Цивилното општество денес е интегрален дел од системот

18.09.2024 12:21
Цивилното општество денес е интегрален дел од системот

 Разговаравме со Томаж Мастнак, истакнат словенечки социолог, публицист и поранешен граѓански активист. Во скорешните дела неговиот истражувачки фокус е врз конфликтните односи меѓу Истокот и Западот, критиката на либерализмот, фашизмот и неолиберализмот, а пишува и за бонапартизмот. Во моментов подготвува антологија на младохегелијанците на словенечки јазик.

Разговорот со Томаж Мастнак го води Среќко Пулиг.

 

Од радикален застапник на цивилното општество во 1980‒тите, се претворивте во негов радикален критичар. Колку се променивте вие, а колку цивилното општество за кое сега пишувате во наводници?

Поимот цивилно општество секогаш се менувал низ историјата, исто како што се менувала и реалноста која поимот ја опишувал. Се надевам дека и јас сум се променил, дека сум малку попаметен и поискусен отколку во 80‒тите. Колку се промени цивилното општество последниве 40 години? Пресвртна точка е крајот на студената војна, поразот на социјализмот и колапсот на социјалистичките држави во Источна Европа. Цивилното општество на овие простори во 1980‒тите беше носечки поим на опозицијата против социјалистичкиот систем. Социјализмот, се разбира, пропадна не толку поради таа опозиција, туку поради политичката, економската, идеолошката, информациската и психолошката војна што против него ја водеше либералниот Запад. Цивилното општество беше на победничката страна.

Едноставно, во 1980‒тите тоа беше антисистемска сила, а денес е составен дел на системот. Тогаш се чинеше дека дошло на власт, што, се разбира, е во спротивност со сфаќањето на цивилното општество, кое во 1980‒тите го изгради својот идентитет на тоа да биде независна сила во опозиција на власта. Цивилното општество денес всушност стана составен дел од власта. Во исто време самиот термин не е значајно променет, променета е неговата системска улога. Бидејќи сега тоа ја споделува либералната политичка насока и идеологија со власта, тоа навистина ја отвора вратата за владејачката политика во општеството, односно го проширува досегот и опсегот на власта. Со помош на цивилното општество, кое ја поддржува владеачката либерална агенда во недржавните сфери, власта сè повеќе станува тотална. Граѓанските активисти во 80‒тите замислуваа дека се борат против тоталитаризмот, а денес се носители на новиот тоталитаризам.

А се смени и државата, која ја загуби општествената улога што ја имаше во стариот систем. Благодарение на европските интеграции и влезот во НАТО, таа го загуби својот суверенитет. Улогата на извршната власт е зголемена. Сè повеќе та е во служба на големите економски интереси, кои по правило се наднационални, странски. Ја спроведува политиката на глобалистичките западни владејачки елити. Бидејќи државата како јавна власт го изгуби своето значење и извршната власт, што значи владата, стана доминантна, актерите на цивилното општество сè повеќе се конституираат во однос на владата ‒ а не државата ‒ и настапуваат како невладини организации. Во согласност со односите на моќ во светот, невладините организации во голема мера се финансирани и диригирани од странски влади. Ако цивилното општество во 1980‒тите се залагаше за национално ослободување и суверенитет, денес тоа е сè повеќе е пешадија на глобализмот и заедно со политичката елита нè турка во колонијална зависност од пропаѓачкиот Запад.




„Компатибилната левица“

Низа левичарски партии се појавија на просториве благодарение на активистите на цивилното општество. Што можеме да заклучиме за овие партии со оглед на ваквото потекло?

Од цивилното општество произлегоа и десничарските партии. И во едните и во другите влегоа политичари и службеници на стариот систем и така се создаде новата политичка елита. Нејзиното цивилноопштествено потекло само по себе не значи многу. Бидејќи политичката и идеолошката ориентација на цивилното општество во 1980‒тите беше либерална и антисоцијалистичка, денес постои континуитет во овој поглед. Радикалната разлика е во тоа што либерализмот стана владејачка идеологија наместо опозициска. Поранешните актери на цивилното општество во политичките партии или на власта ги остваруваат своите поранешни идеали, тие веќе не се опозиција. Со транзицијата на граѓанската опозиција на власт, опозицијата беше структурно уништена. Сега имаме власт која практично е без опозиција. Имаме само една политика во неколку различни нијанси и немаме никаква алтернатива.

