1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
Повоените меѓународни економски организации се осмислени и формирани на конференцијата во Бретон Вудс во јули 1944 година, пред цели осумдесет години. Целта била да се избегнат катастрофалните економски ефекти на протекционизмот, кој ја продлабочил и продолжил Големата депресија и можеби довел до војна. Правилата се засновале на идеите за фиксен девизен курс, умерена царинска заштита, можности за задолжување заради решавање на привремените проблеми на платниот биланс, деполитизација на економското одлучување, како и собирање средства во богатите земји за финансирање поединечни економски проекти во сиромашните земји (во форма на Меѓународна банка за обнова и развој). На таа тема се напишани стотици, ако не и илјадници книги. Од оние што ги читав неодамна (често мотивиран од разни грижи), дозволете ми да наведам само три: „Управување со светот“ на Марк Мазовер, „Недоволно“ на Семјуел Мојн и „Цената на мирот“ од Зак Картер. Креаторите на новата економска рамка планирале да основаат Меѓународна трговска организација, што тогаш не се остварило, но било „заменето“ со Општиот договор за царина и трговија (ГАТТ), кој ги воспоставува правилата за царините, дампингот, субвенциите итн., за регулирање на светската трговија.
Системот се променил кога САД одлучиле да го напуштат паритетот на доларот и златото (во времето на Никсон), флексибилниот девизен курс го заменил фиксниот, а трговијата била значително либерализирана, во многу случаи вклучувајќи отворање капитална сметка (односно, можност за трансфер на капитал од една во друга земјуа). До осумдесеттите години од минатиот век, под влијание на револуцијата Тачер/Реган во двете земји со најголемо влијание на економската политика, падот на комунизмот и повторното вклучување на Кина во глобалниот свет, дошло до понатамошна либерализација на размената додека деполитизацијата на проектните заеми била заменета со кредити од Светската банка за структурно прилагодување, како директни готовински заеми за владите во замена за реформи во согласност со неолибералната политика.
Тоа било сигнал за отстапувањето од претходните правила за деполитизација. Кога кредитирала проекти, Светската банка навистина, или барем така се чинело, се обидувала да ги заобиколи политичките прилики и инсистирала на едноставна економска одржливост. Секако, може да се каже дека економската одржливост подразбира строги пазарни правила, но тоа не бил изричит услов. Со падот на комунизмот неолибералните правила го опфатиле целиот свет и, во поглед на меѓународниот развој, биле преточени во десет принципи познати како „Вашингтонски консензус“ (изворно ги дефинирал Џон Вилијамсон како одговор на должничката криза во Латинска Америка). Меѓу другото, правилата ги опфаќале пониските царини и забраната за дискриминација помеѓу трговските партнери (Правило број 5), намалена државна потрошувачка и елиминација на субвенциите (Правило број 1), деполитизација на економијата и отсуство на индустриски политики (Правило број 2), дерегулација на сите економски активности (Правило број 9) и приватизација (Правило број 10).
Иако се дефинирани во однос на развојната криза во Латинска Америка, овие правила начелно се применуваат на сите земји подеднакво. Според замислата на нивните основачи, здравите економски принципи „кои ги застапуваат сите разумни економисти“, а кои важат за Обединетото кралство исто колку и за Бангладеш, САД и Габон.
Таква беше состојбата до неодамна. Што и да мислиме за нив, правилата се релативно едноставни, јасни и универзални. Ги поддржуваа земјите од политичкиот Запад кои имаа апсолутно гласачко мнозинство во ММФ и Светската банка, додека само САД можеа да стават вето на одлуките што не им се допаѓаат.
Покрај актуелните геополитички тензии, меѓународната економска политика на Западот се наоѓа во процес на драматични промени. Наместо отворен светски трговски систем, сегашниот пристап тежнее кон создавање трговски блокови помеѓу политичките сојузници. Тоа е во спротивност и со првата и со втората формулација на меѓународниот економски систем, со кои се настојуваше трговијата да се одвои од политичките односи, благодарение на лекциите научени од катастрофалното искуство на политички сегрегираните трговски блокови помеѓу двете светски војни.
Актуелните политики отворено ја прифаќаат или повикуваат на политизација на економските одлуки додека економската принуда се третира како вообичаена алатка. САД во моментов одржуваат 38 режими на санкции кои влијаат на околу 50 земји, стотина ентитети и веројатно илјадници поединци. Европската унија не заостанува многу. Кина користи слична принуда во однос на неколку азиско-пацифички земји.
Барањата, а сè почесто и практиката на воведување мерки како што се индустриските политики, технолошкиот суверенитет, политички мотивираните забрани за трговија и инвестииции - ги сегментираат меѓународните односи заради геополитички и таканаречени безбедносни мотиви.
Поентата е во тоа што во пракса неолибералниот меѓународен режим, кој дебитираше во осумдесеттите години од минатиот век, е мртов. Клучните земји кои ги дефинираа неговите правила престанаа да се придржуваат до нив. Така се соочуваме со чудна ситуација во која главните архитекти и основачи на неолибералниот поредок веќе не веруваат во него и не го применуваат системот кој остатокот од светот некако сè уште треба да го почитува. Тоа е неодржлива ситуација. Невозможно е мисијата на Светската банка сериозно да ѝ приговара на некоја африканска, латиноамериканска или азиска земја заради владините субвенции, трговската дискриминација, запленувањето на имотот на политичките противници, блоковската трговија или индустриските политики, додека државите кои го формираа меѓународниот економски систем не ги спроведуваат тие политики. Контрадикцијата може да се прикрива одредено време, но не може да се игнорира вечно. Ако меѓународните неолиберални правила веќе не се сметаат за соодветна рамка за САД и Европа, дали треба да ги сметаме како добри за остатокот од светот?
На ова прашање едноставно нема актуелен одговор. Треба да се смислат и воведат нови правила или целиот систем ќе стане некохерентен и противречен до таа мера што на крајот воопшто нема да има никаков „систем“. Светот ќе се врати кон индивидуалната оптимизација на земјите според правилата на џунглата.
Оние што одлучуваат во САД и Европа ретко ги земаат предвид меѓународните идеолошки аспекти на своите одлуки, зашто размислувањето за остатокот од светот не е од особено значење за политичарите кои се занимаваат со Кина, Русија, националната безбедност и слични теми. Меѓутоа, идеолошкиот проблем на развојот нема да исчезне. Креаторите на рамката во 1944-та година сфатиле зошто е важно да се создаде систем кој им одговара на потребите и времето и води сметка за интернационалистичките, дури и космополитските тенденции. Ако светот сега се движи кон политики на национална самодоволност и национален интерес пред сè, тогаш меѓународниот систем на правила не само што нема смисла, туку не може ни да постои. Или ќе стане крајно неважен, како што беше случајот со Лигата на народите.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Musa Gumus
Извор: https://branko2f7.substack.com