Џеф Хили - заборавениот блуз виртуоз

24.09.2024 00:43
Џеф Хили

Без разлика на жанрот или културата од која доаѓа, музиката е тука за да ја слават сите. А способноста за изведување и создавање музика е подарок како ниеден друг, вашиот втор глас што можете да го користите за да се изразите на кој било начин. И ако ја имате таа дарба или барем одредена склоност да свирите или пишувате музика, треба да работите на тоа. И ништо не треба да ве спречува во тоа, дури ни физичката попреченост. Има луѓе кои успеале да ги надминат сите тешкотии и да го остварат сонот да станат професионални музичари и покрај сите предизвици или потешкотии со кои се соочувале. Во светот на гитаристите се издвојува едно име - Џеф Хили.

Би било потценувачки да се каже дека животот на Џеф бил тежок. На самиот почеток на своето патување, стар само неколку месеци, Џеф бил посвоен од пожарникарот Бу Хили и неговата сопруга Ивон од Торонто, Канада. Иако никогаш не дознал кои се неговите биолошки родители, неговите посвојувачи му ја дале сета љубов и поддршка.

Меѓутоа, на само седум месеци Џеф го изгубил десното око поради ретинобластом. А само четири месеци подоцна, поради истата состојба му било отстрането и левото око. Така, уште во првата година од својот живот Џеф бил целосно слеп и морал да носи окуларни протези до крајот на својот живот.

Сепак, неговиот дух бил силен и почнал да свири гитара кога имал само три и пол години. Својот прв инструмент го добил на Божиќ, 1969-та година. Откако развил уникатен стил на свирење, држејќи гитара хоризонтално во скутот, конечно добил шанса да го покаже својот талент за време на ТВ интервју кога имал само девет години.

Неговото слепило на воопшто не било пречка за Џеф и неговата страст кон музиката и ништо не можело да застане помеѓу него и неговите соништа. Сфаќајќи го потенцијалот на својот талент, Џеф го формира својот прв бенд Blue Direction во 1979 година, кога имал само 13 години. Младите момчиња свиреле преработки во барови и клубови во нивниот роден град Торонто, дури и во познатата џез локација Colonial Tavern, каде што свиреле Б.Б. Кинг, Мајлс Дејвис, Вили Диксон и Оскар Питерсон.

Но, летото 1985 година, Хили се нашол во центарот на вниманието и добил покана да настапи во Алберт Хол во Торонто со легендарните Алберт Колинс и Стиви Реј Вон. За младиот Хили тоа била огромна чест.

Само неколку месеци подоцна бил формиран The Jeff Healey Band, со Џо Рокман на бас и Том Стивен на тапани. И веднаш по нивниот прв јавен настап, бендот имал чести концерти низ Торонто. Една работа водела кон друга и момците конечно независно го издале својот прв сингл со песните „Adrianna“ и „See The Light“.

Но, една од најголемите почести во кариерата на Џеф била кога го запознал семоќниот Б.Б. Кинг во 1986-та година, означувајќи почеток на силно пријателство во светот на блуз музиката.

Моќното блуз трио снимило вкупно пет студиски албуми помеѓу 1988 и 2000 година. Но, по објавувањето на нивниот последен албум „Get Me Some“, Хили го пренасочил своето внимание кон својата друга страст - џезот.

Новоформираните Џез Визардс на Џеф Хили го објавиле своето деби „Among Friends“ во 2002 година. Следувала уште една феноменална класична џез плоча во 2004 година, насловена „Adventures in Jazzland“.

Следните години бил на турнеја и настапувал заедно со легенди како Бони Рајт, бендот The Allman Brothers, Стив Лукатер, па дури и Иан Гилан од Дип Парпл.

Џеф беше страстен музичар, со многу енергија и ги надмина сите очекувања со тоа што имаше многу успешна кариера. Но, за жал, кон средината на 2000-те се соочи со рак на белите дробови. По операцијата во 2007 година за последен пат настапи со Џез Визардс на 2 февруари 2008 година, во Годрич, Онтарио. Почина само еден месец подоцна.

Некои велат дека за добро да свирите блуз треба да доживеете некои страдања во животот. Можеби Џеф Хили беше доказ за тоа - неговиот живот беше далеку од лесен, но свиреше со голема страст и длабоко трогна безброј фанови на блузот ширум светот.

Ќе го паметиме по неговиот необичен стил на свирење, држејќи ја гитарата рамно во скутот и левата рака над нејзиниот врат. Иако мошне неконвенционално, тој нагласуваше дека тоа му било сосема природно и дека така почнал да свири уште во детството.

Тоа му овозможи интересен и разновиден пристап кон свирењето, можеше да свири со сите пет прсти од раката. И иако виткањето жици може да изгледа тешко во оваа положба, тој го правеше тоа со леснотија, дури и со палецот.

Без разлика низ што поминувате, колку тоа и да изгледа тешко, никогаш не треба да се откажете од љубовта кон свирењето и пишувањето музика. Џеф е жив доказ за тоа. „Воопшто не жалам за ситуацијата во која се наоѓам“, рече во едно интервју. Џеф Хили сè уште е инспирација за гитаристите ширум светот.

ОкоБоли главаВицФото