1016 hPa
87 %

11 °C
Скопје - Нед, 27.04.2025 01:59
Во педесеттите години на Чарлс Стефен му била дијагностицирана шизофренија, која можеби е поврзана со неговиот необичен начин на прикажување на човечката форма.
Во цртежите на Чарлс Стефен, на човечките тела им недостасуваат коски, масно ткиво и месо. Наместо тоа, лицата и фигурите се составени од вкрстени линии кои се виткаат и испакнуваат, како пајажина пренаменета во маска за тело. Од дистанца, линиите што се протегаат од глава до пети наликуваат на грубите брчки на стебло од дрво или на крлушки на рептил.
Стриптизерка со розов градник, 1991 година
„Фигурите на цртежите на Стефен често се транспарентни”, објаснуваат од Галеријата The Good Luck во изјавата во која се опишуваат делата на уметникот, „како нивните нервни клетки и влакна да се изложени и опкружени со ореоли од сива светлина; телата и цвеќињата често се спојуваат едно во друго”.
Џет Керол во бурлескна куќа „Мал скапоцен камен”, 1989 година
Стефен е роден во Чикаго во 1927 година, како едно од осум деца. Во доцните четириесетти, по завршувањето на католичкото средно училиште, се запишал на Технолошкиот институт во Илиноис, каде студирал историја на уметност, цртање и фотографија. Неговото религиозно воспитување, сепак, се судрило со поагностичките филозофии што се предаваат на универзитетот.
Портрет на мојата мајка со наметка од тантела, 1990 година
Откако поминал околу една година на колеџ, Стефен се побунил против часот по филозофија со тоа што запалил куп од своите материјали за курсот и се заканувал дека ќе се самоубие. На испадот, разбирливо, се гледало како на нервен слом. Стефен бил исфрлен од училиште и потоа паднал во длабока депресија. Овој настан и сето тоа што следувало по него доведело до негова институционализација во државната болница „Елгин”, психијатриска болница во Илинои.
Портрет на мојата мајка со ноќна капа, 1989 година
Следните десет години Стефен се движел натаму-наваму помеѓу болницата и неговиот семеен дом. Дијагностициран со шизофренија, бил принуден да се подложи на терапија со електрошок како форма на третман. Стефен постојано цртал, околу една до три слики дневно - портрети на неговата мајка и на себе, на жени што ги сакал и стриптизети на кои малку се сеќавал. Gи цртал, не како луѓе, туку како прецизно мапирани балони во облици на животни.
Двоен портрет на мојата мајка, 1990 година
Често чкртал белешки околу неговите слики, претворајќи ги поголемиот дел од своите цртежи во еден вид дневник. На една илустрација на бурлескна танчерка, исцртана со ѕвезди кои ѝ ги покриваат брадавиците и триаголна марама на половината која ги покрива нејзините гениталии, напишал:
„Џет Керол бурлескна танчерка или попрецизно стриптизерка, Мал скапоцен камен, бурлескна куќа на државните и конгресните улици на Чикаго, 1943 година. Таа беше најжешката во тоа време, слаба девојка на околу дваесет и седум годишна возраст, со русо-кафеава коса. Какво фантастично шоу знаеше да приреди, момчињата во Чикаго доаѓаа дури од синиот остров за да ја видат...”
Алиша, акт II, 1994 година
Голем дел од уметноста на Стефен има еротски призвук, иако е пренесен низ чудна, научно-фантастична - и често донекаде андрогина - перспектива, која ги заменува човечките глави со сончогледи, стапалата со водни перки и ги спојува и претопува едно во друго машките и женските делови.
Алиша, акт I, 1994 година
Сепак, негова омилена тема била неговата мајка, со која живеел и за време и по неговата хоспитализација до нејзината смрт во 1994 година. (Стефен починал во 1995 година). Приказите на неговата мајка, иако исто така се прикажани преку неговиот специфичен и чуден стил, сепак ја доловуваат нејзината сличност, како и автентичната човечка емоција која се чита на нејзиното лице.
Автопортрет со метла, 1990 година
Стефен јавно ја искажува својата љубов кон мајка си во белешка испишана покрај еден од нејзините портрети. „Мајка ми е вистинско слатко срце за мене, човек го сфаќа тоа како што старее, како и тоа дека дури и на шеесет и една година, таа секогаш ми помагаше финансиски, никој друг во семејството никогаш не ми помагал, ниту браќата и сестрите. Се чувствував како да бев лош син кога бев помлад и мрзелив... Живеев прилично пеколен живот, жал ми е за сето тоа, би сакал да не беше така”.
Автопортрет на кој пушам со моето луле, 1990 година
Откако излегол од болница се вратил во домот од детството со мајка си, браќата и сестрите. Продолжил да црта, постојано, на кафеава хартија за завиткување, со молив во боја и графит. Ги складирал своите креации во подрумот на куќата, на крајот собирајќи толку многу што неговата сестра го натерала да ги фрли, плашејќи се дека претставуваат опасност во случај на пожар. Поради тоа, преживеале само делата направени по 1989 година. Сепак, за шест години пред неговата смрт, Стефен создал две илјади цртежи, некои високи до осум метри, кои на крајот му ги оставил на својот внук.
Акт во седечка позиција на девојка со руса коса, 1989 година
Стефен често се опишува како аутсајдерски уметник, тој нестабилен термин кој опишува уметници кои работат надвор од уметничката мејнстрим институција. Како и со многу уметници под етикетата, Стефен воопшто не се вклопува во таа категорија. Неговата борба со менталната болест и изолираните услови во психијатриската болница резонираат со дефиницијата на Лајл Рексер за аутсајдерката уметност како „уметнички дела создадени од луѓе кои се институционализирани или психолошки компромитирани според стандардните клинички норми” или „дела создадени во услови на изменета состојба на свеста, производ на немирен ум”.
Одмор во седечка позиција, акт, 1990 година
Меѓутоа, што навистина претставувала дијагнозата шизофренија во педесеттите, кога Стефен бил дијагностициран? Според многу извештаи, се чини дека тој претходно имал релативно стабилен живот. И, имајќи предвид дека студирал уметност и историја на уметност во училиште, дали уметничкото творештво на Стефен навистина е толку далеку од културниот разговор како што наведува да веруваме ознаката „аутсајдер” или „самоук” уметник?
Мојата мајка се моли со помош на бројаницата, 1990 година
Неговите пајаковидни прикази на туберозни човечки форми не се придржуваат до традиционалните правила на човечката анатомија. Сепак, тие не се толку различни од делата на другите експериментални, но сепак „инсајдерски” уметници како Хјугет Каланд, Џим Нут и Виктор Браунер.
Денот на вљубените за мајка ми, 1991 година
Иако сигурно е интересно да се повлечат паралели помеѓу ужасите на терапијата со електрошок и портретите кај кои се чини дека низ нив течат електрични струи, причинските заклучоци се невозможни. Дури и без да се дијагностицираат сликите на Стефен, доволно е фасцинантно да се набљудува неверојатниот начин на кој ги гледал нештата околу себе, како вонземјанин кој се обидува да го документира и да му даде смисла на човечкиот свет.
Аранжман во сино и розово, акт на Алиша, 1994 година
Извор: https://www.huffpost.com