Големата театарска крстосница

19.09.2024 10:46
Големата театарска крстосница

(Кон петтиот театарски фестивал „Театар на крстопат“ одржан во Ниш, 2-8 септември, 2024 година)

Театарот е синтетичка уметност и неговото постоење подразбира континуирано преиспирување и преформулирање. Фестивалот „Театар на крстопат“ кој веќе петта гдина се одржува во Ниш (Србија), ги собира највредните и најинтересните театарски дела од регионот, а со тоа го премерува театараскиот артизам создавајќи слика за движењата во театарската уметност на овие простори.

По петтото издание на овој фестивал се поставува прашањето: колку му е потребен овој фестивал на овој регион? Фестивалот зборува за театарското пулсирање на Балканот чија историска и денешна социјална и општествена динамика е со високи амплитуди. Овој театарски фестивал ги сублимира сите најдобри мотиви, теми, режисерски видувања и актерски остварувања и со тоа создава слика на театарско движење кое е референтно на Европските театарски движења, т.е. станува на еден начин и конкурентно, но и инспирирачко за театарското збиднување во западните и северните делови од Европскиот континент. Оваа сублимација е од огромно значење и за балканските рецепции на театарската уметност која на некој начин ги иницира и соработките, како и размените во секое поле на интерес на театарската уметност.

На репертоарот на овогодинешмното издание на „Театарот на крстопат“ се најдоа претстави од Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија: „Антигона“ по текст на Доминик Смоле, во режија на Лука Марцен и во продукција на Народниот театар од Нова Горица, Словенија, претстава чие толкување на митот за Антигона е од еден сосема друг агол, од аголот на намислениот авторитаризам низ фрагилноста на современите владетели, концептуално многу референтно на денешните политички придвижувања во Европа; „Мистер долар“, по комедијата на Бранислав Нушиќ, во режија на Милош Лолиќ, во продукција на Народниот театар од Белград, едно исклучително радиклано видување на оваа горчлива комедија на Нушиќ која низ остриот ритам на „рејвот“ нѐ потсетува на тоа дека од денешен аспект парите се единствениот владетел и доминант врз човековиот вид.

„Ќелавата пејачка“ по текстот на Ежен Јонеско, во режија на Јагош Марковиќ, во продукција на Центарот за култура од Тиват, Црна Гора

Понатаму следува претставата „Поетеса“, по текст и во режија на Вида Огњеновиќ, во продукција на Српскиот народен театар од Нови Сад, елегична претстава посветена на трагичната историја на Милица Стојадиновиќ Српкиња, една од најзначајните српски поетеси од деветнаесеттиот век; „Сабота, недела и понеделник“ по текст на Едуардо де Филипо во режија на Паоло Маѓели, во продукција на Градскиот сатиричен театар „Керемпух“ од Загреб, Хрватска, сатирична комедија која навлегува во трагичните состојки на семејните недоразбирања; „Ќелавата пејачка“ по текстот на Ежен Јонеско, во режија на Јагош Марковиќ, во продукција на Центарот за култура од Тиват, Црна Гора, апсурдистичка комедија чија референтност на современите недоразбирања ни покажа дека трагиката на денешните несреќи е токму во несфатливоста на внатрешната реторика и „Елеменетарни честички“ по романот на Мишел Уелбек во драматизација и режија на Крис Шарков, во продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија, претстава што нѐ понесе на крилјата на ефемерноста на љубовта чија недофатливост е еквивалент на денешната инфериорност кон сè што има духовен предзнак.

Овој фестивал има и своја придружна програма во која се најдоа две интересни камерни пиеси: „Спомените на Сара Бернар“, по тескт на Џон Марел, во продукција на Херцеговскиот театар и Херцег Фест од Црна Гора каде што брилјираше доајенката на Српскиот театар и филм Тања Бошковиќ и претставата „Кутии“ на продукцијата „Јапим“ од Истанбул, Турција.

Покрај претставите фестивалот води грижа и за театарските изданија, како и за разговорите за состојбите во театрите во регионот, па така во текот на целата седмица се случуваа промоциите на изданијата на Стерииното позорје кое ги водеше неговиот директор Мирослав Радоњиќ, промоцијата на театарското списание „Театрон“, како и на изданијата на драмската оставина во продукција на Театарскиот музеј на Србија, промоцијата на театарското списание „Агон“ кое го издава театарот на Бања Лука, како и на поезијата на Радоман Кањевац. Што се однесува до разговорите, овојпат беше отворена трибина под наслов „Театарските модели на Балканскиот културен простор“, а на крајот на фестивалот, под покровителство на театарскиот весник „Лудус“ беше отворена и трибината „Кои се клучните обележја на оригиналноста во современиот домашен текст?“

Сцена од претставата „Антигона“ според текстот наДоминик Смоле, во режија на Лука Марцен, во изведба на Словенечки народен театар Нова Горица, Словенија

„Театарот на крстопат“ во духот на својот наслов во текот на седумте дена од овогодинешното издание успеа да ги разоткрие крстосниците на театарските продукции во регионот и да ја констатира нивната положба и идните тенеденции. Овој театар секоја година доделува четиринаесет релевантни награди кои оваа година жирито во состав: Ненад Новаковиќ, Дора Ружѓак Подолски, Душан Ковачевиќ, Ирена Шаровиќ и Милица Бајиќ Ѓуров ги додели на: „Ќелавата пејачка“ за најдобра претстава во целина, а истата претстава се закити и со наградите за најдобри актерски оставрувања на Бранко Видаковиќ за улогата на Господинот Борио и на Олга Одановиќ за улогата на Госпоѓа Борио, со наградата за најдобра костимографија на Марија Марковиќ Милојев, специјалната награда за Сандра Бугарски, како и наградите на тркалезната маса на критиката и на новинарското жири; „Елементартни честички“ за најдобра сценографија на Никола Тороманов и за најдобар млад актер на Мартин Димитров; „Антигона“ за најдобра музика на Митја Врховник Смрекар и за најдобри сценски движења на Лара Екар Грљ; „Сабота, недела и понеделник“ за најдобра режија на Паоло Маѓели и на претставата „Поетеса“ каде што Наташа Станишиќ ја понесе наградата за најдобра млада актерка за улогата на Милица Стојадиновиќ Српкиња.

Фестивалот „Театар на крстопат“ ја симна завесата по петти пат станувајќи многу важна точка на мапата на европски фестивали и донесувајќи нови треперења, но и нови промисли за тоа што ни значи театарот на овие простори и што уште треба да направиме за неговиот општествен и социјален ангажман да биде клучен во секогаш турбулентните времиња на Балканот.

Сцена од претставта „Елеменетарни честички“ по романот на Мишел Уелбек, во драматизација и режија на Крис Шарков, во продукција на Народниот театар „Иван Вазов“ од Софија, Бугарија