Вие заговарате некаква умствена и суверена држава како минимум за градење умно општество. Но, за да се случи тоа пречка се т.н. евроатлантски интеграции. Дали државите од поранешна Југославија кои се во ЕУ и НАТО треба да иницираат процес за излегување од тие сојузи? Дали е тоа можно?

Јас се залагам за напуштање на ЕУ и НАТО. За да можат нашите земји да покренат процедури за повлекување од ЕУ и НАТО, прво би требало повторно да станат држави, а тоа нема да можат да го сторат доколку не се повлечат од евроатлантските интеграции. Суверена држава по дефиниција е рамка во која граѓаните одлучуваат за прашањата на заедницата и за сопствената судбина. Сега за нашата судбина одлучуваат други, чија последна грижа е нашата благосостојба. Немаме ни политички, ни финансиски, ни економски, ни одбранбен суверенитет, а имаме е сè послаб суверенитет на храната. Голема иронија е ‒ или опако слепило ‒ е што со влезот во Унијата и НАТО се качивме на брод што тоне.




Денес НАТО не само што не е одбранбен туку е напаѓачки сојуз, а во него се води борба и против самите земји‒членки. Така САД вршат притисок врз Германија и општо врз Европа. До кога Европа ќе ја дозволува оваа зависност и дали во неа има сили кои би ѝ се спротивставиле?

НАТО е навистина офанзивен, агресивен сојуз и главен фактор на нестабилност во светот. Бидејќи нè доведе до работ на нуклеарна војна, го загрозува нашиот опстанок и е егзистенцијална закана. НАТО е првенствено инструмент на американската глобална политика или, поточно, на силите кои управуваат со американската државна политика. ЕУ е целосно подредена на интересите на САД, таа дејствува како цивилна рака на НАТО алијансата. Ова води кон милитаризација на европската политика и економија. Политичката елита на ЕУ делува против основните интереси на Европа, додека американската ги остварува сопствените интереси ‒ и против европските.

Терористичкиот напад на нафтоводот Северен ток покажува колку брутално може да биде остварувањето на интересите на САД. Кога американскиот претседател Бајден на прес‒конференција се закани дека ќе го нападне тој гасовод, германскиот канцелар Шолц застана крај него и молчеше. Кога новинарот го праша што мисли за тоа, тој рече: „We are doing everything together“ ( „Сè правиме заедно“). Значи, учествуваме во сè. Ако НАТО алијансата, во остварување на американските интереси, без двоумење ги напаѓа своите земји членки, тогаш Унијата како дел од НАТО алијансата се напаѓа самата себе, односно Европа. Не станува збор за тоа дека сегашната политичка елита на ЕУ дозволува зависност од САД. Таа активно, со своја волја и убедување, ѝ се потчинува на Америка. Европа нема да се ослободи од оваа зависност додека населението на Европа не се ослободи од зависноста од ЕУ.

Што денес се случува со европската партиска левица? Иако номинално се смета за левица, таа скршна од левиот пат и е дел од „државните партии“ кои водат во конфронтации и војна?

Се согласувам. Како палеолевичар, мислам дека состојбата на левицата денес е катастрофална. Според мене, тоа е резултат на долгогодишна систематска и методична работа на британските и американските разузнавачки служби. На крајот на Втората светска војна британската тајна служба и ЦИА оценија дека нема да можат едноставно да ја елиминираат левицата, па решија да ја сменат. Нивната цел беше да ја одвојат интелектуалната и партиската левица од социјализмот и комунизмот и да создадат т.н. компатибилна левица. Левицата можеше да биде радикална колку што сака, само ако е несоцијалистичка и некомунистичка, т.е. антисоцијалистичка и антикомунистичка, и како таква во согласност со либералниот капиталистички систем. На крајот левицата се одвои не само од социјализмот и комунизмот, туку и од она што таа била историски. Денес таа главно прифаќа либералната агенда и зборува со либералниот јазик. Европските леви партии станаа носители на глобалистичкото господство, ги поддржуваат ЕУ и војните на евро‒американските елити на власта, се залагаат за цензура и сузбивање на слободата на мислата и говорот. Очигледен исклучок е BSW, Сојузот Sahra Wagenknecht ‒ Разум и правда.




За да се воспостави левичарска политика, не е доволно да се критикува екстремната десница. Ни треба сопствен пат, а не оној што некои го нарекоа екстремизам на центарот.

