1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
За исходот на претседателските избори во Америка одлучуваат оние држави во кои Републиканците и Демократите се приближно моќни. Една од нив е и Северна Каролина, иако таму Републиканците веќе извесно време имаат блага предност и победуваат.
Изборите никогаш не се само претседателски, туку се гласа и за други структури на власта. Во Северна Каролина, меѓу другото, истовремено се избира и гувернер. Гласачите во најголем број на сите гласачки ливчиња избираат кандидати од иста партија, така што и претседателскиот кандидат влијае на успехот на другите кандидати - но понекогаш е и обратно.
Постојат сериозни шанси овојпат, во Северна Каролина, Републиканскиот кандидат да го повлече Трамп надолу, да победи Харис на што досега не се сметаше и на тој начин да стекне недостижна предност и да стане претседателка. Бидејќи, судејќи според сè, прашањето за победникот ќе се решава на ниво на неколку проценти излезени гласачи, таквото сценарио делува сосема реално.
„Мартин Лутер на стероиди“
Републиканскиот кандидат за гувернер на Северна Каролина е Марк Робинсон, кој веќе се наоѓа на висока државна функција. За местото кандидат се избори лесно, со поддршка од Доналд Трамп кој за него рече дека е „подобар“ од Мартин Лутер Кинг, односно дека е како „Мартин Лутер Кинг на стероиди“.
Имено, Марк Робинсон е црнец. Исто така е курпулентен, со моќен глас и појава. Самоуверен е, драматичен во настапот и, очигледно, ужива медиумско внимание, во улога на политичар, која ја презеде пред само неколку години. Пред тоа работел различни, сосема обични работи, и тоа мошне неуспешно (три банкроти). Републиканците брзо и лесно го приграбија зашто понуди најретка и најдрагоцена комбинација на особини кои ги имаат републиканските политичари: темна кожа (во Северна Каролина црнците се околу 20 проценти од населението и традиционално се демократи), конзервативни гледишта и впечатлива појава.
Во таа тријада најпроблематичен елемент беше неговиот конзервативизам и до неодамна тоа беше клучната причина што Робинсон во истражувањата на јавното мислење не успеваше да го премине демократскиот кандидат за гувернер Џош Стајн. Неговиот конзервативизам е екстремен во однос на социјалните прашања. Робинсон вели дека тој „не прави компромис кога станува збор за абортусот“, не се согласува со исклучоци во случаите на силување или инцест. Потоа, дека „би требало да се уапсат трансродовите лица кои користат женски тоалети“ и патем забележа дека тие се „ѓубре“. Ги исмеваше децата кои преживеале престрелки во училиштата и ги критикуваше нивните настапи во медиумите („се проституираат во медиумите“, „многу се арогантни“, „родителите треба да им покажат на децата каде им е местото“).
Таквиот екстремизам често оди под рака со разни теории на заговор, кои може да ги овозможи само целосното непознавање на светот во кој се живее. Имено, во 2018-та година Марк Робинсон на фејсбук профилот објави дел од својот говор во кој, меѓу другото, вели: „Чиста будалаштина е тврдењето дека Хитлер им го одземал оружјето на милиони Евреи и потоа сите ги пратил во концентрациони логори“.
Со оглед на другите два елементи од тријадата, тоа не беше доволно Републиканците да кренат раце од Робинсон. Најпосле, беше и остана доволно добар кандидат и победи на изборите за заменик гувернер.
Филмски пресврт: „Перверзен“ „црн расист“
А тогаш се случи пресврт, според својата природа сосема „филмски“ - се покажа дека конзервативизмот на Робинсон крие нешто што му е сосема спротивно. На почетокот на септември медиумите ги преплави мошне бизарна приказна: кон крајот на деведесеттите и во текот на двеилјадитите, значи во ерата на мобилните телефони, експанзијата на интернетот и лесно достапната порнографија, Марк Робинсон бил редовен посетител на продавници за порнографски видео касети во кои се изнајмувале кабини за приватни проекции. Ги посетувал секојдневно. Во просек пет дена неделно. После работа, попладне бил во закупена кабина. Луѓето кои работеле таму велат дека бил ценет и драг клиент.
Се покажало дека тоа е само почеток. Неделава Си Ен Ен објави дека од 2008 до 2012 бил редовен посетител на порнографскиот сајт Nude Africa и активно учествувал во нивните форуми на кои, неочекувано, се водат дисксии за широк круг теми. Си Ен Ен не пренесе што сè објавил Робинсон таму - зашто тоа би било премногу за широката публика - но пренесе доволно: за себеси рекол дека е „црн расист“, дека „повеќе го сака Хитлер отколку гомната кои се сега во Вашингтон“ (во тоа време претседател бил Барак Обама). Потоа: „Ропството не е лошо. Некои луѓе треба да бидат робови. Би сакал тоа да се врати. Сигурно би купил неколку робови“.
Споменувал и дека сака да гледа секс во кој учествуваат трансродови лица и во тој контекст себеси се нарекувал „перверзен“ и згора на тоа изнесувал и разни други детали од својот интимен живот. И најпосле, за Мартин Лутер Кинг рекол дека е „ебено комунистичко копиле“ и дека е „полош од црв“.
Сè се претвори во циркуз. Колку заради радикалниот пуританизам беше проблематичен кандидат, толку заради крајното лицемерие почна драматично да заостанува зад демократскиот конкурент.
Меѓутоа, во склад со имиџот што сака да го проектира, а можеби и заради својот карактер, Робинсон не е подготвен да ја повлече кандидатурата. Во петокот во интервју со новинарот на Си Ен Ен, Ендру Качински, тврдеше дека сè што се пишува во медиумите не е точно, дека сè е дело на хакери, вештачка интелигенција, манипулации. Наскоро потоа исчезнаа сите негови постови од порнграфскиот форум. Но затоа се појави нова информација: Робинсон одамна е активен член на сајтот Ashley Madison кој посредува при запознавање мажени и женети членови кои бараат партнери за брачна измама.
Сите вулгарности и сите валкани нешта секако ќе се пренесат и на Трамп. Демократите веднаш направија телевизиски спотови во кои потсетуваат дека Трамп го прибра Робинсон. Сите упатени коментатори изнесуваат слична проценка: доволно е само неколку проценти од републиканските гласачи во Северна Каролина да одлучат дека целиот тој склоп за нив можеби сепак е премногу дегутантен и да се дистанцираат од Трамп или да одлучат воопшто да не гласаат, и шансите да победи Камала Харис драматично ќе се зголемат.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Emad Hajjaj
Извор: https://vreme.com/