Елиза Сaгс: Малата голема жена

25.09.2024 11:49
Елиза Сaгс: Малата голема жена

Елиза Сагс на шеснаесетгодишна возраст

Во Америка во 19-от век Елиза Сагс го постигнала незамисливото: како обоена жена со попреченост, се стекнала со образование. За нејзиниот живот нема многу информации. Најмногу што можеме да дознеме за неа е од нејзината книга „Сенки и сончев сјај”.

Родена е на 11 декември 1867 година во Илинои како четврта ќерка на некогашните робови Џејмс и Мелинда Сагс. Четири месеци по нејзиното раѓање, кога ја доживеала првата серија на скршеници, било откриено дека има кршливи коски.

На почетокот Елиза изгледала како секое друго дете сѐ додека, кога била стара само неколку недели, нејзините родители не сфатиле дека нејзините коски неверојатно лесно се кршат. Секогаш кога една ќе заздравела, се кршела друга, постојано во текот на шест години. Во една ситуација ракувањето со нејзината сестра предизвикало скршеница на раката.

Најверојатно Елиза имала потежок облик на генетско нарушување на сврзните ткива наречено остеогенеза имперфекта, бидејќи и најмало движење предизвикувало кршење на коските, што тогаш се нарекувало „екстремен случај на рахитис”. Болеста ѝ го оневозможувала одењето и го запрела нејзиниот раст.

Таа пишува дека „никогаш немала можност да ги искуси задоволствата на детството“, можела само да ги гледа другите деца низ прозорецот, а понекогаш не можела дури ни да седи исправено. Лекарите се обидувале да ја лекуваат, но тоа не помагало многу, бидејќи тие не можеле да разберат каков е хендикепот на Елиза.

Никој не верувал дека ќе живее многу долго, до тој степен што нејзината погребна облека била подготвена, стоела во домот каде што таа можела да ја види, глетка со која морала да се соочува секој ден.

Како возрасна личност тежела само 23 килограми и била висока околу 84 сантиметри. Поради својата болест не можела да си игра со своите врсници, но успеала да оствари една работа - да оди на училиште и да стекне образование.

По еманципацијата, нејзиниот татко станал свештеник во Методистичката црква и во 1886 година го преселил своето семејство во Орлеанс, Небраска, каде неговите деца можеле да се образуваат во Методистичката богословија.

Фотографија на Елиза и четири од нејзините сестри (оние кои биле живи во времето кога била објавена книгата)

За да може да учи заедно со другите деца на нејзина возраст, мајка ѝ или сестрата Кејт ја носеле по скалите до училницата и по часовите доаѓале по неа и ја враќале дома.

Во Америка, по граѓанската војна за обоените деца со физичка попреченост како Елиза, било сосема невообичаено да се образуваат. Стекнатото образование претставувало голем подвиг на Елиза.

Образованието ѝ дало можност да напише книга за нејзината семејна историја, нејзиното воспитување и животот со osteogenesis imeprfecta. Нејзината книга „Сенки и сончев сјај” е објавена во 1906 година и вклучува четири поглавја, од автобиографското „Скица на Елиза” до „Сцени од ропството” засновани на сеќавањата на нејзината мајка.

Последното поглавје во нејзината книга насловено „Сцени од ропството”, се состои од низа анегдоти за суровоста и тешкотиите на ропството. Овие приказни на Елиза првично  ѝ ги кажала нејзината мајка, а таа ги објавила како доказ за ужасите што ги дозволувал робовладетелскиот систем.

Вклучени се описи на понижувањата што ги трпеле робовите на лицитација и болката од присилното одвојување од семејствата што често ја придружувало продажбата на робови на новите господари. Најшокантната анегдота опишува жена која по еманципацијата се мажи за помлад маж, за подоцна да дознае дека тој е нејзиниот син кој како дете бил продаден на друг господар.

Елиза јавно ја исповедала својата христијанска вера, ја поддржала мисионерската работа во Африка и движењето за трезвеност. „Да бев силна и здрава како другите деца... можеби немаше да го спознаам Бога”. Можеби сега не би трагала по задоволствата на светот”.

Поради својата вера, Елиза особено ги отфрлала предлозите дека може да заработи прикажувајќи се себеси како куриозитет (што во тоа време била вообичаена опција за обоените луѓе со попреченост):

„За мене никогаш не претставуваше искушение да учествувам во претставите или за пари да се изложувам себеси во музеј... таквите места не се за мене. Бог сака да живеам за него, а тоа не можам да го правам таму. Треба да бидам одделена од светот.”

Придружувана од нејзината сестра Кејт, Елиза присуствувала на разни собири, вклучително и на конференции за трезвеност, црковни служби и состаноци во камповите каде што говорела за својот живот, своите страдања и посветеноста на христијанството.

Елиза Сагс починала на 29 јануари 1908 година и била погребана на гробиштата во Орлеанс.

Гробот на Елиза Сагс

Извор: https://www.disabilityhistorysnapshots.com

ОкоБоли главаВицФото