Најголемата претстава на светот

16.09.2024 12:03
Најголемата претстава на светот

Демократската партија на конвенцијата во Чикаго приреди извонредна претстава. Имаше сè: големи музички ѕвезди, говори кои предизвикуваат ентузијазам, верска посветеност, многу солзи, будење на надежта, моменти на радост, восхитувачки патриотизам, Опра Винфри и многу, многу балони. Телевизиските коментатори беа импресионирани од начинот на кој потпретседателката Камала Харис се претстави: со нејзината насмевка, говорот на телото, гласот – дури и со изборот на гардеробата.

Политиката и во демократиите и во диктатурите секогаш подразбира и шоуменски талент од една или од друга природа. Но во САД веќе подолго време е невозможно политиката да ја одвоите од забавата. Зајадливиот американски новинар Х. Л. Менкен, кој ги презираше политичарите, а мнозинството од Американците ги сметаше за приглупи, беше извонредно прониклив набљудувач на партиските конвенции.

„Мене ми изгледа дека САД, без конкуренција, се најголемата претстава на светот“, напиша тој во 1927 година.

Но зошто, господе, кандидатите мораат да прават толку голема претстава околу тоа колку ги сакаат своите семејства? Каква врска имаат гушкањето и бакнувањето со политиката? Дали демонстрацијата на посветеноста е вистински неопходна за да се придобијат избирачите? Во Америка, изгледа дека тоа е така.

Во поголемиот дел од демократиите луѓето гласаат за политички партии и интересите што тие ги претставуваат. Харизмата игра одредена улога дури и во земјите како Јапонија, каде таа на поголемиот дел од политичарите им недостасува. Но гледано во целина, азиските и европските политичари ниту одблизу не се спремни на публиката да ѝ се препорачаат како топли и срдечни личности на начин на кој тоа го прават американските пандани. Тоа е нешто што луѓето традиционално го очекуваат од кралевите и кралиците, не од политичарите што ги бираат на избори. Уште од кралот Џорџ Трети во 18 век, британските монарси посакуваа поданиците да ги доживуваат како добри и примерни семејни луѓе. Кралицата Елизабета Втора му дозволи на Би-би-си да го документира нејзиниот секојдневен живот, од скара во градината до пиење чај со децата. Таа веруваше дека треба да делува како обична личност за да ја задржи популарноста.Американците од британската монархија се ослободија во 1776 година (Џорџ Трети беше нивниот последен крал). Оттогаш Белата куќа презема голем дел од помпата и обичаите на дворот, до мерка што ги надминува сите други демократии – исклучок е можеби Франција, каде Републиката и натаму е наметната со ројалистичка грандиозност.

За да се искачи до позицијата на американскиот претседател, со сите квазимонархистички орнаменти што одат со таа позиција, секој кандидат – како припадник на британското кралско семејство – мора да направи голема претстава од тоа колку е обично момче или девојка, личност како нас, некој со кого би пиеле пиво на верандата. Но секако, луѓето кои претендираат да станат претседатели не се како нас, само што мораат да се преправаат дека се.

Давењето во сентименталноста на американските партиски конвенции – гушкање, бакнување и други изрази на љубов кон членовите на семејството – во Америка е сеприсутно и во други церемонијални околности. Странските добитници на Оскари, да речеме, обично по врачувањето на наградата држат кратки, инспиративни говори. Но, не е така и со американските ѕвезди. Со насолзени очи, мораат на сите да им се заблагодарат – од учителите во основното училиште до сопствените домашни миленици – и да ја изразат својата длабока посветеност кон човечкиот род.


Немилосрден бизнис

Сентименталноста е емоција на која тука не ѝ е местото. Јавното изразување љубов, тага, надеж, радост како замена за вистинската работа – тоа што во нормални околности не се покажува пред другите. Политиката е, како и холивудската филмска индустрија, всушност немилосрден бизнис во кој личните чувства – како сопствените така и туѓите – често мораат да бидат игнорирани и сузбивани за да се продолжи да се оди напред.

Барањата што пред луѓето ги става амбицијата, често уништува сè друго и на истиот оган лесно се „горат“ и саканите сопружници и деца. Но, чувствата некаде мора да одат, некако мораат да бидат изразени. Затоа и толку голема распилавеност на сцената – во Холивуд и на партиските конвенции.

На националната конвенција на Демократската партија многу се говореше за Американците што „излегуваат едни на други во пресрет“, „ги сакаат своите соседи“ и „им помагаат на сиромашните и маргинализираните“. Голем дел од Американците можеби и се вклопуваат во овој опис? Но, САД се далеку најнемилосрдното натпреварувачки насочено општество во кое едвај да постојат социјално-безбедносни мрежи во споредба со поголемиот дел од демократиите.

За да се успее во исклучително натпреварувачки настроено општество какво што е американското, неопходно е да се поседува талент за трговија. Ова особено важи за тие што ѝ се продаваат на јавноста, без разлика дали се актери или политичари. Нивните настапи се перформанси.

Играјќи ја улогата, по дефиниција, значи да се креира нешто што не е вистинито. Сепак, јавноста од актерите и политичарите побарува тие да остават впечаток на автентични личности. Тоа е причината зошто толку копнееме по гласините од нивниот приватен живот – и колку се тие гласини помрачни, толку подобро. И тоа, од великодушна перспектива гледано, е причина поради која сакаме некој што се занимава со политика, да ни покаже колку многу го сака својот сопруг или сопруга. Со еден збор, сакаме тие да бидат „автентични“.

Затоа она што го гледаме на партиските конвенции и доделувањето на оскарите, во телевизиските интервјуа и во магазинските написи е перформанс на автентичност. Кога тоа го прават вистинските познавачи, како што тоа беше во Чикаго, тој перформанс навистина може да ни се гледа како најголемата претстава во светот.

Слики: Andreas Englund

Извор за текстот: Слободен печат

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Книжевност / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото