16. Лошиот Тито?

08.06.2009 11:39
FuzzyB.jpg

Од каде да започне идеолошкото заздравување? Во следниве четири поглавја (од „Лошиот Тито?“ до „Голи Оток“) се сумирани неколку цензорски феномени, познати за историчарите, можеби и за пошироката публика, но сеедно, важни да се повторат.

Ако постоеше цензура во Југославија, таа се однесуваше единствено на овие четири теми:

1) не смееше да се напаѓа култот на Тито,
2) не смееше да се пишува за Блајбург и за сродните настани,
3) не смееше да се доведува под прашање начинот на кој беше изведена југословенската револуција во Втората светска војна, и
4) не смееше да се пишува на национални теми.

(Дури и Голи Оток не беше сосема забранета тема, барем по 1985 (?!). Сите други теми беа релативно отворени за критика.

Но токму затоа што постоеја само овие четири генерално цензурирани теми, тие се симптомот врз кои се формираше Југославија. Секоја сериозна критика мора да започне од овие точки на забрана.

* * *

Во рускиот документарен филм „Тито, посмртна автобиографија“ (2003) на Сегеј Костина, личниот лекар на Тито, Предраг Лалевиќ, во една сцена соопштува дека кога Маршалот го посетил Хамбург, градоначалникот на Хамбург ја подигнал чашата за да му наздрави на Маршалот и го прашал: „Знаеме дека пред 50 години бевте работник во Германија, и се прашувам, што ќе се случеше, ако останевте тука?“ Тито му одговорил: „Ќе бев најголем капиталист од сите“. На состанокот во Неапол од август 1944 Тито му вели на Черчил дека не сака во Југославија да воведе комунизам. Тоа не е само дел од игрите на Тито со Британија и со Сталин. Постојат бројни сведоштва за Тито како најголем југословенски капиталист. За благосостојбата на Тито се грижеле помеѓу 1.000 и 1.500 лица: телохранители, технички персонал, готвачи, екипи со лекари, масерки, лаборанти за проверка на храната што ја јадел, воени техничари за преглед на објектите каде што престојувал и сл. [1] Во 1968 Тито за прв и последен пат, на отворањето, ја посетил подземната воена база Жељава (близу Бихаќ), која чинела 4 милијарди тогашни долари, се градела десет години, имала инфраструктура за живот и работа на илјада луѓе, a била уништена во 1992, од истата армија што ја изградила. [2]

Постојат бројни портрети за Тито, кој е најточниот? Дали е тоа творецот на идејата за „социјализам со човечко лице“, единствениот жив човек на планетата што му се спротивставил на Сталин, а останал жив? Или пак е тоа најголемиот капиталист на својата фабрика „Југославија“?

Некогашните Југословени тешко се носат со фантазмот за лошиот Тито, и ден-денес им течат лиги кога гледаат документарци за Тито и кога слушаат анегдоти за Тито. Го сакаат сè уште, речиси непроменето. Кога во октомври 2006, се славеше 60-годишнината од победата над фашизмот, претседателот на Република Македонија, Бранко Црвенковски, предложи да се подигне споменик на Јосип Броз Тито. [3]

Точно една година подоцна, во октомври 2007, меѓутоа, германскиот неделник „Билд“ објави незгоден список на десетте најголеми убијци на 20 век. Почесното последно место му припадна на Јосип Броз Тито, за кого весникот претпоставува дека во 35-годишното владеење со Југославија убил еден милион луѓе. Апсолутното прво место му припадна на Мао Це Тунг со 50 милиони жртви, второто на Сталин со 40 милиони, третото на Хитлер со 20 милиони, Ленин, на пр., е на петтото со 6 милиони, и сл. Секако дека десничарскиот „Билд“ претерува, Хитлеровото крваво конто е смалено до 20 милиони, за сметка на Сталиновото кое е дуплирано до 40 милиони. Дуплирана е веројатно и крвавата сметка на Тито. Но, тие половина милион жртви?

Според разни извори, Тито е одговорен за ликвидација на 450.000 до 600.000 политички противници. А и овие бројки се „ниски“ прогнози, во услови на немање увид во архивите, дел од досиејата на тајните служби на Југославија се уништувани во бункерите во Босна, иако тоа ми е сомнително – досието на татко ми покажува дека разузнавачките материјали се препраќани до повеќе инстанци, ако се уништувани централните архиви, невозможно е да се уништувани со иста доследност и сите општински архиви. Имајќи ги предвид советските искуства пред и по отворањето на архивите, кога бројките на комунистичките жртви испаднаа многу поголеми и од најфантастичните прогнози (од 2.3 милиони жртви на Сталин, по отворањето на советските архиви, се стигна до најмалку 20 милиони), дури лесно може да се рече дека проценките на „Билд“ за Титовите злосторства не се безпричински и не се десничарски претерани.

Во документите на американската разузнавачка служба ЦИА, кои беа декласирани од тајност во август 2006, во еден допис до Труман стои: „Тито уби повеќе од 400.000 опозиционери.“ [4] Податоците се однесуваат само на првите две децении од југословенското живеење, од 1945 до 1964. Џон Кабот, агент на ЦИА вака ја гледа Југославија во 1947 пред информбировскиот судир со Советскиот Сојуз: „(Режимот) е сомнителен, арбитрарен, брутален, нетолерантен кон различности, фанатичен и склон кон тортури, како и рускиот...“ [5]


6.600 партизани

Првите жртви на Титовата идеја паднале уште во текот на Втората светска војна. Во текот на долгите децении, ние, југословенските генерации, учевме дека Титовото партизанско движење било масовно. Вистината е дека Партијата на Тито во октомври 1940 има само 6.600 членови и околу 17.800 членови на СКОЈ. Партијата на Тито станува масовна дури во доцната 1943 година.

Повеќе од битката против фашистите, Тито водел екстензивни борби за ликвидација на својот антифашистички соперник, Дража Михајловиќ, кој исто така се борел против нацистите, а кој, за разлика од Тито, работел на принцип на саботирање и помали акции против Германците, со цел да не го влече цивилното население во непотребни загуби, кога се знаело дека германските одмазди се сурови. Движењето на Михајловиќ било далеку помасовно од тоа на Тито, а Британија и Советскиот Сојуз не го поддржуваат Тито сè до 1943. Тие ја поддржуваат политиката на Михајловиќ, главно поради тоа што тој сакал да го врати кралот кој бил во бегство во Лондон. [6] Тито имал друга стратегија, не се воздржувал од човечки загуби, бил водач на борбеното лево крило на КПЈ уште од 1937, но пред 1943 партизаните ниту се бројни, ниту се многу. Главнината од луѓето на поранешна Југославија чекале да видат која опција ќе победи, таа на Тито или таа на Михајловиќ, за да се приклонат соодветно. Кога сојузниците ја окупираат Италија, дури тогаш партизанското движење на Тито станува масовно [7] - окупацијата на Италија е најважниот датум во историјата на Титовото владеење. „Западните политичари беа склони до крај да ја обвинуваат Москва за акциите на Тито, но историските документи покажуваат сосема поинаква слика“ – вели Банац. Британија, а не Советскиот Сојуз, е прва која во 1943 за првпат го наговара кралот да престане да се договара со Михајловиќ и да се договори со Тито. Сталин само го следи Черчиловото барање да се признае АВНОЈ.

Како што Тито се завластува, така го напушта своето ултралевичарство и станува сè повеќе налик на Сталин. [8] Во 1943, по добивањето поддршка од Британија и од Советскиот Сојуз, Тито го претвора АВНОЈ во јадро на својата влада и си доделува чин маршал. Веднаш започнува со сталинизација. Веќе во почетокот на 1944 ја предупредува хрватската партизанска печатница да не создава импресија дека во Југославија се случува комунистичка револуција, што е секако двојна игра. Тито во сите свои говори подоцна, антифашизмот го споредува со југословенска револуција. Но за моментот му се чини дека е паметно да игра и на картата на Британија. Тој двоен став беше причината за доживувањето на Југославија како различна од Советскиот Сојуз, но и за либерализација на општеството во седмата и осмата деценија од 20 век. Тоа сепак не значеше дека општеството е помалку рестриктивно, југословенската верзија на комунизам била идеолошки хаотична, си можел да завршиш во затвор без причина или да бидеш толериран без поголеми последици.

[1] Lopušina, Marko (2004): KOS, Tajne vojne službe bezbednosti, Evro, Beograd, 84.
[2] Boris Oresić, “Titov aerodrom ispod zemlje”, во: Globus, Zagreb, 23.3.2007, стр.115.
[3] Ова се надоврзува на веста дека „Сојузот на друштвата Јосип Броз Тито“, заедно со Хелсиншкиот комитет за човекови права и уште неколку организации во 2005 година истакнаа проглас против „Феноменот на заживување на фашизмот“, во кој чинот на демолирање на статуата на Тито во Кумровец, беше прочитан како нов бран на фашизам, вандализирање на историскиот факт дека Тито „победнички ја водел НОБ во борба против фашизмот“. Треба да се рече, меѓутоа, дека вандализирањето споменици од комунизмот, има врска и со „бунтот“ против нерасчистените феномени од комунизмот, против немањето соодетен жртвен однос кон комунистичкото минато, види ја главата „Бронзено тело“, од оваа книга.
[4] US President, Public Papers of the Presindent of the President of the United States, Harry S. Truman (Washington, D.G.GPO, 1964, p.232). Oд текстот Robert M. Blum: Appendix A: Surprised by Tito: Anatomy of an Intelligence Failure, August, 2006, 686. Види на: http://www.necenzurirano.com
[5] Исто, 694.
[6] За овие податоци се едногласни сите странски извори цитирани во литературата кон оваа книга. Овде се наведени според книгата: Banac, Ivo (1990): Sa Staljinom protiv Tita, op. cit, 21.
[7] Американскиот агент Кабот во декласираните документи на ЦИА забележува дека „Партизаните, иако во голема мера инспирирани и водени од комунизмот, се многу хетерогена група. Ефективниот отпор кон советската доминација е поверојатно дека ќе дојде од партизанските редови одошто од опозицијата“ и дека национализмот, повеќе од идеологијата, ќе биде јадрото што ќе ги држи југословенските акции заедно и што ќе биде основа за политички гонења, но интересно е дека кога неговиот документ стигнува до Стејт департментот, потсекретарот Ачесон, документот го пречкртува со зборот „rubbish“(невредно).
[8] Banac, Ivo (1990): Sa Staljinom protiv Tita, op. cit, 27.
 

Илустрации: Мартин Мекмареј

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

15. „Подобро со 28 години во камп, одошто со 93 на слобода“ (за комунистичката носталгија)

14. Родители на вештачко дишење (за комунистичкиот сон)

13. Анестезија

12. Неутрални граѓани

11. Кремлинологијата како симптом

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

ОкоБоли главаВицФото