1011 hPa
53 %
22 °C
Скопје - Чет, 03.10.2024 18:59
Излезена пред петнаесетина години, книгата на Амин Малуф „Растројството на светот“ почнува со зборовите: „Во новиот век влеговме без компас“ и продолжува дека случувањата од почетокот на 21 век наведуваат на помисла дека со светот завладеала некоја чудовишна растроеност. Ужасната карактеристика на ова планетарно нарушување е што таа се случува во повеќе подрачја истовремено:како интелектуално растројство, финансиско растројство, климатско нарушување, и конечно, најморничавото од сите – како морално растројство и изопаченост. Веднаш се посомневав дека Малуф морал да ги чита моите есеи за глупоста и за ретроградниот процес на заглупавување на светот во мугрите на третиот милениум, но по куса анализа на случајот дозволив дека за таква позајмица на човекот ќе му требаше временска машина(од проста причина што мојот циклус за глупоста е започнат некоја година подоцна).
Иако навидум некои статистики – главно врзани со порастот на БНП, или други показатели на вкупното богатство на светот што нумерички се зголемува – покажуваат и натамошен раст и напредок, особено во некои области од применетата наука и технологијата, три грамадни закани сè повеќе ја загрозуваат човечката цивилизација на планетата. Тоа се: сè поголемата нееднаквост како последица од самоубиствената алчност и неправичност на глобалниот капитализам; втората закана се климатските промени и истребувањето на живиот свет од страна на разулавеното човештво, и третата, но не и најмалата закана е милитаризацијата на Европа и очајничката експанзија на САД преку својата воена алатка НАТО, што ја турка планетата во сеуништувачка нуклеарна војна. А повнимателната мисла веднаш ја препознава првата наведена закана – капиталистичкото беснило, како причина и предизвикувач и на другите две.
Овие глобални процеси на назадување и заглупавување на човештвото се толку големи што веќе и не се видливи за обичниот човек, зашто го обликуваат сиот светоглед и ги бојат со пропагандна боја сите хоризонти, сета наша виделина. Сепак, и покрај невидливоста, овој планетарен чекор кон амбисот може да го почувствува практично секој мислечки и паметлив човек. Она што најостро се чувствува со сетилото на моралната интуиција е слабеењето, гаснењето и искривоколчувањето на вредностите врз кои модерниот свет се градеше последните векови. Тоа се вредностите на просветителството, на слободата и разумот, вредностите на еднаквоста и соработката помеѓу народите, социјалната грижа и солидарноста, вредноста и важноста на логиката, знаењето и научните факти, човечките права, правдата и правичноста.
Интересно е дека човештвото во вакви глобални кризи – а оваа во која ведро влегуваме илјади пати ги надминува сите претходни – се однесува токму обратно од она што би било логично и неопходно за спасот на цивилизацијата. Но, глупоста не е одлика само на нашето време, таа се разгорува ко шумски пожар секогаш кога концентрацијата на моќ ќе ги затруе човечките мозоци и целите општества.
Падот на моќта на расудувањето и изопаченоста на вредностите може да се следи и од поддршката што младиот фашизам го доби од развиениот запад во третата деценија од минатиот век. Интересен е ставот на Лордот Ротермер, основачот и сопственик на највлијателните печатени медиуми во Британија – „Дејли мејл“, „Дејли мирор“ и „Асошиетед прес“, за Мусолини, изречен во 1928: „Во својата земја (Мусолини) беше вистински противотров за смртоносниот отров (на комунизмот, м.з.). За Европа тој е освежување што на сите им донесе безмерно добро. Со искрено задоволство можам да се пофалам дека јас бев првиот човек со влијание на јавното мнение, што правовремено ги осветлив величествените достигнувања на Мусолини. Тој е највеличествената појава на нашата доба“.
Во тоа време, како сè уште огнен обожувач на фашизмот, Винстон Черчил му пишува на Мусолини: „Да сум Италијанец, бездруго со сите сили ќе пристапев кон Вас и кон Вашата славодобитна борба против ѕверските апетити и јарост на ленинизмот… (Италија) го даде нужниот противотров на рускиот отров. Отсега на ниту една нација нема да ѝ зафали крајното средство на заштитата (мисли на фашизмот, м.з.) против канцерозниот раст на болшевизмот“. (Се разбира дека Винстоновата љубов кон фашизмот е подоцна внимателно избришана од легендата што светот ја негува за победниците во Втората светска војна).
