Празните зборови на екстремната десница

18.09.2024 00:47
Празните зборови на екстремната десница

Во истражувачкиот извештај „Talking left, voting right“ политиколозите Габриела Грејлингер и Кас Муде од Универзитетот во Џорџија ја анализирале реториката на екстремно десните европски партии и ја споредиле со нивната социо-економска програма, односно со реалните ставови за работничките и социјалните права. Авторите тргнале од тоа што партиите од екстремната десница сè повеќе усвојуваат просоцијален став, односно дека зборуваат за силна социјална држава и се претставуваат како „вистински“ претставници на работничката класа и сиромашните. Додуша, притоа екстремната десница се грижи само за „сопствениот“ народ, односно за белите работници во традиционалните индустрии, па така некои автори нивната политичката програма ја нарекоа шовинизам на благосостојбата.

Меѓутоа, кога тоа би било вистина и покрај реториката, тогаш партиите од екстремната десница би требало да се залагаат за политики како што се, на пример, зголемувањето на минималната плата, поголемото оданочување на корпорациите и јакнењето на работничките права за платформските работници. Меѓутоа, додека за идеологијата и реториката на екстремната десница се пишува многу, речиси и да нема истражувања за општествено-економските програми кои ги застапуваат овие партии. Грејлингер и Муде истражиле дали се совпаѓа реториката со реалната програма на партиите од екстремната десница преку пример со гласањето во Европскиот парламент. Ги анализирале гласовите на сите партии од екстремната десница кои биле застапени во составот на Европскиот парламент во периодот од 2019 до 2024 година за осум клучни точки за кои се гласало последниве три години: тоа се Директивите на Советот за обезбедување глобално минимално ниво на оданочување за мултинационалните компании, Директивата за транспарентност на платите, Директивата за адекватни минимални плати, Директивата за платформската работа, Резолуцијата на Европскиот парламент за јакнење на социјалниот дијалог, Резолуцијата на Европскиот парламент за квалитетно стажирање во ЕУ, Директивата за корпоративна одржливост и Резолуцијата за Планот за социјална Европа. Овие осум гласања се избрани како добар индикатор за ставовите на екстремната десница за работничките и социјалните права.

Во извештајот направен минатиот месец за Европскиот синдикален институт (ЕТУИ) авторите особено се осврнале на две екстремно десни групи во Европскиот парламент: сега распуштената група Идентитет и демократија (ИД), во која се наоѓа Национален фронт на Марин Ле Пен, и Европските конзервативци и реформисти (ЕЦР) во кои доминира партијата на Џорџа Мелони, Браќа на Италија. Ја анализирале и унгарската партија Фидеш на Виктор Орбан која е на чело на новите Патриоти за Европа (ПФЕ), група која е формирана како неофицијален наследник на Идентитет и демократија по европските избори летово.

Да не ве држиме во неизвесност: резултатите покажале дека партиите од екстремната десница не ги поддржуваат работничките и социјалните права, како и дека тие прашања воопшто не им се меѓу политичките приоритети. Освен неколку исклучоци, екстремната десница не ги поддржува работничките права на европско ниво. Обрасците за гласање покажале дека партиите од групата Идентитет и демократија особено ги отфрлале предлозите за зголемување на минималната плата, квалитетното стажирање, транспарентноста на платите и директивата за одржливост на корпорациите. Партиите од групата Европски конзервативци и реформисти биле особено непријателски расположени кон транспарентноста на платите и заштитата на платформските работници, како и кон директивата за корпоративна одржливост. И покрај „социјалната“ приказна, екстремната десница гласа како десница кога се работи за социо-економски прашања. Иако регионалните разлики помеѓу партиите се покажале како релативно мали, партиите од екстремната десница во северна Европа особено се наклонети кон „десно“ гласање за општествено-економските прашања, односно одбивање на предлогот за јакнење на работничките и социјалните права.

Втор важен резултат од истражувањето е неусогласеноста на партиите од екстремната десница при гласањето за работничките и социјалните права, односно таканаречената слаба гласачка дисциплина. На пример, партиите во групите ИД и ЕЦР гласаат различно и неусогласено за прашањата поврзани со оданочувањето на мултинационалните компании и адекватните минимални плати - некои се за, некои се против, а многу се воздржани. За споредба, партиите од другите групи во Европскиот парламент како Социјалистите и демократите (СИД) гласаат речиси едногласно за овие прашања. А за кои теми се грижи екстремната десница се гледа по едногласното одбивање на резолуцијата за азил и управување со миграциите од април оваа година.

Сè на сè, анализата покажала дека работничките и социјалните права, и покрај приказната, не се нешто за што се грижат партиите од екстремната десница, дури ни кога се работи за „нивниот“ народ. Приказот на екстремната десница како проработничка (иако шовинистичка) во голем дел е погрешен. Кога ќе се испита реалната политичка програма на партиите од екстремната десница, ситуацијата е јасна. Екстремната десница не е десница само во однос на прашањето за миграциите, азилот и ставовите за абортусот, туку е и антиработничка.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Alex Chinneck

Извор: https://www.bilten.org/