1011 hPa
100 %
16 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 06:59
„Сигурно сте слушнале за чудовиштата што живеат под креветот.
Излегуваат навечер - спремни да нападнат ако се осмелиш да ги вознемириш.
Некои деца се плашат, некои пак уживаат во своите мирни соништа без воопшто да помислат на нив.
Но дали некогаш сте се прашале каде се чудовиштата преку ден?
Јас знам…
Тие се кријат во моите чевли.”
Претставата на авторката Јована Зајкова насловена „Во моите чевли” ќе биде изведена на 23 септември, во 20 часот, во КСП Центар Јадро. Влезот е слободен. Местата се ограничени. Своето место можете да го резервирате во порака.
Претставата „Во моите чевли”е сплет на современ танц, актерска игра, музика, видео и елементи од кловновство.
Преку сите овие елементи, на доста невообичаен и интересен начин се раскажува приказна за соочувањето со анксиозност, страв, опсесивно компулсивно однесување и предизвиците на растењето и созревањето. Заедно, ќе патуваме низ палета на различни чевли, кои претставуваат различни карактери, предизвици и гледишта, во внимателен хармонично-хаотичен свет.
Оваа приказна во себе содржи многу хумор и може да наликува на претстава наменета за деца. Сепак, во овој лесен и шеговит пристап се крие многу силна порака за живеење со отворено срце и пронаоѓање на убавините, дури и во тешките моменти на животот.
Автор и изведувач: Јована Зајкова
Музика:
-Mozart - Lacrimosa
-Јована Зајкова - музика креирана за перформансот
Костим: Соња Геговска - Зајкова
Филм: Калин Бибан, Марко Зајков, Никола Зајков и Теодора Пејиќ - Зајкова
Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, а свој придонес во одредени фази од развојот и изработката имаа и Слаѓана Вујошевиќ, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј”, Спортски аеродром „Стенковец”, Балетско студио „Балерина” и Танцов спортски клуб „Денсерс јунајтед”.