1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Една од работите поради која ја сакав беше умеењето да се смее со очите. Или барем мене тоа ми личеше на умешност. Таа тоа го правеше толку лесно, небаре не може поинаку. Секако, таквата навика оставаше простор за двосмисленост, но сакам да верувам дека го имав совладано говорот на нејзиното тело. Да верувам дека немаме тајни.
Оти, да се поминат заедно дванаесет години, кои нејзе сигурно ѝ се чинеле многу подолги, значеше овладување со сите тајни на надворешниот свет. Или барем нивно разоткривање неколку мига пред другите.
Таа ја имаше онаа способност која лошите писатели – иако неточно, некој би рекол и евтино – ја припишуваат на бебињата: природна и неизвалкана дарба први да го насетуваат секое отстапување од нормалата. Каква бесмислена паралела! Бебињата секогаш го прават истото: плачат дење-ноќе како недоквакани, па кога навистина ќе се случи нешто лошо, тие навидум пророчки – а всушност случајно – испаѓаат во право. Како расипан часовник кој двапати во денот покажува точно време.
Таа правеше нешто спротивно од тоа. Само некоја посериозна дразба, некое недвосмислено нарушување на спокојството на секојдневието, можеше да го прекине комфорот на нашата физичка нежност. Да ја натера да отстапи од својата (нашата?) грациозна воздржаност кон остатокот од светот, изнудувајќи од неа еден, најчесто краток, момент на внимание, кој сепак се должешее на (себе)заштитничката предострожност отколку на вистинска заинтересираност.
Колку што беше посилен нејзинот отпор кон сето она што не беше Ние, толку стануваше поцврста нашата мала тврдина. Само таа знаеше да го препознае целиот мој дијапазон на сензации – од болка во стомакот до празнина во душата – без никаква потреба од вербална сигнализација.
Во тие дванаесет години не сакаше многу да излегува, ниту сама ниту со мене. Можеби оти живеевме во стан, којзнае. Не сакаше ни многу да се мешаме со други. Не би рекол дека се работеше за љубомора; впрочем, никогаш нема да разберам зошто љубомората служи како инстинктивно објаснување за нашата одбивност кон другите, кога има толку многу повеќе смисла дека станува збор за с а м о д о в о л н о с т.
А, да, за малку ќе заборавев да го споменам нејзиното длабоко вкоренето чувство за хигиена, безмалку до степен на возвишена самопочит, а не како некаква научена општествена норма, многу години пред Западот папагалски да почне да ја проповеда важноста на таканаречената самонега. Кога сме веќе кај Западот, вреди да ја истакнам и нејзината апсолутно декадентна незаситност: како при нашите моменти на интимност, така и за најсекојдневните нешта како оброците, кои редовно ги преждеруваше, со тоа (без да сака) штиклирајќи ја и последната современа општествена коцкичка за совршен партнер.
***
Кети ме напушти дванаесет години од моментот кога мојот поглед за првпат ги пресретна нејзините блескаво светлосини очи во локалниот пет-шоп. Тие очи веднаш ми прошепотеа „земи меее“ со истата недвосмисленост како и сите очни насмевки што следеа потоа. Оние кои не чувале мачки најчесто не знаат дека малите мачиња не умеат сами да одржуваат стабилна телесна температура. Првите неколку месеци во нашиот дом, Кети ги помина во нашата куќа од еден во друг скут; не зашто толку брзо нè засака, туку за да преживее. И со тоа веднаш ги избриша границите помеѓу своето и нашите тела, со истата леснотија со која сраснатоста што ја развивме низ годините го надмина вообичаениот однос кон едно домашно милениче, кон тоа суштество кое за нас беше сè само не туѓо.
Слики: Mark Bryan