1029 hPa
38 %

12 °C
Скопје - Нед, 09.02.2025 13:59
Оваа изложба го истражува пресекот на уметноста, науката и на верата. Концептот нуди контемплативно патување во мистичноста на почетоците на животот како длабок чин на божествена волја и насочување. За научниците како што сум јас, колку повеќе разбираме како нашиот свет почнал да постои, толку повеќе сме воодушевени од сета негова убавина и величественост, а тоа сѐ повеќе ни посочува кон несогледливата креативност на Бог.
д-р Ард Луи
Редовен Професор по Теоретска физика на универзитетот Оксфорд
Во почетокот беше ништо или можеби сѐ, собрано во бесконечно згусната точка за која атомот е мултиверзум. Современата приказна за почетокот на вселената е раскажана со јазикот на честичките и на енергијата или на светлината распослана низ платното на времето и на просторот. Фасцинантноста на постоењето на оваа очудувачка генеза на материјата, на времето и на просторот го повикува човечкиот род познат како „homo sapiens” на длабокоумно проникнување во апстрахираната убавина на планетарните тела и на космичките хоризонти. Овие размисли за почетокот на сите почетоци, она делче од милисекунда пред настанувањето, оној прапочеток се сеопшта тема, било за науката, било за уметноста. Прашањата како „Од каде доаѓаме?“, „Каде одиме?“ или „Што треба да правиме?“ изникнуваат од прелетувањето на бесконечните космички пространства со човечката мечта која е неисцрпна и со човечката перцепција која е ограничена. Уметничките дела од овој опус на Гоце Илиевски нѐ водат на патешествие низ примордијалните одаи од кои се појавило простор-времето. Она што им е заедничко на сите нив е дека ја бришат границата меѓу познатото и непознатото, меѓу научното и уметничкото, меѓу физичкото и духовното, меѓу буквалното и симболичното. Преку својата контемплација Илиевски ја повикува публиката на исто такво контемплативно соочување со тајните на бивствувањето со силите кои ја обликуваат нашата стварност и нас самите како ограничени битија. Со секоја боја и секој потег при цртањето Илиевски го толкува нашето космичко наследство: ѕвездената прашина чии состојки ги имаме во себеси, тајната на постоењето чии енигми постојано ги дешифрираме и конечната судбина, лична и колективна насреде огромната и нема вселена.
Ноќ, планети и облаци
Гоце е уметник и тој нема намера даде дефинитивни одговори. Неговите цртежи загатнуваат колку што одгатнуваат, посочуваат на научни факти, но се потпираат и на стилизирани митови, се повикуваат на квантната физика и на научната фантастика, на хемиските формули и на светските епови. Со изложбата „Почетоци“, Илиевски се нурнал во космогониите, од оние најдревните до футуристичките. Едно е сигурно, овој уметник е уверен дека вселената не е случајна. Дури и во највпечатливите уметничко-симболични прикази на еволуцијата на постоењето, еволутивниот развој на неживата и на живата материја има извор надвор од себеси. Тоа е убаво прикажано на цртежот „Раце кои држат планети“. Неколку небесни тела извираат од „космичката супа“ полека формирајќи ги своите специфични карактеристики. Во меѓупросторот на супата се наоѓаат разни билки и цветови. Рацете се во положба која асоцира на чин на дарување. Врз нив растат бројни растенија и ја подаваат содржината на дланките кон празниот простор. Портокаловото преовладува, боја со која се поврзува изгрејсонцето. Според Битие, првата книга во Библијата, првин е создадена светлината, а дури потоа небесните тела, вклучувајќи ги Сонцето, Месечината и планетите. Веднаш станува јасно дека за Илиевски ова создавање е стварно, но не буквално, туку симболично. Интересно е дека ваквото толкување има поддршка уште во раната црква. Најголемиот христијански мислител во првата половина на третиот век бил Ориген од Александрија. Својот голем ум тој го посветил на толкување на Библијата и на одговарање на некои од најтешките критики против христијанското учење и општо на комплексни теолошки прашања. Едно од неговите клучни дела, кое за жал го немаме во целост, се вика „За почетоците“ или „Περὶ Ἀρχῶν“. Во него Ориген создавањето на светот за шест дена го толкува алегориски. Со други зборови, според принципите на толкување на Ориген, создавањето преку еволуција беспрекорно може да се усогласи со библиската приказна за создавањето. Нешто слично, но со уметнички цртежи, а не со текстуална егзегеза и херменевтика, заговара и Гоце Илиевски.
Редослед на планети
Да се вратиме на портокаловата боја на цртежот. Едно можно толкување на овој уметнички приказ е дека светлината е веќе создадена, а рацете на Создателот и изворот на животот (за што сведочат бројните растенија) ги воведуваат небесните тела во простор од каде што темнината е изгонета. Случајно или не, една мала фигура неодоливо потсетува на човечки лик. Глава со очи и со уста која испливува од праматеријата. Просторот, од човечка гледна точка, е бесконечен, материјата е немерлива, а сето тоа за живите суштества и човекот како нивна круна да имаат безбеден простор за живеење.
