Иан Дјури

16.09.2024 01:53
Иан Дјури

 

„Сè што сакам за роденден е уште еден роденден“
Иан Дјури

 

 Иан Робинс Дјури (12 мај 1942 - 27 март 2000 година) беше англиски пејач, текстописец и актер кој се прослави во доцните седумдесетти од минатиот век, за време на панк и њу вејв ерата на рок музиката. Беше пејач и текстописец на Ian Dury and the Blockheads и претходно Kilburn and the High Roads.

Во седумдесеттите години цртал илустрации за The Sunday Times, а во осумдесеттите и деведесеттите глумел во дваесетина филмови и пишувал музика за филмови и серии. Во деведесеттите станува амбасадор на УНИЦЕФ, промовирајќи безбеден секс заедно со актерот Робин Вилијамс, по појавувањето на СИДА-та во средината на осумдесеттите.

На седумгодишна возраст се заразил со полио, најверојатно, како што верувал, од базен во Саутенд на море за време на епидемијата со полио во 1949 година. По шест недели во целосен гипс во болницата Ројал Корнвол, во Труро, бил преместен во болницата Блек Нотли, Брејнтри, Есекс, каде престојувал година и половина пред да оди во занаетчиското училиштe Чејли Херитиџ, во Источен Сасекс, 1951 година. Неговата болест резултирала со парализа и атрофија на левата нога, рамото и раката.

И покрај солидното воспитување од средната класа, Дјури се сметал себеси за аутсајдер. Се опкружил со други аутсајдери за да прави музика. Неговиот прв бенд, Kilburn and the High Roads, бил составен од уште најмалку двајца други инвалиди покрај останатите членови. Дали Иан, можеби полусвесно, сакал да се опкружи со други со кои споделувал слично лично искуство на општествена исклученост?

Иан станал инвалид ненадејно, како мало дете, како последица на полио. Оттогаш, тој морал да носи тешка непријатна лонгета на левата нога, па поради тоа малку ја користел левата рака. Ненадејната попреченост или тешката болест може да има огромно влијание врз психата на поединецот. Прнудното одвојување од семејството и пријателите имале уште поголемо влијание. Бил доволно млад кога ја добил болеста за да не мора да се справува со нарушувањето на сопствените планови за својата иднина, но бидејќи претходно бил активно момче насилната неподвижност била крајно фрустрирачка.

Тоа можеби имало влијание на потребата од контрола врз сопствениот живот кога бил возрасен. Рок фронтмените се познати по нивните моќни и предизвикувачки личности: потребни им се за да бидат добри во својата работа. Ангажирал и отпуштал членови на бендот без консултација, постојано бил во движење и сакал да има контрола над процесот на пишување песни дури и со наводни соработници.

„Иан беше еден од највпечатливите изведувачи со кои некогаш сум работел. Имаше голем багаж. Мислам дека никогаш не го надмина она што го претрпел како дете. Toa секогаш беше присутно. Го правеше лут и невозможен од време на време, но исто така го направи голем уметник“, се потсетува Дејв Робинсон од издавачката куќа Стиф.

По долгите престои во болница и одделот за рехабилитација бил испратен во интернат за деца со попреченост. Тамошниот режим бил спартански: децата биле принудени да бидат физички многу независни, малтретирањето било секојдневие, а имало и примери на сексуално злоставување. Кога се вратил дома го запишале во гимназија каде бил малтретиран заради неговата попреченост.

Како возрасен станал многу манипулативен, „користејќи“ ја својата попреченост за да го добие она што го сака или да се извлече од работите кои не сакал да ги прави. Го користел својот непобитен личен шарм за да ги убеди луѓето да го возат наоколу, да носат работи и генерално да ја вршат неговата „валкана работа“. Бил многу посесивен и кон блиските.

„Дјури беше поет лауреат на англиската работничка класа во време кога дури и нејзиниот класен статус беше девалвиран од тачеризмот кој инсистираше дека општеството не постои. Сепак, тој беше и повеќе од тоа. Јас бев дете од работничката класа и повеќето луѓе што ги познавав имаа малку пари во џебот, но Иан не само што немаше пари туку и не му беше грижа за тоа“, вели Космо Винил, поранешен менаџер The Clash.

Можел да биде промискуитетен и секако воодушевен од неговата привлечност за жените. Бил изненаден што жените го сметале за привлечен. Нашата култура има тенденција да ги прикажува лицата со посебни потреби како асексуални: несвесни и незаинтересирани за сексот. Прикажани сме како сексуално ранливи, тврдел дека доживеал сексуално злоставување како дете со посебни потреби.

„Ќе бараше нечија слабост за неколку секунди, а потоа ќе се фокусираше на неа. Така ја контролираше својата околина. Беше многу смешно, но и ужасно на некој начин... Тоа беше чудна опсесија. Никогаш не беше физички насилен - беше мало инвалидско момче - но имаше многу ментално насилство. Мислам дека ја користеше славата како противотров за чувството од детството дека не може да ја контролира околината - но одвреме-навреме овој гнев едноставно се излеваше“, вели Бакстер Дјури, синот на Иан.

Некои инвалиди се бунтуваат против овој стереотип станувајќи речиси хиперсексуални. Можно е истото да му се случило и на Дјури. Големата слава му дала можност да ги демонстрира своите „нормални“ сексуални апетити.

Значи, колку е значајна попреченоста на Иан Дјури во развојот на неговата шармантна, но често абразивна личност? Но, без неа веројатно никогаш немало да биде поттикнат да ги развие својот специфичен глас, текстовите и убедливото сценско присуство.

Непосредно пред да умре, на почетокот на новиот милениум и заедно со Blockheads, Иан успеа да ја забавува публиката за последен пат. Албумот „New Boots and Panties“ за последен пат беше изведен на 6-ти февруари 2000 година. Тоа беше посебна и незаборавна вечер со Кирсти МекКол како гостинска поддршка и Фил Јупитус како Ем Си. Иан ги искористи последните атоми енергија за да приреди неверојатна последна свирка. Почина шест недели подоцна, на 27 март во Лондон.

ОкоБоли главаВицФото