Повик за тинејџери со попреченост за учество во психо- социјални работилници

17.09.2024 12:38
Повик за тинејџери со попреченост за учество во психо- социјални работилници

Психолошкото советувалиште кое работи во рамки на граѓанската организација Пркос објавува повик за учество на тинејџери со попреченост, во серија групни сесии во форма на психо-социјални, тематски работилници. Тие се бесплатни и ќе се одржуваат на (дво)неделна основа, со траење од час и половина, во периодот од октомври 2024 до јуни 2025 година.

Ако си тинејџер со посебни потреби и сакаш да им пркосиш на стереотипите, да се вреднуваш и позиционираш себеси на право место во друштвото и општеството, да ја подобриш комуникацијата, да стекнеш нови вештини и пријатели; и заедно да ги совладувате секојдневните предизвици, овој повик е за тебе. Исто така, ако сте родител на дете со попреченост меѓу 13 и 19 години, кое што е во основно или средно училиште и барате можности за поддршка и развој во инклузивна средина, психолошкото советувалиште на „Пркос” ве поканува да им се придружите.

Целта на овие работилници е да се поддржат тинејџерите со посебни потреби во развивање на самосвеста и менталната резилиентност преку креативни и интерактивни активности. Работилниците ќе помогнат во надминување на предизвици како тешкотии со учење, проблеми со концентрација, комуникациски бариери и управување со сензорни стимулуси. Ќе развиеме техники за намалување на анксиозноста, подобрување на социјализацијата и градење доверба, а истовремено ќе се изградат нови пријателства и заедничка поддршка.

Работилниците ги осмислува и ги води Кирил Тројачанец, психолог со искуство во работа со млади со посебни потреби. Неговото посветено залагање и разбирање на индивидуалните потреби на секој ученик овозможуваат создавање на позитивна, прифатлива и мотивирачка средина, каде што секој учесник може да се чувствува безбеден и поддржан. Со неговото водство, секоја активност е внимателно прилагодена за да се поттикне личниот и социјалниот развој на учениците, помагајќи им да ги надминат предизвиците со кои се соочуваат.

„Пријавете се на 075 303 041 и стани дел од заедница каде што слушаме без да судиме, разбираме без да критикуваме, пркосиме и учиме заедно” , велат од Психолошкото советувалиште кое работи во рамки на граѓанската организација „Пркос”.

Извор: https://prkos.mk