1010 hPa
64 %

20 °C
Скопје - Пет, 25.04.2025 10:59
Во четврток, 19 септември, со почеток во 19:30 часот, во галерија „Метаноја“ (ул. Максим Горки бр. 19), ќе биде отворена на изложбата „Почетоци“ на македонскиот уметник Гоце Илиевски.
„Со секоја боја и секој потег при цртањето Гоце Илиевски го толкува нашето космичко наследство: ѕвездената прашина чии состојки ги имаме во себеси, тајната на постоењето чии енигми постојано ги дешифрираме и конечната судбина, лична и колективна насреде огромната и нема вселена. ... Со изложбата „Почетоци“, Илиевски се нурнал во космогониите, од оние најдревните до футуристичките. Едно е сигурно, овој уметник е уверен дека вселената не е случајна. Дури и во највпечатливите уметничко-симболични прикази на еволуцијата на постоењето, еволутивниот развој на неживата и на живата материја има извор надвор од себеси“, пишува Коста Милков во освртот за претстојната изложба „Почетоци“ на уметникот Гоце Илиевски.
Гоце Илиевски е уметник од Скопје, кој твори во областа на традиционалните, современите и дигиталните форми на уметност. Завршил на ФЛУ (Факултет за ликовна уметност), отсек сликарство во 2010 година. Има реализирано петнаесет самостојни и земал учество во многубројни групни изложби во Македонија, Германија, Австрија, Исланд, Турција, Бугарија и Полска. Добитник е на повеќе награди за сликарство, акварел и фотографија од повеќе институции и држави. Во 2011 му беше доделена наградата „Златна четка“ за сликарство од ДЛУМ (Друштво на ликовни уметници на Македонија), како и награди за GIF (дигитална слика во движење). Учествувал на повеќе резиденции, симпозиуми, работилнници за уметност и други активности, меѓу кои како поважни за неговиот развој како уметник се издвојуваат, уметничкиот престој во Нирнберг, Германија, резиденциите во Литванија, Латвија и престојот во Исланд. Од особено значење е филмот Loving Vincent, на кој што работи како сликар и аниматор“, истакнуваат организаторите за уметникот.
Доколку некои од заинересираните не можат да бидат присутни на отворањето на изложбата, ќе можат да ја посетат во текот на траењето низ септември и дел од октомври 2024 година.