Без милост за убиените

16.09.2024 01:57
Без милост за убиените

Минатиот петок во бегалскиот камп Џенин се одржаа единаесет погреби. Војската уби осуммина, а тројца умреа од природна смрт. Не беше можно да се погребаат претходно заради бруталните акции на израелската војска во кампот. Војската од кампот одзеде уште пет тела за свои потреби.

Тоа утро, по завршувањето на акцијата со садистичко име „Летен камп“, војската излезе од бегалскиот камп, а жителите почнаа да му се враќаат на она што остана од нивните куќи по военото присуство. Беа во шок. Еден од нив рече дека глетката која ја затекнале била пострашна од онаа пред операцијата „Хомат маген“. Ни однесувањето на војниците никогаш не било понасилно и поподло од овие страшни десет дена. Духот на војната во Газа се претвори во дух на војската. Мојот соговорник, Џамал Зубеиди, кој веќе изгубил девет членови од поблиското семејство, вклучувајќи и двајца синови, и омилениот син на неговиот роднина Закарија Зубеиди, уште еднаш се врати во уништената куќа. Како и во 2002-та година. За време на десетдневната акција се криел во куќата на својата ќерка над ридот. Приближно две третини од околу 12-те илјади жители од кампот беа изведени во колони со надзор од војниците, како што прават во Газа.

Додека во Џенин ги погребуваа мртвите, војниците пукаа во девојче во селото Кариот. Бана Лабум, тринаесет годишното девојче беше убиено во својата куќа, во селото чии жители се обидуваа да се одбранат од доселениците кои ги палат нивните полиња. Доселениците дивеат, војската пристигнува - и ги убиваат Палестинците. Во медиумите тоа го нарекуваат „конфликт“. Жртвата на силување се бори со својот силувач, ограбената личност со својот ограбувач. Во лудилото на кампањата за агресивна окупација агресорот е жртва, а жртвата агресор.

Истовремено, недалеку од Кариот, во селото Бејта, војниците пукаа во демонстрантите и убија американско-турска активистка за човекови права. Ајсенгур Езги Ејги беше застрелана во глава во протестите против дивјачките доселеници во испоставата Евиатар, подигната на земјиште кое му припаѓа на селото, која веќе одзеде животи на најмалку седум Палестинци. Официјален Вашингтон соопшти дека се „мошне вознемирени заради трагичната смрт“. Но тоа не е „трагична смрт“. Новинарот на Харец, Џонатан Полак рече дека видел „војник кој нишани од покрив и потоа слушнав истрел... во момент кога немаше конфликт“. Кога станува збор за „претседателската вознемиреност“ таа ќе помине брзо. Џо Бајден нема да го повика семејството на убиената активистка, како што го повика семејството Голдберг-Полин. Таа исто така нема да биде прогласена за американска хероина, како што беше случајот со киднапираниот и погубен Хирш1.

Дента кога беа извршени овие злосторнички убиства, новинарот Џош Брејнер објави видео од затворот Мегидо истото утро, во кое се гледаат десетина врзани Палестинци како лежат полуголи, со лицето кон подот, а затворските чувари поминуваат помеѓу нив со кучиња кои 'ржат бесно. Над нив и оваа срамна глетка се виори израелското знаме - подарок за Итамар Бен-Гвир. Неколкумината шокирани ги смируваше затворската управа: „Се работи за рутинска вежба“. Тоа е рутина. Забавата преовлада во затворскиот систем, како еден вид шабатска подготовка за садистичките чувари.

Сето тоа се случи минатиот петок, еден обичен ден во кој Израел се досадуваше. Земјата беше многу пошокирана од апсењето (невидено) на младата Еврејка која на телавивската плажа му фрлила песок на Итамар Бен-Гвир, отколку од пукањето во кое беше убиена нееврејската демонстрантка, проткаена со високи етички вредности не помали од девојката од Тел Авив.

Во уништениот бегалски камп Џенин, Џамал Зубеиди се обидуваше да ги согледа размерите на уништувањето на својата куќа, чија содржина војниците ја исфрлиле на улица. Во кампот немаше струја и над него се надвиваше темнина. Овојпат Зубеиди звучеше најочајно од сите години од нашето познанство. „Тие ќе се вратат и ние ќе се вратиме. Ќе дојде нова генерација. Ова нема да заврши вака“, рече гласно.

Погледнете што се случи минатиот петок во кампот Џенин, во селата Кариот и Бејта и затворот Мегидо - и можеби најпосле ќе видите кои сме.
_______________________

1. Хирш Голдберг-Полин е еден од шестмината киднапирани Израелци кои Хамас ги погуби пред три недели. Имаше двојно државјанство. Неговите родители зборуваа на конвенцијата на демократите во Чикаго каде бараа ослободување на киднапираните, а претседателот Бајден ги повика за да им изрази сочувство по наоѓањето на неговото тело.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.haaretz.co.il/

ОкоБоли главаВицФото