„Екстремна десница“ е пропаганден конструкт на екстремниот политички центар, кој доминира во западната политика. За овие екстремисти сè што е десно или лево од нив е „екстремно“. Тоа не значи дека нема десничарски екстремисти во традиционална смисла на зборот. Но, кога политичарите, идеолозите и медиумите џагорат за „екстремната десница“, тоа е обично напад врз политичките сили кои се спротивставуваат на владејачкиот центристички консензус. Екстремниот центар често поддржува неонацистички групи, дури и воено, како што гледаме на примерот на Украина. И кога некој се спротивставува на империјалистичките војни и неограничената моќ на глобалните корпорации, се залага за националниот суверенитет и зачувувањето на локалната историја, култура и традиции, тие го напаѓаат како „екстремен десничар“. Единствените кои уште зборуваат за работничката класа се десничарите.

Левата политика денес апсолутно не може да се воспостави врз основа на критикување на силите и идеите кои екстремниот центар ги дисквалификува како „екстремна десница“. Неопходно е одвојување од екстремниот центар, неопходна е опозиција против тоталитаризмот на центарот. Неопходно е да се промислува можноста за учество на политички сили кои му се противат на центристичкиот екстремизам и тоталитаризам.

Самостојните левичарски мислители не можат многу да направат сами. Потребна е и партиска интелигенција, но ја нема. Вие сте критичар на сите леви партии во Словенија, вклучително и на Левица...

Сосема сте во право. Без политичка организација нема да има ништо. Се плашам дека нема многу независни леви мислители. Се надевам дека грешам. На почетокот ја поддржував партијата Левица, но сега не би трошел зборови за неа. Кога ќе ја видам нивната координаторка, ме потсеќа на Бернар‒Анри Леви.




Самоубиствениот консензус

Велат дека војната во Украина е војна за иднината на Европа. Но, таа војна денес се однесува на целиот менувачки глобален поредок и е почеток на евентуален нов светски конфликт, чија крајна цел е војна меѓу Западот и Кина. Во сето тоа и ние сме вовлечени преку нашите т.н. евроатлантски интеграции?

Г‒ѓа Фон дер Лајен, тој ангел на смртта, која беше назначена за прв политичар на ЕУ, рече дека во Украина се бориме за „европските вредности“ и дека таму „се пишува иднината на Европа“. А кои се тие „европски вредности“? Што е карактеристично за таа Украина која ја претставува нашата иднина? Диктаторска власт, која не е избрана, со оглед на тоа што мандатот на Зеленски и на украинскиот парламент истече, па според одредбите на украинскиот устав таму веќе не постои законска власт. Власт која без двоумење го испраќа сопственото население во смрт и за таа сметка добива милијарди од Западот. Власт која ѝ ја довери иднината на сопствената земја на мегакорпорацијата BlackRock. Власт која го продаде најголемиот дел од обработливото земјиште на западните корпорации и на мала врата воведе генетски модифицирани организми во Европа. Власт која ги суспендираше правата на работниците, ги укина критичките и опозициските медиуми, ги забрани опозициските партии, ги потиснува верските слободи, пали книги и им забранува на руското и унгарското малцинство да го користат својот јазик. Власт која заплашува, затвора и убива опозициски политичари и новинари. Власт која е толку корумпирана што ни западните пропагандисти не можат тоа да го негираат. Власт која во клучните точки е во рацете на нацисти. Се плашам дека војната во Украина е увертира за ренацификација на Европа. И дека нашите властодршци навистина нè водат во војна како овци во кланица.

Можеби уште полош од самите конфликти и засега на прв поглед локалните војни, е фактот што нема релевантна дискусија за иднината на светот или дека таа е фрлена на маргините. Во нашите краишта владеат пропаганда и цензура, но уште повеќе во центрите на Западот. Како може мислењето да се пробие до населението и да го поништи тој самоубиствен консензус?

Сосема сте во право дека ова е самоубиствен консензус и дека нема сериозна јавна дискусија за иднината на светот. Затоа ја губиме иднината. Наместо иднина, имаме насилна проекција на актуелната неподнослива состојба. Сè повеќе ми се чини дека цензурата и едноумието што владеат денес на Запад се посебни. Сакам да се запрашам за две работи. Прво, дали воопшто постои мислење што отвора соодветна иднина за човекот и кое сакаме да се пробие до населението? Или допрва ќе треба да го развиеме? И второ, зарем не би било добро она што подреденото население го гледа, искусува и мисли да се пробие до интелектуалците и власта?


Слики: Alex Andreyev

Превод: Н. Г.

Извор за текстот: Portal Novosti

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Европа / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото