Збор за симетријата и фашизмот

24.09.2024 02:20
Збор за симетријата и фашизмот

Кога ќе помислам дека би требало да пишувам за блутникавата и понижувачки банална политичка стварност мацедонска, мозокот ми рипнува нагонски во обратна насока, кон општочовечки или филозофски теми, или, конечно, кон што и да е само да е далеку од животоважните теми на најстарата овоземна цивилизација и колевка на супериорната бела раса на мацедонски надлуѓе. Така и без некоја цврста намера или соодветна подготовка често ќе се најдам во ситуација да размислувам за лесни и левтерни теми од областа на филозофијата, теми на кои најголемите умови во историјата си ги искршиле забите. На пример, за денешното писание зедов да го разрешам едниот и единствен основен принцип врз кој се востановени сета етика и естетика – задача лесно совладлива и едноставна, сосем доволна за да ѝ се посветат два-три пасуси од овој кус есеј.

Елем, како што тоа Кант веќе елегантно и ненадминато точно го дефинирал во својата „Критика на чистиот ум“, аксиоматските вистини или принципите што служат како темели на логичките градби на геометријата, математиката и сите рационални филозофски и научни системи, се проекција односно одраз на начинот на кој функционира и е структуриран човечкиот ум. Евклидовите аксиоми се најстариот пример за саморазбирливоста на овие недокажливи ставови чијашто интуитивна вистинитост е најубедливиот доказ дека тие не се вистинити поради нивната објективна присутност во материјалниот свет, туку се директен одраз на начинот на кој човековиот ум спонтано го спознава просторот околу него.

Во таа смисла, етиката и естетиката како филозофски дисциплини се само обиди за рационализација на човековите еволуциски изградени интуиции за доброто и правичното, како и за убавото и складното. Интересно е дека обете интуиции, кои инаку одлучуваат за повеќето од сите судови во секој човечки живот, од коишто, значи, во вистинската смисла на зборот, ни зависи судбината, среќата, просперитетот и задоволството во животот, се темелат на еден единствен принцип. Во етиката тоа е принципот на еднаквоста, додека во естетиката тоа е истиот принцип искажан како принцип на симетријата.

Симетријата, клучниот поим и во естетиката и во етиката, поимот околу кој најдобро може да се дефинираат и еднаквоста и рамноправноста, но и убавината и ускладеноста, потекнува од старогрчкото symmetria кое најбуквално означуваше сомерливост, рамномерност, пропорционалност или ускладеност во односите помеѓу разни елементи, делови од целина или помеѓу деловите и целината. Со време, сложеното и динамично значење на поимот во геометријата и во другите науки, но и во говорот, го поприми своето најелементарно и најстатично значење – како еднаквост од двете страни на оската.

Дека принципот на симетријата е клучен во самиот начин на кој природата ги креира сложените живи суштества е сосем очигледно, зашто практично сите посложени форми на живот се изградени најмалку врз основа на една оска на симетријата. За инсектите, птиците, рибите, водоземците и цицачите не треба ни да се трошат зборови: кај нас симетричноста на граѓата е и законот на позитивната природна селекција. И животните со „попримитивен“ говор од нашиот и посиромашна свест – кои сите од ред го имаат чувството за препознавање на симетричноста како убавина – но и ние луѓето, вертикалната оска на симетријата и убедливата еднаквост на левата и десната страна (или нееднаквоста што најдобро се преправа како симетричност), е безмалку елиминаторниот услов некој да се смета за убав.

Се разбира дека обратниот принцип од симетријата кај живите суштества обично означува некаква патологија. Ова е најочигледно кај движењето и одот, зашто асиметријата таму ја нарекуваме куцање или кривење и укажува непогрешно на повреда или болест. Во оценувањето на карактерите или интелектуалните својства на луѓето – што е една од најразвиените ментални интуиции кај најсоцијалното животно на планетата – тоталната симетричност ја деперсонифицира и дехуманизира личноста, таа се согледува како „вештачка“ или како боголико идеална, но помалку жива и човечна. Најубавите човечки примероци се асиметрични во невидливи детали, и тоа на еден мистериозен начин кој практично најдобро ја „глуми“ потполната симетрија. Потоа, како што се зголемува асиметричноста на лицето, тоа добива глупав, грд, но и злосторнички изглед, па затоа во цртежите, карикатурите и приказите што имаат намера да огрдат и озлогласат некого – личност, група, нација или раса, жртвата се накажува со зголемени и изопачени делови и уверлива асиметричност.

Симетријата, еднаквоста односно реципрочноста е исто така основен принцип и во формирањето на етичката теорија и во моралната практика, односно во препознавањето на доброто и злото, но е и многу повеќе од тоа: како и во поимањето на убавото кај животните и кај човекот, симетријата е самата суштина на моралната интуиција. Таа е вградена и во веројатно најпрецизно дефинираниот морален основен принцип на Кант, кој гласи дека човекот треба да постапува на начин што може да се примени како општо правило што ќе важи за секого и за сите. Во оваа формула е вградена слободата како автономна волја, но суштинска е еднаквоста односно симетријата помеѓу луѓето зашто однесувањето за кое важи општата применливост подразбира апсолутна рамноправност и еднаквост помеѓу луѓето, односно полн реципроцитет во меѓусебното почитување и признавање.

Кршењето на овој основен принцип на симетричноста во меѓусебните односи помеѓу луѓето, народите и државите, е најчестата причина за кавгите помеѓу луѓето, и за непријателството, сукобите и војните помеѓу државите. Деловните и мировните договори мораат да ја содржат потребната мерка на симетричност, инаку стануваат неостварливи и неодржливи договори, околу кои одново се создаваат спорови, судски тужби, арбитражи, но и војни. Несиметрични и непропорционални мировни договори предизвикуваат чувства на национални понижувања и се генератори на омраза и одмазднички политики што неретко повторно доведуваат до војни и масовни несреќи и гибел.

Познато е дека Версајскиот мировен договор потпишан на крајот од Првата светска војна одиграл не мала улога во формирањето и растот на нацистичкото движење, во доаѓањето на Хитлер на власт и во милитаристичкиот реваншизам кој беше една од движечките мотивации за втурнување во Втората светска војна. Примери имаме и во сопствениот двор: несиметричноста во третманот на Европската Унија кон одушевената кандидатка Македоња и внесувањето на билатералното прашање со Бугарија во рамката за преговорите за членство во Унијата, но и како елиминаторен услов за почеток на преговорите – што е без преседан – предизвика масовно чувство на пониженост и навреденост кај македонските ариевци.

Се разбира дека без оглед на бескрајната леснотија со која можевме да ги исполниме бараните услови и без какви и да е видливи последици да ја задржиме динамиката на преговорите и зачленувањето во Унијата, асиметричниот третман односно понижувањето кое се разгоре по бескрајната шир мацедонска закономерно го донесе фашизоидното ВМРО на власт. Конечно, и италијанскиот фашизам дојде на власт на плимата на послевоеното разочарување, и германскиот нацизам нарасна во чудовиште хрането од понижувачките мировни услови, па логично е и мацедонскиот фашизам да ја добие својата нова шанса, внимателно прихрануван од понижувачкиот третман на НАТО и неговата европска експозитура ЕУ.

И да повторам: тоа што е неспорен факт дека да бевме паметни со лесно ќе ги исполневме понижувачките услови без да почувствуваме какви и да е последици и одамна ќе бевме стуткани под крилјата на северноатлантскиот и европски змеј, не е аргумент кој може да го негира постоењето на асиметричниот и понижувачки третман на кој бевме и сеуште сме изложени. Од друга страна, на мацедонските ариевци никогаш не им недостасувале неопходните својства за развој на фашизмот: комплексот на пониска вредност, внатрешното сознание дека тој е сосем основан, понижувањето и перманентната навреденост што произлегува од претходното, и, се разбира, чистата глупавост во изобилство. И така, на крајот, и покрај исцелувачкиот излет во геометриската перцепција на филозофијата на убавото и на моралот, сепак се најдов на дното на баналната вмровска јама на Македоња Горда.

Слики: Toni Hamel

Извор за текстот: Слободен печат