Човекот и ѕвездите
Оваа поента е особено истакната во цртежот „Човекот и ѕвездите“. Врз изделканата глава на фигура која потсетува на Атлас, кој според митот ги држи небесните сфери над Земјата, стои човек кој вее знаме. Стоејќи на овој антропоморфен планински врв пред човекот се простираат ѕвезди, соѕвездија и галаксии. Но, овој цртеж потсетува и на една друга приказна која според Ориген е приказната за вечниот Божји збор кој ќе стане човек. Зашто само како човек Бог можел да му го покаже патот до себеси. Ова толкување го става човекот на врвот, симболично прикажувајќи го како круна на создавањето. Но, единствениот начин за ова човечко искачување е Бог да стане човек. Како што папата Бенедикт 16 ќе напише „Бог кој не може да умре стана човек кој не може да живее“. Во секој случај, Гоце ни ја предочува убавината на несогледливата вселена во која се наоѓаме. Во зависност од тоа како ја толкуваме таа може да биде извор на најголем страв и на најголема страхопочит. Или со други зборови, сѐ зависи од перспективата. Од една страна сме толку мали што дури и во споредба со џуџести ѕвезди сме без никаква маса и ефект. Секоја блиска средба со такви тела би значело наше потполно разградување и исчезнување. А ете, сепак, дарувани сме со генијот на мечтата така што со една мисла можеме да си замислиме дека сме биле во секој дел од вселената и дека можеме да чекориме по планети. Можно ли е да се чекори по планети? Ако се погледне сликата „Човек во перспектива“ тоа е секако можно. Стилизирано човечко тело само што зачекорило со левата нога од една кон друга планета. Имајќи предвид колкаво е растојанието меѓу планетите човекот мора да е многу пати поголем од секоја од нив. Тие се сега како камења над течението на брзата планинска река врз кои може да се нагази за да се мине од другата страна. Тука се спојуваат крајностите на човековото постоење. Науката ни кажува дека сончевиот систем зазема занемарлив простор во споредба со Млечниот Пат додека со креативно-уметничкиот дух чекориме по небесните тела.
Пурпурен Марс
Една таква уметничка замисла е „Пурпурен Марс“. Цртежот има карактеристики на научно-фантастичен стрип. Еден Земјанин е телепортиран од некоја земјена плажа на Марс. Тој не дозволува оваа драматична промена на пејзажот да го вознемири. Продолжува да си го пие коктелот уживајќи во глетката која ја нуди атмосферата на Марс спокојно прострен на лежалката што лебди, а која е истовремено и вселенско летало. Во далечината се гледа планетата Земја, додека една комета се залетала директно накај Сатурн. Ова е исполнување на еден човечки сон.
Соновни пејзажи и планети
Зошто сонот да не биде хиперреалистично јаве? Во сцена како онаа од „Sвездени патеки“ на цртежот „Соновни пејзажи и планети“ пред набљудувачот се отвора интрапланетарен хоризонт во крупен кадар со интрастеларна заднина. Портокаловата боја е во прв план додека светло и темнозелената прават дополнителен контраст наспроти црната на која како роеви светулки блескаат ѕвезди. Хармонијата на портокаловото, на зеленото и на црното е прекината со мали исечоци на светлосина боја. Дали со нив Илиевски ја означува водата без која познатиот жив свет не може да постои? Животот е толку кревок, а сепак, на животот му треба толку малку. Од најмалите живи суштества може да се развиваат сѐ покомплексни организми. Само во ваква практична бесконечност на простор-времето почетокот, развивањето и одржувањето на живот имаат доволно простор и време за еволуцијата да ги намести делчињата во сложувалката на животот.
Планета со прстен и ѕвездена прашина
Општо земено, Илиевски се држи до стилот на „ретрофутуризам“ со силни примеси на стрипот, поп-артот, а кои се под влијание на надреализмот. Овие карактеристики ги одбележуваат цртежите: „Винтаж месечева илустрација“ „Ноќ, планети и облаци“, „Планета со прстен и со ѕвездена прашина“ и „Редослед на планети“. Палетата на боите, стрип естетиката и техниката во „Винтаж месечева илустрација“ претставува познато небесно тело, природниот сателит на Земјата, а истовремено му дава чувство на трансцендентност. Некои од кратерите на месечината не се само сведоштво за мината вулканска активност, туку за нешто што се одвива тековно. Ова е повторно суптилна порака на авторот за еволуцискиот процес во вселената, а особено во сончевиот систем. Во другите набројани цртежи Илиевски се држи до иста или слична уметничка „нарација“ како и во поголемиот дел од опусот на оваа изложба. Боите, композициите и заднината се исти или многу слични – стилизирани планетарни тела. Два цртежа се фокусираат на детали во крупен план, додека една слика ги прикажува планетите во движење. Сето тоа, во контекст на авторската замисла за делата укажува на она што Тома Аквински го нарекува „Космолошки доказ“ за постоењето на прв причинител кој не е причинет од некој или од нешто друго.
