1032 hPa
61 %
7 °C
Скопје - Пет, 13.12.2024 12:59
Во галеријата на Младинскиот културен центар вечерва од 20 часот ќе биде отворена групната изложба насловена „Млада уметност”, на која ќе бидат претставени над дваесет млади автори.
Како што информираат од МКЦ, на изложбата ќе учествуваат младите уметници: Стефан Анчевски, Јоана Арсовска, Тамара Блажевска, Елена Гелева, Ивана Ивановска, Зафир Јованов, Методија Јованов, Павел Јовановски, Дурмиш Ќазаим, Ваџит Ќерими, Саре Ќерими, Давор Ќешкец, Ана Костовиќ, Петар Миљковиќ, Ивана Мојсовска, Сандра Нау, Доротеј Нешовски, Симона Новаковиќ, Ивона Петрова, Мартина Спасовска, Олимпија Камчева, Ана Тодоровска, Никола Тренов, Риџет Ферати и Димитар Чакар.
Групната изложба „Млада уметност” осветлува посебен дел од ликовниот пејзаж на современата уметност во Македонија. Изложените дела овозможуваат мал преглед на иновативните таленти на младите македонски уметници, а наедно даваат и нова перспектива за креативното изразување на младите уметници од нашата земја. Изложбата обединува една необична хетерогена група на млади уметници; сите учесници се на возраст до 35 години. Заедно излагаат познати уметници со завршени специјалистички студии и веќе остварени самостојни изложби, кои подолго време се членови на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, и други, кои се на почетокот од својата уметничка кариера и сѐ уште се студенти на разни ликовни академии и школи. Ваквата разноликост на учесниците ја потенцира важноста на групните изложби” – вели професорот Кирил Пенушлиски.
„Со самото поставување на дела од разни автори во еден заеднички простор, изложбата „Млада уметност” потхранува дијалог меѓу уметници кои живеат и творат во ист социјално-културен предел. Тој заеднички простор сега е плодно поле за размена на идеи, искуства, инспирации, за менторство и колаборација – стои во најавата за изложбата.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам.