Почина оперската пејачка Ирена Кавкалевска

25.09.2024 14:07
Почина оперската пејачка Ирена Кавкалевска

Денес, на 25 септември, на 51-годишна возраст, почина оперската пејачка Ирена Кавкалевска, мецосопран во Националната опера и балет (НОБ), објави нејзиното семејство. Погребот ќе се одржи в петок во 12 часот, на градските гробишта во Бутел.

Добитничка на неколку награди и школувана во Македонија, Софија, Грац, Загреб, Кавкалевска дебитираше на сцената на Македонската опера и балет во 1996 со улогата на Мадалена во „Риголето“. Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а нејзиниот репертоар зборува за успешни изведби во „Кармен“, „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Јулиј Цезар во Египет“, „Севилскиот берберин“, „Лилјакот“, „Иван Сусањин“, „Цар Самоил“.

„Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што ја толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ја долови фаталната женска привлечност“, е една од рецензиите на музичката критика за креацијата на уметницата во познатата опера на Жорж Бизе.

„Нејзината појава беше особено ретка, како на сцената така и во приватниот живот. Зрачејќи со својата елеганција, нежност и благородност, остави голема трага во срцата на публиката и колегите. Истовремено, беше и силен борец во сите животни премрежја. Прераната смрт на почитуваната и драга Ирена Кавкалевска за Македонската опера и балет и воопшто, за севкупниот културен живот, претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации“, велат од НОБ.

Извор: https://sdk.mk

ОкоБоли главаВицФото