1015 hPa
29 %
16 °C
Скопје - Пет, 10.04.2026 17:59

Што ќе се случи ако неколкупати по ред доживееме неуспех правејќи нешто што ни е важно? Дали ќе ни се зголемат или намалат мотивацијата и чувството на самоефикасност?
Со темата за научената беспомошност се занимавале психологот Мартин Селигман и неговите соработници далечната 1967 година и со својот експеримент дошле до интересни согледувања.
Селигман добил идеја да подели кучиња во две групи. Првата група кучиња биле ставени во кафез во кој не можеле да избегнат (непријатни, но безопасни!) електрошокови, додека втората група кучиња била ставена во кафези во кои од една страна добивале шокови, а од другата страна не - можеле да го избегнат електрошокот, само морале да научат како. Потоа двете групи кучиња биле ставени во ист вид кафези во кои електрошоковите можеле да се избегнат ако прескокнеле мала ограда. Кучињата од првата група по кратко движење во кафезот легнувале и квичеле од болка, не правејќи ништо за да се спасат од електрошоковите. Втората група кучиња набрзо сфатила дека со прескокнување на оградата можат да се избегнат шоковите. Во секој следен обид втората група сè побрзо го наоѓала излезот, додека кучињата од првата група пасивно се откажувале веднаш на почетокот, не обидувајќи се да пронајдат начин за избегнување на електрошоковите.
.jpg)
Оваа појава на пасивно прифаќање на непријатните ситуации се нарекува научена беспомошност. Најчесто е предизвикана од уверувањата на личноста дека нема смисла да се обидува да ја промени ситуацијата зашто ништо нема да постигне со тоа. До вакви уверувања често доаѓа заради низа претходни неуспеси и недостаток на контрола кои потоа предизвикуваат губење на мотивацијата и чувството на самоефикасност. Уште поголем проблем настанува кога личноста со такви уверувања генерализира и во ситуации во кои објективно би можела да преземе нешто, но прерано се откажува.
Познато е дека луѓето се наклонети да создаваат впечатоци и да донесуваат заклучоци за разни ситуации кои ќе им се случат ним или на луѓето околу нив. Заеднички назив за заклучоците или значењата кои им ги припишуваме на однесувањата или настаните е атрибуции. Преку атрибуциите луѓето сакаат да ја подобрат способноста за предвидување на идните настани врз основа на претходни искуства, а притоа често ги одредуваат и нивните причини.
Чувството на беспомошност се појавува кога неуспесите се атрибуираат како стабилни („Секогаш сум неуспешна, подобро веќе да не се обидувам“), внатрешни („До мене е, лоша сум и неуспешна“) и глобални („Неуспешна сум во сè, најдобро да се откажам“) чинители. Лицата кои се наклонети кон ваков начин на атрибуирање имаат зголемен ризик за развој на депресија и други психолошки пречки.
.jpg)
Освен начинот на атрибуирање, чувството на беспомошност исто така го поврзуваме со лицата кои имаат изразен надворешен локус на контрола. Локусот на контролата е наш личен впечаток за тоа колку контрола имаме во сопствениот живот. Доколку сметаме дека контролата е во нашите раце и дека можеме да го промениме она што не ни се допаѓа, а да го задржиме она што ни се допаѓа, имаме внатрешен локус на контрола кој преку истражувања се покажал како заштитен фактор на менталната благосостојба. Од друга страна, надворешниот локус на контрола се однесува на тоа дека личноста чувствува дека нема контрола над сопствениот живот и дека нејзиното задоволство, односно незадоволството, е условено од надворешни фактори (судбината, среќата, другите личности околу неа). Надворешниот локус на контрола е ризичен фактор во настанувањето разни психолошки пречки како депресија, анксиозност и научена беспомошност.
Лицата кои имаат одреден вид инвалидитет воедно се и ризична група за развој на научена беспомошност. Нивната зачестена потреба за помош на другите во разни секојдневни ситуации може да го намали доживувањето на контролата и управувањето со сопствениот живот, што последично ја намалува и нивната иницијатива за преземање контрола или изнаоѓање решение. Во тој контекст, лицата со инвалидитет често имаат надворешен локус на контрола, што може да предизвика поголема пасивност, незадоволство и потешка самореализација.
.jpg)
За чувството на научена беспомошност често придонесуваат и најблиските членови на семејството или стручњаците кои се занимаваат со благосостојбата на лицата со инвалидитет. Важно е да се биде внимателен за квантитетот и квалитетот на пружањето помош на лицата со инвалидитет. Понекогаш, со најдобра намера, токму најблиските лица пружаат дури и премногу помош, што лесно може да остави впечаток дека личноста не мора да прави ништо за да постигне одредена цел. Тогаш успехот што го постигнува личноста повеќе го припишува на надворешните (помошта што ја добива) отколку на внатрешните фактори (упорноста, трудот), односно, постигнатите резултати не им ги припишува на сопствените позитивни особини, вештини и моќта. Во такви ситуации лицата со инвалидитет потешко ја согледуваат можноста за влијание на одлуките кои се однесуваат на нивниот живот и немаат чувство на контрола - што последично ја поткрепува научената беспомошност и се создава јазол од кој понекогаш е многу тешко да се излезе. Заради тоа, исклучително е важно соодветно да се поддржуваат и зајакнуваат лицата со инвалидитет.
Зајакнувањето на лицата со инвалидитет е комплексен и динамичен процес кој бара трпеливост и време. Прифаќањето или уважувањето на лицата со инвалидитет е првиот чекор кон чувството на задоволство и преземање контрола. Зајакнувањето преку донесување одлуки би требало да почне во семејството - зашто семејството е тоа кое најчесто креира средина во која ќе се поттикне зајакнувањето. Нештата што се од голема помош за намалување на чувството на беспомошност се слободата, автономноста и одговорноста. Слободата се креира преку информирани избори и планирање на животот со потребна поддршка. Неподреденоста на некого или нешто само преку сопствената тешкотија и самостостојното управување со сопствените ресурси, активности и животни одлуки, е манифестација на автономија. Освен тоа, чувството на одговорност е важен дел од прифаќањето на сопствената улога во заедницата и целисходноста преку вработување, припадност кон здруженија, образование или активно учество во заедницата на други начини.
Важна е свесноста дека тешкотиите на лицата со инвалидитет никако не треба да бидат пречка за нивното прифаќање како полноправни лица кои со својата сила и своите способности можат многу да придонесат во заедницата во која живеат. Со својот пристап, ставовите и информираноста, ги намалуваме предрасудите и многу можеме да влијаеме на квалитетот на животот, задоволството и самореализацијата на лицата со инвалидитет.
.jpg)
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Virginia Mori
Извор: https://nepopularna.org/