чини заедницата 60.000 рајх марки (поранешната валута) во текот на неговиот животен век. Другар, ова се и твои пари. Читајте го месечниот весник на канцеларијата за расна политика на НСДАП (нацистичката партија).

 

Откако е легализирана принудната стерилизација, сè повеќе гласови барале убивање на лицата со инвалидитет. Наводно, родителите почнале да бараат дозвола од Хитлер за да ги убијат своите деца со инвалидитет. Хитлер, кој јавно ја исмевал хуманитарната збунетост на модерното општество, го дозволил тоа. Со наредба на Министерството за внатрешни работи од 1939 година, лекарите и медицинските сестри се обврзани да ги запишат децата и бебињата со вродени оштетувања во централниот регистар. Подоцна, децата ги носеле во специјалистички единици во болници каде ги злоставувале во медицински експерименти и ги убивале со инјекции или гладување. Според проценките, на тој начин умреле 5 000 деца со инвалидитет.

Во 1939-та година претставниците на Владата ги претставиле плановите за нова програма за еутанзација на влијателните психијатри кои изразиле согласност и ветиле поддршка. Сите пациенти кои престојувале во установите подолго од пет години требало да бидат впишани во централниот регистар. Сите лица кои имале дијагноза шизофренија, слаб ум, епилепсија или некоја друга невролошка состојба, исто така морале да бидат регистрирани.

Националсоцијалистичката влада формирала специјална канцеларија за еутаназија за лицата со инвалидитет која ја започнала кампањата Т4 со адреса во Берлин, Тиргартенштрасе 4. Од пролетта во собирните установи се собрани и убиени 1 940 еврејски пациенти. Изборот на останатите жртви за еутаназија се одвивал преку регистрациски формулари кои ги пополнувале двајца психијатри од установата во која престојувала личноста со инвалидитет. Конечната одлука ја донесувал главен проценител. Болните ги собирале и ги транспортирале со сиви автобуси во објектите за убивање. Се вршела медицинска проценка за да се идентификува веројатната причина за смртта. Потоа ги носеле во гасни комори и ги убивале со јалерод моноксид. Членовите на семејствата добивале фалсификувани извештаи во кои била наведена причината за смртта идентификувана пред убиството.

Масовното убивање на лицата со инвалидитет почнало да предизвикува вознемиреност кај населението и Хитлер официјално го запрел во 1941 година. Меѓутоа, вистината е дека акцијата Т4 продолжила тајно. Кругот на жртвите бил проширен на постарите лица во старечките домови и необразованите млади луѓе без инвалидитет. На окупираните територии во Источна Европа есесовците ги стрелале штитениците од институциите.

Лица со посебни потреби се транспортираат во објект за убивање опремен со гасна комора. За оваа намена најчесто се користел типот на автобус што се гледа на фотографијата.

 

Фашистичка Италија

Прогоните на лицата со инвалидитет во Италија биле неспоредливи со оние што се случувале во Германија. Меѓутоа, широкото и некритичко прифаќање на фашистичката идеологија од страна на Италијанското друштво за психијатрија резултирало со зголемување на хоспитализацијата и стапката на смртност во установите за ментално здравје. Со поддршка од Италијанското друштво за психијатрија, еврејските пациенти во периодот помеѓу 1943 и 1945 година во неколку наврати ги транспортирале од психијатриските установи во подрачјата во североисточна Италија кои биле под директна контрола на нацистичка Германија, за подоцна да бидат префрлени и убиени во концентрациони логори.

Лицата со инвалидитет имале право на пензија, иако режимот ги користел средствата за социјално осигурување за други неповрзани проекти, како што се индустрискиот развој и колонизацијата. Фашистичките власти често ги одбивале барањата за инвалидска пензија и тоа можеле да го направат од медицински причини, бидејќи подносителите на барањата морале да бидат прегледани од страна на лекари од Националниот институт за социјално осигурување. Подносителите на барањата немале право на жалба на таквата одлука. Меѓутоа, често се правеле и отстапки, инвалидски пензии се доделувале мошне лесно и често во спротивност со здравствените проценки, особено кога имало притисок од страна на функционерите на Фашистичката партија. Пристапот до социјална сигурност бил поврзан со мислење од фашистичките власти. Предуслов за постоење каква било невладина организација, вклучително и организации на лицата со инвалидитет, бил усогласување со фашизмот.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://enil.eu

ОкоБоли главаВицФото