Овие скудоумни одушевувања од фашизмот се претворија во цврста политика на поддршка и соработка и со италијанскиот фашизам, но и со германскиот нацизам. Очајничките апели на Советскиот Сојуз во раните триесетти до Британија и Франција за формирање на сојузништво и сигурносна рамка за заштита од Хитлеровиот освојувачки милитаризам, беа одлучно отфрлени. Наместо тоа, Европа со Хитлер правеше мировни договори, спогодби за ненапаѓање и слично, отворајќи му го патот кон Советскиот Сојуз, а исто така одлучно одби и да им помогне на легалните сили на Шпанската Република во нивната битка против фашистичката алијанса на Франкистите, Италија и Германија. Во истата 1936, кога расните закони со кои германските Евреи беа произведени во подлуѓе беа веќе донесени и во сила, Западот со ентузијазам јурна во Берлин да учествува во Олимписките игри, кои беа светската реклама на злосторничкиот расизам на Хитлеровиот режим. И, на крајот, но не и последната скудоумна одлука на развиениот свет, кога во годините пред војната почна форсираното бегство на Евреите од Германија, кога тоа уште беше можно, земјите на Западот без исклучок ги затворија границите, воведоа рестриктивни имигрантски квоти, со што практично осудија стотици илјади Евреи на ужасен пат, првин во еврејските гета, па низ концентрационите логори, за да завршат во црниот чад на крематориумите.
Оваа екскурзија во времето пред безмалку цел век беше само илустрација на тезата за безвременоста на законот за масовното заглупавување во време на геополитичките бури, кога мудроста е најпотребна. Законот за правење обратно од потребното важи и ден денес, а неговото дејство го осетивме особено остро во светската криза со пандемијата на ковид-19. Во врвот на кризата, кога милиони умираа по болничките ходници и аули, кога гробјата занемаа простор, кога крематориумите занемаа гориво, група земји од глобалниот Југ побараа од развиените да ги предадат технологиите и постапките за производство на вакцините како општо добро достапно за сите. Америка и Германија, наместо да постапат во полза на правото на живот и да спасат милиони животи, одбија да ја откријат скапата и вносна формула за производство на вакцината со оправдување дека „тоа ќе му наштетело на економскиот принцип на компетитивност“. И, за да докажат дека принципите на слободниот пазар им се помили од животот, со бирократски сплетки и државен интервенционизам не дозволија руските вакцини да бидат одобрени од меѓународните агенции и така оневозможија тие да стасаат до милионите загрозени ширум светот. Ова однесување може да се објасни и со рептилската алчност на големите фармацевтски индустрии што со донации и друг вид озаконета корупција ги контролираат западните влади, но човек не може а да не се повика и на чистата глупост што мора да вирее во извориштето на ова варварско однесување на „лидерите на слободниот свет“.
И, конечно денес, кога климатските промени веќе беснеат по светот со своите уништувачки ветришта, бранови, урагани, поплави, суши, свлечишта и пожари, и кога се очекува здружување на сите земји во единствената битка за сочувување на светот, денес глобалниот Запад, најразвиените земји на планетата, заговараат тотална војна, ги прекинуваат сите комуникации со другите страни во судирите, ја укинуваат дипломатијата во полза на воените решенија без оглед на бројот на изгубени животи, ја трансформираат економијата во државно капиталистичка воена економија и отвораат нови фронтови за ескалација, радикализирајќи го животот и множејќи ги човечките права со нула како да сме веќе среде посакуваната светска војна. Парите се трошат на оружје и воени материјали, а инвестициите се насочуваат наместо за намалување на карбонските емисии, кон нови наоѓалишта на јаглен, нафта и гас. Или, накусо: безумието царува, глупоста дели памет.
Слики: The Royal Art Lodge
Извор за текстот: Слободен печат