1032 hPa
51 %
13 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 10:59
Во Кинотеката на Македонија, на 19 септември, со почеток во 20 часот, по повод десет години создавање на полето на видеоуметноста, ќе се одржи проекција на десет видео-уметнички дела на македонската уметница Тања Балаќ, со наслов „Луцидни соништа”. Станува збор за своевидно еднодецениско заокружување на делата остварени во овој медиум, кои најчесто се коментар на она што се случува во светот, од 2014 па наваму.
Тања Балаќ (р. 1968 година, Скопје), во 1991 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Трасирајќи го својот уметнички и професионален пат низ годините, во 2008 година, магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство. Членка е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) од 1996 година, а во периодот од 2006-2013 година и негова претседателка.
Меѓу многубројните професионални посети надвор од границите на Македонија, остварува студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство постојано го збогатува со работни и студиски посети во странство, учество на меѓународни фестивали и изложби, за кои има добиено повеќе награди и признанија. Покрај сликарството, во последната декада истражува и на полето на нови медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видео уметност.
Остварила повеќе самостојни изложби: Минатата година изложбата „Раселени” беше претставена во Советот на Европа во Стразбур, „Просторни дистанци во” 2020 г. во Галеријата на македонската амбасада во Виена, „Невидлива изложеност” во галерија „Прогрес” во Белград во 2019 г., „1800К” со Омер Калеши во Галеријата на македонската амбасада во Париз во 2017 г., „Црвена земја”, „Раѓање на нација” – проекции на експерименталните филмови и изложба на фотографии во ОКК Галерија - Берлин, Германија, истата година, во 2013 г. „Просторни дистанци” во галеријата „Љубљански град” во Љубљана, , како и многу други самостојни претставувања во Истанбул, Берлин, Софија,Темишвар, Малме, Марибор, Загреб, Дубровник Москва, Париз...
Учествувала на бројни групни изложби, во Македонија и во странство: Франција, САД, Полска, Хрватска ,Бугарија, Србија, Русија, Шведска... Исто така, нејзините експериментални филмови побудуваат голем интерес кај меѓународната јавност. Дел од нив се здобија со меѓународни награди како што е четврта награда за експериментален филм на Биеналето во Фиренца за филмот „Меморабилија” во 2019 година, во истата година и прва награда на Филмскиот фестивал во Вест Вирџинија, САД; во 2020 награда на „Анархи филм фестивал” во Манчестер, Велика Британија за филмот „Заглавени заедно”... За видеопроектот „Следна генерација”, Балаќ освои Гран при на 20. „Зимски салон” (2024 г.), кој традиционално го организира Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Зад одлуката стои кураторката на „Зимскиот салон”, Оксана Карповец од Украина, која ја зададе темата „Интимност и меѓусебна поврзаност” на ова јубилејно издание.