Раце на вонземјани
Со прашањето за почетоците на постоењето се поставува и прашањето за постоењето на живот, а особено на интелигентен живот на други планети освен на Земјата. Зарем во оваа за нас бесконечна вселена сме само ние? Гоце Илиевски си поигрува со одговорот преку својата уметност. На сликата „Раце на вонземјани“ се гледаат раце на Земјани од различни раси и на раце на вонземјани кои излегуваат од вселенска спирала. Две раце, една на Земјанин, а друга на вонземјанин се ракуваат, а другите посегнуваат да се допрат. Рацете се симбол на поврзаност и на комуникација. Ако постојат други интелигентни битија, претпоставката е дека и тие би трагале за живот надвор од нивниот планетарен систем и би сакале да се поврзат со битија од друг свет. Концентричните кругови може да го симболизираат космосот, времето или слоевите на сета можна реалност. Едно можно толкување според христијанското предание е дека ако Троединиот Бог создал и други интелигентни битија и ги населил во некое далечно ќоше на вселената и ним би им требал избавител зашто целото создание е под влијание на човековиот пад во грев. Токму затоа отелотворениот Бог Исус Христос би бил и нивен Спасител. Тој е Божјиот Збор преку кој е сѐ создадено. Ова не враќа на Ориген од Александрија кој во Περὶ Ἀρχῶν ја развива оваа теорија преземајќи го концептот на терминот Збор/Логос не само од филозофите пред него, туку и од христијанските мислители од вториот век како што е Јустин Маченик, а се разбира и од евангелистот Јован. Цртежот на Гоце е податен за вакво толкување ако се земе предвид дека на една од највпечатливите икони и фрески „Христовото слегување во адот“ Христос е претставен како ги фаќа за рака Адам и Ева најавувајќи ја победата над распадливоста и ослободувањето од нејзините пранги. Раката на Богочовекот ослободува од смртта.
Рецепт за соларниот систем
Така е зашто од самиот почеток бевме создадени за живот. За тоа сведочат сите оние фини подесувања во вселената без кои животот би бил невозможен. Овој феномен Гоце Илиевски го нарекува „Рецепт за соларниот систем“ и „Рецепт за соларниот систем – Круг на огнот“. Два сосема различни цртежа по композиција, по палета на бои и по стил, но тематски исти. Се работи за формирањето на Сонцето и на планетите од нашиот планетарен систем. „Рецепт за соларниот систем“ е уметничка замисла на авторот за таканаречената „Голема експлозија“ или „Биг бенг“. Илиевски комбинира научни, филозофски и теолошки елементи за да прикаже како тој го разбира овој монументален настан. Сонцето е веќе одвоено од планетите, а тие пак, се „крчкаат“ во една голема вселенска тава ставена врз силен оган. Планетата Сатурн веќе се издвоила од другите и патува кон своето место во поредокот, додека другите сѐ уште се ослободуваат од гравитацијата на тавата привлечени од онаа на Сонцето. Како на периодичен систем прикажани се воздухот, огнот, водата и земјата, четирите основни елементи според дрвените филозофи и поети. Но, тавата не левитира сама по себе. Нејзе ја држи убаво обликувана рака и дланка која не може да биде ничија друга, освен на вечниот Создател. Ова е вселенски чин кој ги поставува сите елементи и околности на физичките закони да доведат до формирање живот, од едноклеточниот до најсложениот и интелигентниот. Правилата за вселенската игра се поставени и авантурата кон животот и на животот може да почне. Цртежот „Рецепт за соларниот систем – Круг на огнот“ е најблиску до она што уметникот ќе дојде до директно објаснување на физичките закони и сите други феномени кои природните науки ги проучуваат. Живите бои на цртежот потсетуваат на „Северната светлина“ (Aurora Borealis), но во дадениот контекст тие повеќе асоцираат на „возбуденост на јадрото на атомот“ при што разни гасови емитираат светлина во специфична бранова должина. Истовремено приказот е илустративен приказ на математичката теорија за хаосот која според еден од моите професори по теологија, Џон Џеферсон Дејвис, е одличен пример како Бог би можел да користи принципи на физички закони и на „случајности“ во создавањето. Ваквата поставеност на нештата води до епистемска понизност која ги препознава човечките ограничувања. Оваа слика ги прикажува и хемиските атмосферски реакции кои создаваат разни гасови како азот и кислород. Урнеците во цртежот потсетуваат и на „фракталите“ кои пак, сугерираат повторување во структурите на природата. Цртежот може да означува и „ѕвездена маглина“ или некој друг космички феномен при раѓањето на нова ѕвезда. Но, исто така, лебдечките форми во акт на „топење“ посочуваат на ентропијата и на вториот закон на термодинамиката за природниот стремеж кон распаѓање што во теолошкиот светоглед бара некој системот да го одржува. Конечно, Илиевски на овој цртеж се служи со принципите на квантната механика, поточно преклопувањето на спектарот на боите на светлината посочува на „квантна суперпозиционираност“ при што честичките постојат во повеќе состојби одеднаш.
Сѐ на сѐ опусот на цртежите од изложбата „Почетоци“ е еден од најфините уметнички потфати да се размислува за почетоците на постоењето и на големите прашања за животот и на животот.
Рецепт за соларниот систем - круг на огнот